1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна лимузина и црвен тепих за Груби

18 декември 2024

Најновиот бегалец може, а не мора да се врати, но останува горчливото сознание дека со безбедносните информации во Северна Македонија се тргува како на берза. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4oHe4
Северна Македонија Артан Груби
Артан Груби (архивска фотографија)Фотографија: P. Stojanovski/DW

По шест години приказни за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, во Северна Македонија повторно се водат дискусии за бегство на ново звучно име. На господинот Артан Груби, му текнало 10 минути пред полицијата да му упадне дома, дека има неодложна и итна работа во Косово. Бидејќи тој како скромен прв вицепремиер во претходниот состав на владата немаше свој автомобил, живееше само од плата, некако баш кога му се приодело на Косово пред вратата на неговиот дом се паркирала темна лимузина со отворена врата. Не знаеме дали на влезот во лимузината имало кратка дискусија меѓу возачот и совозачот за тоа дали е подобро патникот да влезе во багажникот. Но со оглед дека тој бил слободен граѓанин, без истрага или судска пресуда, сепак Груби се одлучил за господско возење како што му доликува на поранешен вицепремиер, прв меѓу еднаквите.

Што се однесува до граничниот премин меѓу Северна Македонија и Косово, таму на Груби му послале црвен тепих за да не се лизне на патот кон Приштина. Веќе е добро познато дека рампите на овој граничен премин се многу лесни. Не тежат како на пример рампите на граничните премини со Грција или Бугарија. Лесно се дигаат, а уште е полесно ако се знае дека во лимузината се возат многу важни личности. Меко стиснување на копчето и иднината на патниците се отвора, непопречувана од никого, синилото на хоризонтот блеска, а резервната татковина е подготвена да го прими својот нов станар. Таков успешен епилог можеби заслужува и шампањско како симболика на истечената информација од МВР.

Веќе е дегутантно е да се алармира

Во меѓувреме станува мачно сознанието дека тие можат да побегнат од нас, но ние не можеме да побегнеме од нив и нивните (не)дела. Милионските суми проневерени буџетски пари, со секој нов откриен случај го прекинуваат доводот на кислород на државата, а сите нас нѐ ставаат во подредена положба наместо да си ги гледаме своите животи, да исчекуваме дали ќе платат за криминалот што го сториле. Досегашното искуство главно покажа дека кривичните прогони во Северна Македонија завршуваат во стилот „велики обрт, мала зарада“. Веќе стана дегутантно да се алармира за тоа затоа што откако едниот бран ќе помине доаѓа нов бран на ненаситни функционери и заштитени мечки за кои мислиме дека водат држава, а тие воделе оро на криминал.

Грижата за тоа дали ќе се врати Артан Груби од „случајната“ визита на Косово и дали се видел таму со неговиот политички татко Али Ахмети, толку ја преокупира јавноста што не ни виде дека вчера (17.12.2024) Албанија, која беше сопатник на Македонија кон ЕУ, ја одржа третата меѓувладина конференција од преговорите за членство во европското семејство. Северна Македонија, пак, остана заглавена на првата меѓувладина конференција, а со оглед на црвените линии на премиерот Христијан Мицкоски, во скоро време нема да има напредок на ова поле. За тоа време и Црна Гора ги затвори преговорите во три поглавја и напредува кон ЕУ со сите пречки кои ги има на тој пат вклучително и најновите најави за вето.

Државната политика на нашата земја станува сериозна пречка за нејзиниот развој, а за наша несреќа луѓето кои бегаат кога се покренува против нив кривично гонење, ја обликуваат таа политика и им нанесуваат трајни штети на своите граѓани. Тие прават злоупотреби а потоа бегаат оставајќи ги граѓаните да живеат со последиците од нивните криминали. Груби, кој во реакцијата по неговото ставање на црна листа од страна на САД, порача дека е „чист како солза“, не остана да го докаже тоа тврдење низ правните процедури, туку избра да се дислоцира од државата, ризикувајќи истите фотографии со кои го легитимираше неговото вицепремиерско портфолио да се најдат на полициските потерници и така да се заокружи неговата политичка кариера.

Срамот е на сите

Бегствата од државата, кои ги имаше и во минатото, а прв мислам дека го скрши мразот еден министер за здравство, ќе ја позиционираат Северна Македонија на долготрајна црна листа во регионот и пошироко. Сторители на тешки кривични дела како што се убиства, организиран криминал, трговија со луѓе или шверц на дрога, бегаат од секоја земја. Но ретки се државите од кои бегаат политичари откако органите на прогонот ќе почнат да се занимаваат со нив. Така тие политичари самите влегуваат во лигата на тврдокорни криминалци, слично како еден што избега, па беше фатен во Турција откако овде беше обвинет за убиство на тинејџерка.

Тоа е поразително за угледот на нашата земја бидејќи фактот што во политичката галерија имаме ликови кои се дел од подземјето, резултира со недоверба кај останатите држави со кои нашата земја е упатена на соработка. Освен тоа, се гледаат и недостатоците во функционирањето на безбедносната структура штом така лесно бегаат личности кои се познати како на локалната така и на регионалната јавност. Ликот на Артан Груби не се симнуваше од телевизиите, како и впрочем претходно Никола Груевски и нивните лесни бегства укажуваат на неспособност или на корупција во полицијата. Артан Груби може, а и не мора да се врати, но останува горчливото сознание дека со безбедносните информации во Северна Македонија се тргува како на берза.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар