1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гаши: Сите заедно го браниме македонскиот идентитет

Анила Шука
18 октомври 2024

Претседателот на македонското Собрание Африм Гаши од Берлин порача дека владејачкото мнозинство е подготвено веднаш да ги вметне Бугарите во Уставот, но бара предвидливост на процесот.

https://p.dw.com/p/4ly4w
Африм Гаши
Африм Гаши: Уставни измени со гаранции дека нема да има нови блокадиФотографија: DW

Немаме никаков проблем со тоа Бугарите да бидат дел од Уставот, но, очекуваме гаранции дека веднаш потоа нема да има следен услов, порача од Берлин претседателот на македонското Собрание Африм Гаши. Во разговор за ДВ, Гаши вели дека во владата нема дилема дека треба да се продолжи европскиот пат на земјата што побрзо.

Откако Албанија изминатата недела и формално ги започна преговорите за членство во ЕУ, Гаши вели дека и официјално Скопје сака процесот да продолжи што побрзо.

„Вие знаете дека блокадата од Бугарија се однесува на историски и идентитетски прашања. Ние и денеска во СР Германија сме дојдени токму поради таа тема. Сакаме што побргу да се одблокира тој процес.

А ние сме подготвени Бугарите во Уставот да ги вметнеме веднаш. Мислам дека имаме целосен или поконкретно голем консензус околу тоа дека немаме никаков проблем со тоа Бугарите да бидат дел од Уставот. Но, нашиот проблем е со предвидливоста на процесот, и гаранциите дека веднаш после тоа ќе нема следно прашање или следен услов кој се однесува на историски и идентитетски прашања кои мислиме дека се тешко решливи на политичките маси на преговарање“, вели Гаши.

Можеме сами да се договориме

Откако Бугарија експресно ја отфрли понудата на унгарскиот премиер Виктор Орбан за посредување во спорот со Скопје, дали Германија би можела да се вклучи како олеснувач?

„Ние мислиме дека како две соседни држави имаме капацитет да седнеме и да се договориме, но секако, секаква помош е добредојдена за нас. Ние не ги бираме пријателите кои сакаат да ни помогнат, за нас е битно процесот на евроинтеграција да продолжи што побргу, и што побрзо да станеме членка на ЕУ“, вели Гаши.

Владината коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, вели тој, е единствена во однос на приближувањето кон ЕУ и работи интензивно да се одблокира процесот.

„Што се однесува до идентитетската компонента, иако тоа не ги тангира Албанците, добро е што не само Албанците, туку сите граѓаните на државата без оглед на етничката припадност, сите заедно стоиме во одбрана на македонскиот идентитет и затоа мислиме дека овој процес треба да продолжи и Македонија што побрзо да стане членка на ЕУ“, вели Гаши за ДВ. 

Гаши во Берлин се сретна со претседателката на германскиот Бундестаг, Барбел Бас, со пратеници и претседателите на парламентарните комисии, Михаел Рот, Антон Хофрајмер и Дирк Фопел, како и со министерката за Европа во германското МНР, Ања Лирман. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема