Германија: Новогодишната ноќ како „граѓанска војна“
2 јануари 2025„Во огромното мнозинство на места во Германија, новата година започна мирно и радосно“, вака германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер ја сумираше новогодишната ноќ. Истовремено, политичарката од СПД ги осуди сите кои со злоупотреба на пиротехнички средства ги попречувале акциите на полицијата, пожарникарите и итните служби на терен. Сторителите мора да бидат казнети со целосна сила на законот, додаде Фезер.
„Ситуации слични на граѓанска војна“
Во меѓувреме се засили политичката дебата за последиците од инцидентите за време на новогодишната ноќ. Началникот на баварската полиција Јоаким Херман јавно зборуваше за „ситуации кои наликуваат на граѓанска војна“ . Тој се осврна на настаните во Берлин и во тој контекст рече: „Ако луѓе се сериозно повредени, ако цела станбена зграда повеќе не е употреблива поради употреба на експлозивни направи, тогаш црвената линија е премината“.
Заменик-претседателот на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Дирк Визе за весникот „Велт“ изјави дека е крајно време законски да се зајакне заштитата на спасувачките служби. Според Визе, поранешниот сојузен министер за правда Марко Бушман од Либералите (ФДП) не ги презел неопходните чекори во оваа работа. Тој побара од демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) „да ја прекинат политиката на блокада по ова прашање и да го поддржат предлог-законот чија цел е подобра заштита на спасувачките тимови“.
Синдикатот на полицијата е незадоволен
Синдикатот на полициски службеници (ГдП) е загрижен поради фактот што „потребен е се повеќе персонал за заштита на јавноста и членовите на службите за итни случаи“. Претседателот на тој синдикат, Јохен Копелке, забележува дека се исцрпени сите кадровски и правни можности за ова прашање. Напади врз полицајци или пожарникари беа пријавени во Берлин, Минхен, Келн, Лајпциг и Хамбург, и други градоци.
Во Берлин, според градските власти и полицијата, за време на новогодишната ноќ се повредени 37 полицајци и еден припадник на противпожарната служба. Еден полицаец е тешко ранет, а се претпоставува дека повредите ги здобил при експлозија на нелегално пиротехничко средство.
Во Лајпциг околу 50 лица нападнале полицајци со пиротехнички средства и шишиња. Во Минхен неколку стотици луѓе дивееле на новогодишната ноќ, меѓу другото, нападнале и полицајци. Портпаролката на полицијата изјави дека станува збор за околу 200 до 300 лица од ултралевичарскиот спектар.
Германскиот Црвен крст апелира граѓаните поинтензивно да се сензибилизираат по ова прашање. „Мора да се подигне свеста дека членовите на спасувачките тимови даваат важен социјален придонес за секој поединец, тоа е придонес кој спасува животи“, изјави претседателката на Црвениот крст Герда Хаселфелт за медиумската група „Функе“.
Пет мртви луѓе
И првиот човек на полицискиот синдикат Копелка го коментираше трагичниот исход од новогодишната ноќ. Пет лица загинаа при употреба на пиротехнички средства. Тој рече дека тоа е „ужасен биланс за првиот ден од новата година“. Бројот на повредени луѓе, како и видеата на социјалните мрежи, покажуваат дека за многу луѓе нормалниот огномет повеќе не е доволен, рече Копелке: „За нив мора да има се поголема експлозивна моќ, поголеми експлозии, многу оган“.
Поради употреба на нелегални пиротехнички средства, односно производи кои се користат за професионален огномет и кои не беа во продажба во изминатите неколку дена, пред се во Берлин е причинета голема штета. Според пожарникарите, во населбата Шенеберг во една поголема детонација биле сериозно оштетени бројни фасади, а пукнало и стаклото на прозорците. Луѓето мораа привремено да се иселат од 36 станови, а две лица се пренесени во болница, потврди портпаролот на берлинската противпожарна служба. По употребата на очигледно нелегален огномет на теренот, тој рече дека тоа изгледало како „бојно поле“.
„Не го поднесувам тоа мачо однесување“
Јохен Копелке од Синдикатот на полициски службеници конкретно се осврна на однесувањето на младите мажи во населбите кои се познати како социјални жаришта, односно на фактот дека таму повторно биле нападнати припадници на полицијата и спасувачките екипи. Не можам повеќе да го поднесам тоа мачо однесување на улиците и на социјалните мрежи“, рече Копелке.
Тој бара брзи последици за напаѓачите: „Во Лајпциг, Минхен, Келн и Хамбург целно не нападнаа и повредија. Мора да има брзи и опипливи последици за напаѓачите, а мора да има и последици за членовите на левата екстремистичка сцена“.