Британско разузнавање: Огромни загуби на Русија во Украина
30 мај 2022Британските разузнавачи известуваат дека Русија веројатно претрпела „погубни загуби“ меѓу нејзините офицери од среден и понизок ранг во инвазијата врз Украина. „Командантите на бригадите и баталјоните се селат на линијата на фронтот, изложувајќи се на личен ризик, бидејќи се одговорни за акциите на нивните единици“, се вели во соопштението на британското разузнавање.
Според британски извори, тоа се должи на недостигот на добро обучени и овластени подофицери, какви што има во западните армии. Затоа помладите офицери треба да ги водат тактичките операции. „Загубата на значителен дел од помладата генерација професионални офицери веројатно ќе ги влоши актуелните проблеми со модернизацијата, командата и контролата“, предвидуваат британските разузнавачи.
„Со оглед на бројните веродостојни извештаи за локални немири меѓу руските трупи во Украина, недостигот на искусни и доверливи офицери веројатно дополнително ќе го намали моралот и ќе ја утврди лошата дисциплина“, заклучува разузнавањето.
Руски загуби во Украина
Руското Министерство за одбрана од Москва веќе два месеци не известува за жртви на руска страна. Последното објавување е од 25 март, кога биле пријавени 1.351 жртва. Денеска, 30 мај, Украина објави дека руските жртви надминале 30.000. Британското разузнавање пак не исклучува дека во текот на трите месеци од инвазијата врз Украина, Русија веројатно претрпела ист број жртви како и Советскиот Сојуз за време на деветгодишната војна во Авганистан - околу 15.000 луѓе. Кон крајот на април, рускиот независен медиум Медиазона објави дека се убиени 317 руски офицери во војната, откако ги истражиле сите извештаи од различни региони. Меѓу нив се и двајца руски генерали во Украина, генерал мајор Андреј Суховецки и Владимир Фролов. Украинските власти тврдат дека загинале вкупно осум руски генерали.