1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина на работ на економски амбис

Роман Гончаренко/ Ж. Ацеска25 февруари 2015

За да избегне државен банкрот и да добие странски кредити, Украина драстично ги зголеми цените на енергијата за приватните домаќинства и ја скрати социјалата. На голем дел од населението му се заканува сиромаштија.

https://p.dw.com/p/1EgcC
Фотографија: picture alliance/AP Photo

„Дали можеби треба да престанам да јадам?“ Киевскиот пензионер Валери се обидува да се насмевне, но неговиот глас оддава горчина. Неговата пензија изнесува околу 30 евра. Но, поради инфлацијата, за овие пари тој се‘ помалку може да купи. Досега владата во Киев предвидуваше годишна стапка на инфлација од 13 проценти, во меѓувреме ја корeгираше нагоре и очекува двојно повисока инфлација.

„Актуелниот буџет, усвоен во декември минатата година, се базираше на приходи кои сега се покажуваат неостварливи“, вели Роберт Кирхнер од германската советодавна група кај украинската влада во разговор за Дојче веле. Покрај растечката инфлациска стапка, во Киев владее попесимистичка прогноза и во врска со брутодомашниот производ во пад. Затоа, украинскиот парламент сака да изврши ребаланс на буџетот на 3 март.

Лавовски дел од неговата, и за украински услови крајно скромна пензија, Валери троши на струја, вода и греење. За останатите давачки речиси не остануваат пари.

„Не знам што ќе правам по покачувањето на цените“, вели тој.

Зголемена цена на гасот за 280 проценти

Валери, исто како и милионите други Украинци, со загриженост ги следи вестите за претстојното зголемување на цените за приватните домаќинства. Од први март електричната струја ќе биде поскапа за 40 проценти. Трошоците за греење наскоро треба да се повисоки за 60 насто. Посебно драстично ќе скокне цената на гасот. Претседателот на Украинската национална банка, Валерија Хонтарева, најави дека гасот ќе поскапи за 280 проценти.

Причина се преговорите околу новите кредити со ММФ, во прашање се 17,5 милијарди американски долари. Украина сака да ги прошири постојните договорени кредити и нивниот рок на отплата да го продолжи од две на четири години. Голем дел од парите на источноевропската земја и‘ е потребен за отплата на поранешните кредити. Само Русија до крајот на годината побарува 3 милијарди долари. ММФ покажа подготвеност да излезе во пресрет на Киев. Но, како предуслов, Украина меѓу другото мора да спроведе зголемување на цените за приватните домаќинства. Одлуката на ММФ се очекува на почетокот на март.

Ukrainische Familie Wirtschaftskrise Leiden Holzfeuer
Се‘ повеќе Украинци се греат на дрваФотографија: DW//L. Rzeutskaya

Националната валута гривна во пад

Од крајот на 2013 година Украина балансира на работ на државен банкрот. Своевремено владата на проруски ориентираниот претседател Виктор Јанукович призна дека државната каса е празна. По смената на власта во Киев и избувнувањето на оружен конфликт во источна Украина, состојбата драматично се влоши.

„Поради војната во Украина не доаѓаат никакви инвестиции“, констатира економистот Кирхнер. Државната валута гривна брзо губи на вредност.

Владата во Киев на крајот на декември планираше курс од 17 гривни во однос на доларот - на годишно просечно ниво. Два месеца подоцна, оваа прогноза мора да се корегира, на 21 гривна. Но, и овој курс реалноста веќе го надминува: еден американски долар во киевските менувачници во меѓувреме се продава за над 30 гривни.

Штедат сите слоеви на населението

Додека од една страна цените растат, владата од друга страна сака да ги скрати социјалните давачки. Минималната пензија, на пример, треба да биде зголемена дури од декември 2015 година.

„По гласањето во парламентот за новиот буџет, Украинците ќе треба уште повеќе да го затегнат ременот“, вели економскиот експерт Андриј Новак од Киев во разговор за Дојче веле. „Голем дел од населението ќе се најде на другата страна од границата на сиромаштија.“

Загриженост не владее само кај луѓето со ниски примања. Погодени се и оние со подобра заработувачка, како семејството Савчук. Брачниот пар Игор и Марија, двајцата на крајот на 30-та, со своите три деца живеат во сопствена куќа во близина на главниот град на Украина. Игор е ситен претприемач, неговата жена останува дома со децата. И тие се загрижени поради штедењето.

Wasser- und Gaszähler einer ukrainischen Familie
Висок раст на цените на гасот и водатаФотографија: DW//L. Rzeutskaya

„Размислуваме дали да инсталираме котел за парно греење на био-маса, но тоа е многу скапо. Или ќе ја редуцираме нашата потрошувачка на гас на минимум.“

Војната како невкалкулиран ризик

Набљудувачите во Киев се прашуваат како се‘ полошата економска ситуација ќе се одрази врз расположението во земјата. Една третина од населението е подготвена да издржи уште една година, под услов, да има реформи, гласи резултатот на испитувањето кое го спроведе тинк-тенк групата од Киев, Расумков центар. Но, речиси исто толку Украинци, 29 проценти, не се подготвени да прифатат никакви натамошни назадувања. Нивниот став е - ситуацијата веќе е неиздржлива.

Економистите предупредуваат притоа на војната како невкалкулиран ризик.

„Ако конфликтот продолжи, владата ќе мора повторно да ги корегира издатоците за војската и плаќањето на странските кредитори“, вели Андриј Новак. И Роберт Кихнер гледа слично: „Кога војната ќе престане, парите ќе бидат доволно.“ Но, кога тоа ќе се случи, никој не може да предвиди. Досега долготрајно примирје во источна Украина се чини малку веројатно. Многумина познавачи напролет очекуваат нови борби меѓу проруските сепаратисти и украинската армија.