1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците - светски шампиони во боледувања?

11 јануари 2025

Вработените во Германија во просек отсуствуваат повеќе од 15 дена во годината поради болест. Веќе има повици за прекин на исплата на платите на првиот ден од боледувањето.

https://p.dw.com/p/4p1Vs
Вработените во Германија во просек отсуствуваат повеќе од 15 дена во годината поради болест
Вработените во Германија во просек отсуствуваат повеќе од 15 дена во годината поради болестФотографија: DW

Не требаше долго за да пристигнат реакциите откако Сојузниот завод за статистика објави дека просечното боледување во Германија е 15,1 дена во 2023 година. Германија сега е „светски шампион кога станува збор боледувања“, критикуваше извршниот директор на осигурителната групација Алијанц, Оливер Бате. Со тоа се зголемуваат трошоците во здравствениот систем. Дали Германците се нација на симуланти?

Маркус Бејер, претседателот на Сојузното германско здружение на лекари по општа медицина, жестоко се спротивставува. Тој за ДВ вели: „Не, ние не сме народ на симуланти. Деновиве го гледам токму она што го покажаа оценките на здравствените осигурителни компании во последните неколку месеци во мојата пракса: се повеќе луѓе доаѓаат на ординација со акутни инфекции. Ова е делумно ефект по пандемијата“.

И претседателот на лекарското здружение Клаус Рајнхард ги гледа зголемените инфекции како главна причина за рекордниот број на болни луѓе. „Не се случува во големи размери“ луѓето да „глумат“ болест. Од  пандемијата на коронавирус,  повеќе луѓе генерално земаа боледување поради заразни болести. Аспектот да се води грижа да не се заразиме доби различен квалитет во две или три години на пандемијата.

Брановите на настинки и инфекциите со корона се една работа, но Маркус Бејер сè почесто на преглед гледа луѓе со други болести: „Она што е уште позагрижувачко е што се повеќе пациенти страдаат од ментални болести и хронични болки. Овие често се временски многу долги болести“.

Се зголемува возраста на вработените, а исто така и болестите

Кога Институтот за германска економија објави пред неколку недели дека работодавците ќе треба да издвојат рекордна сума од 76,7 милијарди евра за продолжување на исплатата на платите поради боледувања во 2023 година, лидерот на ФДП Кристијан Линднер го доведе во прашање телефонското пријавување на болеста. Од декември 2023 година, пациентите  во Германија  можат телефонски да добијат боледување од матичниот лекар најмногу пет дена. Значи, дали бројот на заболени е толку голем затоа што добивањето боледување стана толку лесно?

Здравство Германија
Дел од лекарите велат дека зголемените инфекции се главна причина за рекордниот број на болни луѓеФотографија: Robin Utrecht/picture alliance

Маркус Бејер го негира ова: „Нема апсолутно никакви докази дека високото ниво на болест е поврзано со можноста за пријавување болест преку телефон. Ова се однесува само на луѓе кои се пациенти во соодветната пракса и чија медицинска историја ја знаеме. Не доживуваме значителна злоупотреба“.

Шефот на здружението на германските општи лекари, пак, е сигурен дека воведувањето електронски боледувања до работодавачите и компаниите за здравствено осигурување е уште една причина за високиот степен на боледувања во Германија. А исто така: „Она што го гледаме е дека просечната возраст на населението и вработените се зголемува. Тоа значи и дека се зголемува бројот на хронични болести и денови на боледување“.

Боледувањата имаат последици за германската економија

Но, без разлика колку се веродостојни причините за високото ниво на болни во Германија, тие имаат огромно влијание врз земјата како деловна локација.

Пред една година, Здружението на фармацевтски компании во истражувачка студија дошло до заклучок дека  Германија западнала во рецесија токму поради тоа.  Директорот на студијата Клаус Михелсен затоа не е навистина изненаден што дискусијата за болните Германци сега повторно се појавува. Тој за ДВ вели:

„Ние сè уште сме земја со релативно високо ниво на боледувања. Германија е, така да се каже, поболна од другите европски земји. Ова има влијание врз економијата. За 2023 година пресметавме дека економскиот учинок ќе беше речиси 0,8 отсто поголем, ако бројот на болести е нормален".

Дискусија за повторно воведување на неплатен ден на боледување

Што сега му даде идеја на извршниот директор на Алијанц, Оливер Бате: Што е со повторно воведување на таканаречениот ден на чекање во Германија, односно укинување на континуираното плаќање на платите на првиот ден од болеста? Ова може да заштеди 40 милијарди евра годишно. Мисла за која неодамна се загреа и Моника Шницер, шефица на групата научници кои ја советуваат сојузната влада за економски прашања.

Предлогот наиде на критики. Германскиот сојуз на синдикати предупреди на последователните трошоци и ризикот од инфекции и несреќи поради зголемениот број на луѓе кои доаѓаат на работа болни. Синдикатот на металната индустрија го опиша како срамота и фатално да се обвинуваат вработените дека симулираат болести. „Секој што го вади предлогот за неплатен ден боледување го напаѓа социјалното осигурување и протежира завлечени болести“, рече членот на одборот Ханс-Јирген Урбан.

Матичниот лекар Маркус Бејер предупредува дека ваков неплатен ден боледување особено би ги погодило социјално загрозените лица или жените кои понекогаш не можат да работат по еден ден поради менструацијата. Клаус Михелсен од Здружението на фармацевтски компании врз база на истражување додава: „Причината зошто неплатениот ден за отсуство беше укинат во 1970-тите беше тоа што се сакаше избегнување да се заразат колегите".

Се повеќе покраини бараат алтернативи за класичниот прв неплатен ден на боледување бидејќи инфекциите во фирмите стануваа премногу распространети. Затоа, Михелсен препорачува да се погледне Скандинавија: „Во Шведска, на пример, успешно е воведен моделот на делумно боледување, кој, меѓу другото, им овозможува на луѓето да работат од дома во случај на полесни болести“.

Германија треба да направи повеќе во однос на превенцијата

Неплатен прв ден на боледување има и во Шпанија и Грција, а во земји како што се САД, Канада, Јапонија или Јужна Кореја нема сеопфатно продолжување на исплата на платите во случај на болест. Но, се смета за многу малку веројатно дека Германија, која беше една од првите земји во светот што воведе сеопфатна континуирана исплата на платите во случај на болест во 1884 година, ќе се зафати со оваа жешка тема. Регулативата обезбедува 100 проценти од приходот на вработените до шест недели од првиот ден на болеста.

Наместо тоа, Клаус Михелсен препорачува намалување на боледувањата преку превентивни мерки: „Треба да ја зајакнеме превенцијата како компонента на здравствениот систем. На пример, електронскиот сертификат за вакцинација може да помогне, тој ги зачувува вакцинациите на здравствената картичка, а не во книшка. Тогаш веднаш потсетува ако заштитата преку вакцинација не е веќе ажурирана. Мерките за рано откривање  или физиотерапијата  може да продонесат за побрзо откривање на болестите или да ги ублажат последиците."