Тешки економски услови за малите економии поради Трамп
30 декември 2024Мултилатералните институции како Светската трговска организација (СТО) не се од особен интерес за Доналд Трамп. Според него, тие се против интересите на САД.
„Тој смета дека долгорочната потрага по компромиси во меѓународните организации е чисто губење време“, изјави за ДВ поранешниот германски амбасадор во Пекинг, Михаел Шефер.
Два сосема различни погледи на светот се толку спротивставени, што првиот мандат на Доналд Трамп, гледано од денешна перспектива, може да изгледа прилично безопасен за неговите трговски партнери.
Сосема поинаков поглед на светот
„Мислам дека имаме сосема различна филозофија за тоа како функционира меѓународната заедница. Европа е најдобар пример за група на многу хетерогени држави кои во текот на многу векови биле вклучени во конфликти и војни“, објаснува Шефер.
Европската заедница е основана со цел да се прекине овој маѓепсан круг на војни и конфликти.
„Создаден е систем на правила со меѓусебни обврски и права, кој не е насока само за Европејците, туку и за сите други организации“, додава германскиот дипломат.
Ова се однесува на однесувањето на државите во однос на надворешната политика, безбедноста и економијата. Но, со Трамп работите функционираат многу поинаку.
„Неговата политика 'Америка на прво место' значи дека, колку што е можно, договорите со трговските партнери се склучуваат преку директни преговори, каде што тој има предност благодарение на силата на САД“, вели поранешниот германски амбасадор во Кина.
Мрачни изгледи за помалите земји
Дали ова го загрозува крајот на меѓународниот поредок каков што го знаеме? Ова би имало особено драматични последици за помалите земји од глобалниот југ, вели Херберт Дитер, трговски експерт во Фондацијата за наука и политика.
За овој економист, кој моментално предава во Бангалор, Индија, иднината на мултилатералниот светски поредок виси на конец.
„По распадот на Советскиот Сојуз, верувавме дека е можно решавање на наднационален проблем. Но, тоа веќе не е можно во ерата на формирање на геополитички блокови“, вели Дитер за ДВ.
„СТО е во навистина тежок период, тaа е сенка на самата себеси. Иако сè уште постои, веќе нема функционален механизам за решавање спорови. Затоа перспективите за мултилатералниот трговски поредок се навистина мрачни“, заклучува експертот.
Економистката Пени Голдберг од Универзитетот Јеил се согласува: „Мултилатерализмот е во повлекување, а Светската трговска организација е во криза“.
Хорор сценарио: Колапс на СТО
За трговските експерти, сломот на Светската трговска организација би имал видливи последици и за големите играчи.
На пример, економијата на Европската унија би била погодена од колапсот на СТО четири пати посилно отколку од американските царини. Ова е резултат на заедничката студија на Институтот за светска економија од Кил и Австрискиот институт за економски истражувања.
„Последица би била пад на реалниот БДП на Европската унија за околу 0,5 отсто. Германија би била повеќе погодена, САД нешто помалку. Сепак, Кина би имала најголеми загуби“, се вели во анализата објавена непосредно пред изборите во САД.
„Доколку светот се распадне на геополитички блокови под водство на САД или Кина, загубите за ЕУ би биле значително поголеми, а за Кина уште поголеми. Во екстремен случај, кинескиот БДП би можел да се намали за околу 6 отсто на краток рок, германскиот за 3,2 отсто, додека САД би биле помалку погодени (-2,2 отсто)“, пишуваат научниците.
Со повеќе од 45 договори, ЕУ е најповрзаната економска област во светот.
„За помалите земји би било драматично“
Но, колку би било лошо за земјите кои се слабо поврзани во однос на трговијата и имаат релативно мал БДП? Одговорот е јасен: Многу лошо!
„СТО е најважна за малите, помалку моќни земји кои се потпираа на механизмот за решавање спорови на Светската трговска организација. Таа работеше многу добро со години, но сега САД преиспитуваат сè. Од 2018 година, Вашингтон одбива да го одобри назначувањето на нови судии“, вели Дитер.
Моќните актери како САД, Кина или Европската Унија би можеле да ги остварат своите интереси и без СТО.
„Но, помалите земји би страдале и би морале да се усогласат со често спорните барања на големите држави. Драматично е“, предупредува економскиот експерт Дитер.
Поранешната главна економистка на Светска банка, Пенелопе Голдберг, исто така ги гледа помалите земји како жртви на можен колапс на СТО: „Меѓународната интеграција е особено важна за малите економии. Помалите земји немаат големи домашни пазари“.
„Без трговија нема намалување на сиромаштијата“
Пред неколку месеци, во напис за берлинскиот весник „Тагесшпигел“, Голдберг нагласи колку е важен меѓународниот трговски систем, заснован на правила, за глобалниот југ.
„Всушност, неодамнешните истражувања покажуваат дека намалувањето на сиромаштијата во последните три децении се случува главно во земјите во развој кои добро се интегрирале во меѓународниот трговски систем. Мултилатералниот трговски систем навистина им донесе корист на земјите во развој“, напиша таа.
Таа истакнува дека големите економии на глобалниот југ сè повеќе ги следат сопствените интереси. „Значи, не е изненадување што отпорот кон трговските договори често доаѓа од големите земји во развој како Индија, Индонезија и Бразил."
Заостанување во Африка и Латинска Америка
Многу африкански земји имаат помалку од пет трговски договори, што е лошо за нив. На сиромашните и погодени од конфликти земји како Јужен Судан или Бурунди им се заканува назадување.
Во Латинска Америка, земјите како Венецуела, Еквадор и Боливија се слабо поврзани. Во Азија, тоа се многу земји од Блискиот Исток, делови од Централна Азија и Авганистан. Истото важи и за Монголија, која е богата со суровини.
За трговскиот експерт Хериберт Дитер, многу укажува на крај на трговскиот поредок заснован на правила под покровителство на СТО.
Тој вели дека формирањето на оваа организација во 1995 година ја зајакнало вербата за поправедна трговија, но дека, гледајќи наназад, очигледно е краткотраен исклучок.
„Веќе кон крајот на 1990-тите, САД повторно почнаа да ги следат сопствените интереси, особено преку Меѓународниот монетарен фонд“, забележува Дитер.
„Доаѓаат тешки времиња за помалите земји од глобалниот југ. Како и сите трговски партнери на САД, тие ќе мора да се подготват за сите можни сценарија“, заклучува поранешниот дипломат Мајкл Шефер.