1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиПолска

Борба за медиумите во Полска: Опозицијата зборува за „пуч“

Јацек Лепјарц
23 декември 2023

Јарослав Качински ги деградираше јавните медиуми на ниво на гласноговорници на неговата партија ПиС. Владата на Доналд Туск сака да ја врати контролата, но наидува на отпор. Кој ќе надвладее?

https://p.dw.com/p/4aUJo
Полска медиуми ТВП
Полицајци во холот на ТВП во Варшава на 20 декември 2023 година, откако политичарите на ПиС ја окупираа зградатаФотографија: Wojtek Radwanski/AFP/Getty Images

Осум години информативниот канал ТВП-Инфо беше главното оружје во информативната војна што националконзервативната партија Право и правда (ПиС) на Јарослав Качински ја водеше против демократската опозиција и сите неистомисленици во Полска. Главната задача на телевизијата беше да го оцрни поранешниот опозициски лидер и нов полски премиер Доналд Туск, понекогаш како германски агент, понекогаш како руски агент, со цел да ги намали неговите шанси за успех на парламентарните избори. Заклетвата на централнолевичарската влада пред една недела не смени ништо - агитацијата против Туск и неговата коалиција уште повеќе се зголеми.

Гледачите лојални на ПиС, за кои ТВП-Инфо често е единствениот извор на информации, во средата (20.12) доживеаја непријатно изненадување. Малку по 11 часот, среде пренос за наводните прикриени махинации на новата власт, преносот беше исклучен. Наместо тоа, се емитуваше историската серија „Круна на кралевите“, преземена од првата програма. Веб-страницата на станицата, исто така, одеднаш исчезна.

Непосредно пред тоа, министерот за култура Бартломиј Сиенкиевич објави дека ден претходно ги разрешил шефовите на управните и надзорните одбори на Телевизија Полска, Полско Радио и новинската агенција Полска Агенција Прасова (ПАП) и ги заменил со нови раководни тела. Трите медиуми се акционерски друштва во целосна сопственост на државата. Затоа, министерот за култура дејствуваше како извршен орган на сопственикот. Нов директор на ТВП е Томаш Сигут, искусен новинар кој во медиумот работеше до 2015 година.

Полска | заклетва на новата влада
Новата полска влада под премиерот Доналд Туск (напред десно) при давањето заклетва на 13 декември 2023 годинаФотографија: Pawel Supernak/PAP7dpa/picture alliance

Парламентот бара медиумски реформи

Веќе во вторникот (19.12), централнолевичарската коалиција во парламентот донесе резолуција со која ја повикува владата да го врати „правниот поредок, објективноста и чесноста“ во јавните медиуми. Причината за одлуката беше тоа што овие медиуми во изминатите осум години извршувале пропагандни задачи за владиниот табор и на општеството му дадле „целосно лажна слика за реалноста“ и по смената на власта.

Конзервативците на Качински не се подготвени да се откажат од „своите“ медиуми без борба. Одлуката на министерот за култура ја сметаат за незаконска и зборуваат за „пуч“ и „напад врз медиумите“. И не се останува само на зборови.

Полска медиуми ТВП
Окупација на зградата на ТВП од страна на политичарите на ПиС на 20 декември 2023 година во ВаршаваФотографија: Wojtek Radwanski/AFP/Getty Images

Политичарите на ПиС го окупираа седиштето на ТВП

Од вторникот вечерта, пратениците на ПиС се во седиштето на ТВП во Варшава, меѓу нив и лидерот на партијата Качински и поранешниот шеф на владата Матеуш Моравјецки. На почетокот се зборуваше за „окупација“, подоцна за „парламентарна контрола“. „Протестираме за да ја одбраниме демократијата, бидејќи нема демократија без плурализам на медиумите и без силни медиуми кои ја критикуваат власта“, ги објасни своите мотиви Качински.

Протестот продолжи и во четвртокот вечерта. Во медиумот неколкупати била повикана полиција. Неколку портали објавија дека дошло до тепачка при проверка на личните карти. ПиС во меѓувреме доби поддршка и од претседателот Анджеј Дуда. Во интервју за Радио Зет, Дуда одлуката на министерот за култура ја нарече „грубо кршење на Уставот“. Ова е „незаконско дејство, ова е анархија“, рече тој во четвртокот (21.12).

Полска медиуми ТВП | Јарослав Качински
Јарослав Качински (во средината) учествува во окупацијата на зградата на ТВП на 20 декември 2023 година во ВаршаваФотографија: Wojtek Radwanski/AFP/Getty Images

Орбан како пример

По успехот на претседателските и парламентарните избори во 2015 година, десничарскиот популистички табор околу Качински ја постави контролата врз медиумите и судството како главна цел на својата политика. Медиумската политика на Виктор Орбан во Унгарија послужи како модел. Создавањето на новото тело во 2016 година, Националниот совет за медиуми (РМН), му овозможи на ПиС да изврши кадровска чистка во јавните медиуми и нивната работа да ја усогласи со партиската линија. Повеќе од 200 новинари беа отпуштени или самите дадоа оставки.

Јацек Курски беше поставен на чело на ТВП - творец на идејата за кампањата против Доналд Туск во 2005 година. Во тоа време, вработените во изборниот штаб на ПиС започнаа гласини во медиумите дека дедото на Туск некогаш доброволно се пријавил за германскиот Вермахт. Под надзор на Курски, програмската линија на главната информативна програма Виадомошчи, беше едноставна: осуда за опозицијата, пофалби за владата и молк за скандалите.

„Ние вршевме пропаганда на ниво кое е полошо од 1970-тите. Овој народ е понижен“, самокритички изјави неодамна Марчин Волски, вработен во ТВП-инфо.

Полска протест медиуми
„Слободни медиуми“: Протест против присвојувањето на јавните медиуми од страна на ПиС во Варшава на 10 февруари 2021 годинаФотографија: Aleksander Kalka/ZUMA Wire/picture alliance

Како награда, Курски минатата година беше испратен во Вашингтон како претставник на Полска во Светската банка, со годишна плата од еден милион злоти, што е еквивалент на околу 230.000 евра - без оданочување. Во вторникот тој беше разрешен од новиот полски министер за финансии.

Како дел од „реполонизацијата“ на медиумите на ПиС, државната нафтена компанија Орлен пред три години купи повеќе од 100 регионални весници и онлајн портали од издавачката групација Пасау и ги претвори во пропагандна алатка. Независните уреднички тимови беа соочени со кривични тужби и веќе не добиваа налози за рекламирање. Во рангирањето за слободата на печатот на Репортери без граници, Полска падна од 18 место во 2015 година на 57 место оваа година.

Приватните медиуми, особено телевизијата ТВН, останаа трн во окото на националните конзервативци. Обидот за соборување на американскиот сопственик пропадна поради претседателот Анджеј Дуда. Плашејќи се дека односите со главниот сојузник на Полска, САД, ќе се влошат, шефот на државата стави вето на тоа.

Нема веќе пропаганда

„ПиС знае дека нема шанси да го задржи своето влијание врз ТВП. Прашање на време е кога ќе мора да го прифати поразот. Целта на овој политички театар е да ги мобилизира своите верни гласачи“, пишува Михал Шулджински во умерено конзервативниот весник Жечпосполита.

И покрај протестите на пратениците на ПиС во седиштето на ТВП, новиот уреднички тим на Виадомошчи се подготвува за своето прво појавување. Во среда (20.12.2023 г.) во 19:30 часот, на првата програма на ТВП не се емитуваше никаква информативна програма. Наместо тоа, Марек Чиж, кој треба да ги модерира новите Виадомошчи, ги покани гледачите за четврток вечер. „Нема да емитуваме пропаганда, туку ќе нудиме искрени, професионални и чесни информации“, рече новинарот кој ја напушти ТВП-Инфо во 2016 година. „Наместо пропагандна супа, ќе се испорача чиста вода“, најави Чиж.

Овој текст првично беше објавен на ДВ на германски јазик

DW Korrespodnent Jacek Lepiarz
Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.