Јужна Кореја: И владејачката партија се дистанцира од Јун
6 декември 2024Лидерот на јужнокорејската владејачка Партија на народна моќ (ППП) Хан Донг Хон и вршителот на должноста министер за одбрана Ким Сон Хо повикаа на итно решавање на проблемот во врска со неодамнешните активности на претседателот Јун Сук Јеол, вклучително и неговото суспендирање од функцијата.
Хан, кој повика на брза суспензија на претседателот Јун од функцијата, укажа на неодамна откриените информации во врска со наредбата на Јун за апсење истакнати политичари за време на неуспешното прогласување на воена состојба, предупредувајќи дека таквите „радикални акции“ може да се повторат доколку претседателот продолжи да ја извршува својата функција.
„Имајќи ги предвид новооткриените факти, мислам дека е неопходно итно да се суспендира претседателот Јун Сук Јеол од неговите должности за да се заштити Кореја и нејзиниот народ“, рече Хан.
Во исто време, вршителот на должноста министер за одбрана Ким Сон Хо изјави дека Министерството за одбрана и војската нема да послушаат никакви наредби за повторно прогласување воена состојба.
Ким ги негираше гласините кои се појавија за можен нов обид да се прогласи воена состојба, велејќи дека „гласините не се точни“.
„Дури и да се издаде наредба за прогласување на воена состојба, Министерството за одбрана и Заедничкиот штаб на војската никогаш нема да ја прифатат“, додаде Ким.
Тој, исто така, се извини поради загриженоста предизвикана од претходната вонредна состојба и вети тесна соработка со обвинителството за да ја истражи истата.
Изјавите дојдоа откако поранешниот министер за одбрана Ким Џонг Хјун, кој му предложи прогласување воена состојба на претседателот Јун, поднесе оставка.
Претседателот Јун прогласи воена состојба во вторникот, но ја повлече неколку часа подоцна откако парламентот усвои резолуција со која се бараше укинување на воената состојба.
Хан инаку не се изјасни за тоа дали во сабота тој и неговите сопартијци ќе гласаат во парламентот за предлогот за покренување постапка за импичмент на претседателот Јун, поднесен од опозицијата .