Германска надворешна политика: кризен режим и во 2025 година
2 јануари 2025Веројатно најголемиот предизвик е Доналд Трамп, затоа што идниот американски претседател веројатно ќе се откаже од многу нешта кои ѝ беа важни на претходната коалиција во Берлин под водство на канцеларот Олаф Шолц од СПД.
„Јасно е дека старата формула оти можеме да се потпреме на САД за нашата безбедност веќе не важи“, оценува за ДВ Торстен Бенер, директор на Институтот за глобална јавна политика во Берлин. Тој додава дека „не беше Трамп исклучок од правилото, туку тоа е новото правило и дека четирите години со Бајден беа последните здивови на стариот трансатлантизам“. Германија мора да се подготви за свет „во којшто треба многу повеќе да придонесуваме за сопствената безбедност во Европа и тоа во ситуација кога имаме војна на европскиот континент“, смета Бенер.
Една опција: Европа плаќа, САД испорачува оружје на Украина
Промените особено би можеле да дојдат до израз во војната во Украина. Доналд Трамп неодамна повтори дека „сигурно“ ќе ја намали поддршката за Украина и побара „неодложен прекин на огнот“.Што значи ова за Германија? Министерката за надворешни работи Аналена Бербок од Зелените на Форумот за надворешна политика во Берлин кон средината на ноември барем навести неколку работи. „Германија стои на страната на Украина без оглед на изборниот исход во САД“, рече таа и додаде дека „не може да има мировни преговори без Украинците“. Со тоа реагираше на навестувањата на Трамп дека може да постигне договор со рускиот претседател Владимир Путин за ставање крај на војната во Украина.
За да се спречи тоа, Торстен Бенер сугерира „да ѝ се пристапи на администрацијата на Трамп со понуда“ која би можело да содржи „ние да плаќаме за да продолжите да испорачувате воена опрема во Украина“. Европејците на воен план не можат да компензираат за тоа што САД ѝ го испорачуваа на Украина, но можат финансиски. За таа цел, но и општо за безбедноста, Германија според Бенер треба да троши повеќе пари, а со оглед на затегнатиот буџет тоа не е можно без ново задолжување.
Германија и Европа сега се само „гледачи“ на Блискиот Исток
Второто големо „градилиште“ на надворешнополитички план е Блискиот Исток. Соборувањето на сирискиот претседател Башар ал Асад на почетокот на декември од страна на различни бунтовнички групи ја направи ситуацијата уште покомплицирана. Радоста поради крајот на владеењето на Асад, поддржувано од Русија и Иран, во Берлин е измешана со сомнежи дали исламистите преовладуваат во Сирија и може да има нови бранови бегалци кон Европа. Но, пресвртот во Сирија е само последниот во серија важни настани во регионот.По терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и израелската одмазда во Појасот Газа и против Хезболах во јужен Либан, сојузната влада се обиде да направи баланс. Од една страна се залагаше за безбедноста на Израел како самопрогласен германски „државен резон“. Од друга страна министерката за надворешни работи Аналена Бербок во бројни посети во регионот водеше кампања за проблемите на Палестинците и за деескалација.
„Актот за балансирање не беше совршен, но ќе беше тешко да се изведе поинаку од тоа што се правеше до сега“, вели за ДВ Ханс-Јакоб Шиндлер, експерт за Блискиот Исток од меѓународната организација „Проект за борба против екстремизмот“. Целата ЕУ значително е повлечена по нејзиното вклучување во конфликтот на Блискиот Исток пред многу години. По 7 октомври 2023 година, вклучително и Германија, ЕУ „едвај има некаква тежина во дискусиите кога е во прашање носењето одлуки“, вели Шиндлер. „Тоа навистина беше американско-израелски дијалог, а Европејците во најдобар случај беа гледачи кои даваа маргинални коментари“, анализира тој.
Со идниот американски претседател Трамп се поставува прашањето „како ќе ја врзе неговата изразито произраелска позиција со целта да се стави крај на конфликтите“. Но, за Шиндлер е јасно дека „нема да се развие посилна германска или европска позиција која ќе влијае на конфликтот на било каков начин“. Во најдобар случај, во идна реконструкција на Појасот Газа и на Јужен Либан „секако може да има обид повторно да се засили европската улога преку активно вклучување“.
Кина не дозволува „попување“ од Германија
Министерката за надворешни работи се разбира беше првенствено одговорна за надворешната политика во изминатите години. Аналена Бербок од Зелените пред сѐ сакаше притоа да се води според вредности. Таа отворено зборуваше за кршење на човековите права со важни трговски партнери како Кина поради што на прес-конференцијата со тогашниот кинески министер за надворешни работи Чин Ганг во 2023 година тој посочи дека „на Кина најмалку ѝ треба учител од Запад“.
Торстен Бенер од Глобалниот институт за јавна политика верува дека надворешна политика базирана на вредности е тешко да се спроведе. „Се разбира дека е добро да има амбициозна цел за да не падне лесно во премногу валкани реално-политички компромиси. Но, мислам дека г-ѓа Бербок можеби веќе нема да ја закотви оваа цел на надворешна политика заснована на вредности на истиот начин во следниот коалициски договор“, вели Бенер.
Германците не сакаат лидерска улога
Најсилна партија на анкетите во Германија одамна е конзервативната ЦДУ/ЦСУ со нејзиниот кандидат за канцелар Фридрих Мерц. Хенинг Хоф од Германското друштво за надворешна политика смета дека не би се променило многу во однос на надворешната политика со влада под негово водство. „Ако погледнете што планираат ЦДУ/ЦСУ во однос на надворешната политика, разликите не се особено големи. Тоа е доказ за големиот консензус што всушност го имаме за надворешно-политичките прашања во Германија. Тоа е исто така стабилизирачки фактор во времиња на криза“, смета Хоф.
Постои широк консензус во германската политика дека Германија мора да игра поактивна улога во надворешната и безбедносната политика. Сепак, населението очигледно не го поддржува безрезервно таквиот став. Во анкета по нарачка на Фондацијата Кербер веднаш по изборите во САД и распадот на коалицијата во Берлин, 73 проценти од анкетираните се изјасниле дека Германија треба да инвестира повеќе во европската безбедност. Но, 58 проценти се против тоа Германија да ја преземе западната лидерска улога доколку САД се повлечат на меѓународно ниво.
Што се однесува до НАТО, во друга анкета на ЈуГов од средината на ноември, само 33 проценти се изјасниле дека Германија треба да учествува во водството на НАТО по изборот на Трамп повеќе отколку порано. 41 процент биле за подеднакво силна улога, 16 дури и за послаба од до сега.
Се чини дека нема да биде толку лесно за новата сојузна влада, без разлика кој ќе ја води, да ги убеди Германците дека треба да се преземе поголема надворешно-политичка одговорност.