1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џафери: Тие што ме критикуваат нека се погледнат во огледало

9 февруари 2024

Премиерот на техничката Влада Талат Џафери во интервју за Дојче Веле говори за превирањата во владата, проблемите со патните исправи, критиките дека е „дезертер“ и пушењето во Собранието...

https://p.dw.com/p/4cCW0
Талат Џафери
Талат Џафери: Јас не се согласувам дека се случил потрес во Владата. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Дојче Веле: Господине Џафери уште не сте се ни акомодирале во премиерското столче, а се случи потрес во Владата, едни министри веќе треба да си одат, а на нивно место да дојдат други, по расколот во Алијанса за Албанците. Што значи тоа за Владата и нејзиното функционирање?

Талат Џафери: Јас не се согласувам дека се случил потрес во Владата. Потресот е кај еден од учесниците во Владата, и тоа е работа на субјектот кој што се соочува со тоа. Работата во Владата се одвива во рамки на она што е во надлежност и обврска на Владата. Владата потполно функционира. Преземени се соодветни активности и мерки по однос на решавање на статусот на тие членови во Владата соодветно на процедурата која што е пропишана и надлежностите дадени со Устав и со закон.

ДВ: Сепак министрите Меџити и Алиу Ве обвинија и Вас за заговор против Алијанса за Албанците. Ве посочија дека Вие сте му допуштиле на Груби да ги тргне од дневен ред точките од нивните Министерства.... 

-Интерперсоналните односи меѓу членовите на Владата се нивни односи и тоа е нивна одговорност. Однесувањето на секој надвор од она што е пропишано, е во моја надлежност соодветно да постапувам. Така што не коментирам изјави на членови на Владата кои што ги даваат од име на партиите и како членови на партиите. Ако имаат нешто со Владата тоа е друга работа.

ДВ: Значи ги отфрлате таквите критики?

-Не ги коментирам, нема да се бавам со нив, туку ќе се бавам со моја работа и со мои надлежности.

ДВ: Дали ДУИ прави притисок врз Алијанса за да тргува во предизборните комбинаторики, на пример за заеднички листи?

-Јас не знам од каде ви е впечатокот за ДУИ и зошто треба јас да одговарам за тоа што прави и како прави ДУИ. Јас како претседател на Владата одговарам за Владата, а фактот што сум член на некој субјект од политичките партии тоа не значи дека сум одговорен по однос на постапувањето и односите меѓу политичките партии. Јас си водам сметка да ја водам Владата во однос на она што се законите, прописите, процедурите на функционирањето на Владата.

Тошковски не солира

ДВ: Како Ви оди, тогаш, соработката со министрите од ВМРО-ДПМНЕ? Има ли тензија?

-Соработката е соодветна, колегијална, во смисла на она што се права и обврски на сите членови на Владата и се третираат како членови на Владата без оглед од кој субјект доаѓаат. Така што, немам поинаков пристап кон нив без оглед што се опозиционо определени односно како дел од опозицијата се влезени во Владата како дел од Пржинскиот договор. И во тој контекст тие се членови на Владата со исто право и надлежност да спроведуваат она што е работа на Владата. Така да, колегијален е односот како и со сите други членови на Владата.

ДВ: Владата дискутира за решенија за промената на личните документи согласно Преспанскиот договор, но министерот Тошковски веќе презеде некои чекори. Гледате ли во тоа некоординација со Владата или негово солирање заради партиски рејтинг?

-Видете, работата во однос на документите е оперативна надлежност на МВР. И затоа тоа не може да го гледате како делување на министерот надвор од она што е определба. Владата има обврска да даде решенија за оние прашања кои што се во надлежност на Владата, а кои што не може да ги спроведе соодветното Министерство. Така што, работите јас ги гледам во смисла на она што е функционирање на системот. Во крајна инстанца тоа е одговорност на Министерството за внатрешни работи, одговорност на носителите на функциите во самото Министерство и во администрацијата која што оперативно ги спроведува обврските по однос на издавање и подготовка на документите и на процесот на издавање на документите. Така да нема причина да се гледа како обид за политички поени. 

Талат Џафери
Нема конечна одлука за процедурата за патните исправи, вели Талат ЏафериФотографија: Petr Stojanovski/DW

ДВ: Тогаш може ли да очекуваме дека ќе се средат состојбите и дека ќе се забрза таа процедура и нема многу од нашите граѓани да останат без пасоши до 12 февруари?

-Јас не можам да кажам дека сите прашања ќе бидат решени до 12 февруари затоа што од анализите што ги правиме има доста запоставување на процедурите на процесите во подготовка и реализација на процесот на издавање на документите, и во тој контекст сметам дека она што е надлежност на Владата да го регулира со соодветни одлуки ќе го регулира Владата. Но, оперативно тоа треба да го спроведе институцијата. И затоа оваа работа не зависи само од министерот, од премиерот или од Владата, ова е конгломерат на обврски од последниот вработен во Министерството до последниот вработен во Владата и таа работа мора да е искоординирана. Така што не можете да ги гледате сегментно работите кој што треба да работи. Тоа е систем кој што има хиерархија и таа хиерархија треба да функционира одозгора до долу и од долу до врвот.

Нема владина одлука за пасошите 

ДВ: Премиере дали како премиер и како влада ќе преземете можеби некои дополнителни мерки за да се олесни таа состојба, па можеби и во комуникацијата со Грција? 12 февруари е близу, а знаеме колку луѓе се без патни исправи.... 

-Најпрво ние треба да си преземеме мерки и активности кои се во наша надлежност и во наша одговорност. Не се исклучуваат комуникациите и со сите чинители што можат да го олеснат процесот, но прво битно е дека ние треба да одговориме на нашите обврски од овде за да ги спроведеме нашите обврски. Тоа што не може да се заврши е предмет на размислување и по тој пат да се искомуницираат сите фактори кои што можат да влијаат на средување на оваа состојба и да се исполнат обврските во соодветен рок, време, процедура за да обезбедиме функционалност на сите потреби на луѓето. 

Џафери: Не сме решиле што со патните исправи по 12 февруари

ДВ: Дали на 12 февруари Владата има обврска да го информира светот дека досегашните патни исправи повеќе не важат или нема таква обврска? 

-Тоа се меѓународни норми и прописи кои се во надлежност на Министерството за внатрешни работи. Ќе се направат соодветни консултации на ниво на Владата, соодветни консултации со меѓународните институции и по извршените консултации ќе се има и конечна одлука дали ќе се пристапи или нема да се пристапи кон таа процедура да се спроведе или не. 

ДВ: Значи таква одлука не е донесена? 

-Не, не може да се донесе предвреме.

ДВ: Каква е Вашата оцена за исполнувањето на Преспанскиот договор од двете страни. Северна Македонија е во овој проблем со пасошите и личните карти, меѓудругото и поради Преспанскиот договор, но од другата страна не се исполнува многу. На пример нема ниту една сообраќајна табла во Грција на која пишува Северна Македонија, туку сѐ уште пишува Скопје или ФИРОМ итн.  Колку сте Вие задоволен од исполнувањето на договорот од двете страни? 

-Па јас сум 10-ти ден на позицијата премиер и навистина не можам да ви дадам јасна и прецизна дефиниција за позитивна или негативна оценка. Во секој случај, во контекст на парламентарната комуникација и соработка мислам дека соработката е коректна па дури над коректна во смисла на позитивниот однос во комуникацијата и во перцепцијата која е направена и меѓуинституционална и меѓуграѓанска. Она што е битно е меѓу граѓаните да има позитивна перцепција за односите.

Бев министер и во влада на ВМРО-ДПМНЕ

ДВ: Господине Џафери Вашето доаѓање на премиерската функција беше проследено со многу критики од опозицијата. Ве вознемируваат ли критиките дека поради Вашето минато во ОНА не треба да сте на таква врвна функција? Дури има и критики дека од мајор во армијата сте станале водач на герила. Како се чувствувате во однос на тие критики?

-Јас се чувствувам комотно кон обврската да ги извршувам моите обврски и надлежности преземени од граѓаните преку гласањето во Собранието. Не е моја работа да се бавам со политички оценки и искажувања. И порано сум кажал, еве да повторам и за вас: Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ јас сум бил министер во влада раководена од ВМРО-ДПМНЕ, без оглед дали тоа била влада на Никола Груевски, или сегашна или чија и да е. Значи сум бил и во влада на ВМРО-ДПМНЕ ако можам така да кажам, иако владите не се на партиите туку се на граѓаните и на државата. Така да како институција не може да се присвојува, моја, ваша, или не знам чија влада. Владата си е на државата, а учесници во таа влада се различни субјекти според нашите актуелни состојби во смисла на шареноликоста на политичките субјекти кои што учествуваат во владата. 

ДВ: Ве погоди ли критиката од пратеникот Антонио Милошоски дека „еден дезертер заминал од премиерската функција а на негово место дошол друг дезертер“? 

-Ви кажав, не се оптоварувам со ничие лично кажано политичко мислење. Јас сум предодреден да ги извршувам обврските, впрочем како што сум ги вршел и во претходните институции. А по однос на критиките и она што некои ги мачи, мене ме следат тие работи од функција до функција. За мене е битно да одговорам на она што ми е надлежност и одговорноста што сум ја презел за извршување на оваа функција и сум сконцентриран пред граѓаните да ги исполнувам очекувањата оваа институција да биде функционална, да носи одлуки во полза на потребите на граѓаните. Така што не се оптоварувам со страничните перцепции, и поединечни и индивидуални. Има поговорка која вели дека секој што ќе почне да зборува за друг поарно да се погледне прво себеси во огледало. 

ДВ: Господине Џафери каде ќе биде Вашето прво премиерско патување, со кој колега премиер прво ќе се сретнете? 

-Па јас мислам дека Брисел ќе биде првото патување затоа што таму ни е колективната адреса и на регионот и како посебни држави. Интенцијата е да биде испратена пораката дека и на овој состав на Владата ориентацијата му е Брисел и Европа, и во тој контекст сметам дека тоа ни е во агендата имајќи предвид дека обврските на сите други влади во регионот се насочени кон годишната Безбедносна конференција во Минхен. Така што не е баш времето да се мисли на билатерални средби во овој период затоа што сите се подготвуваат за таму. 

Талат Џафери
Пушењето во Собранието беше грешка. Институциите нека реагираат, вели Талат ЏафериФотографија: Petr Stojanovski/DW

ДВ: Брисел побара да ја потврдите ориентацијата и на овој владин состав или Вие сакате да ја декларирате? 

-Не бараат потврда. Ние сме ја декларирале нашата ориентација и при изборот и во експозето на Владата, и соодветно е таа порака и физички да ја презентираме во европските институции. 

ДВ: Ви честиташе ли косовскиот премиер Курти на функцијата? Колку се точни гласините дека Курти и ДУИ не се сакаат? 

-Јас не ги гледам така работите. Курти е премиер на Република Косово, јас сум премиер на Република Северна Македонија. Тој избрал да ми честита преку Фејсбук, така што нема причина да ги поврзувам меѓупартиските односи со меѓуинституционалните односи. Тоа се две различни работи. 

ДВ: Значи лично не Ви се јави на телефон да Ви честита? 

-На телефон не ми се јави, тој го избра тој начин на комуникација.

ДВ: Вистина ли е дека ДУИ се плаши од популарноста на Курти како што тврди овдешната опозиција од албанскиот политички кампус? 

-ДУИ има раководна структура, ќе се обратите кај нив и ќе ви кажат дали се плашат или не.

Пушењето во Собрание беше грешка            

ДВ: Од неколку места слушаме изјави, меѓу другото и од вашиот претходник, дека претстојните избори ќе бидат избор меѓу Исток и Запад. Се согласувате ли со таквите оцени и каде го гледате влијанието на тој Исток во Македонија?

-Уште од осамостојувањето, од првиот состав на Собранието во 1993 година се донесени две Резолуции. Во нив се истакнати стратешките определби НАТО и Европската Унија. Едното е реализирано, за жал после многу изгубено време, и истото нѝ се случува сега и по второто прашање бидејќи не ја научивме лекцијата од претходниот период. 

ДВ: За крај едно само навидум неважно прашање, но се однесува на многубројните јавни реакции на протечените снимки како пушите пура во Собрание, што е навистина непријатно бидејќи Собранието го има донесено Законот за забрана на пушење, ќе се согласите дека тоа е неприлично... 

-Очигледно, има и за тоа одговор: Има соодветна институција да поднесе соодветна претставка, јас ќе понесам одговорност како и сите граѓани. Тоа беше грешка, но ете можеби атмосферата била таква и се случи тоа. Така што, не порекнувам дека тоа е нешто што не требало да се случи, затоа има институција која може соодветно да реагира и јас соодветно ќе одговорам на реакцијата. 

Џафери: Пушењето во Собранието беше грешка

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема