1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборни програми на германските партии: Eкономија и миграции

27 декември 2024

Германските партии во предизборната кампања првенствено се концентрираат на економијата, но во исто време се обидуваат да го смират стравот кај граѓаните дека Германија може да стане страна во војната во Украина.

https://p.dw.com/p/4oJKT
Германскиот канцелар Олаф Шолц
Германскиот канцелар Олаф Шолц во предизборна кампањаФотографија: Annegret Hilse/REUTERS

„Тоа е економија, глупав!" - со тој изборен слоган, Бил Клинтон победи на претседателските избори во САД во 1992 година. А може да важи и за  кратката кампања  на германските политички партии за сојузните  парламентарни избори во февруари следната година.

Германските граѓани во моментов не се преокупирани со ништо друго освен со  кризата во економијата,  која делумно е последица на војната во Украина. Луѓето се плашат од губење на работни места и високи цени.

Речиси не поминува ден без напис во медиумите за можно затворање на погони на големите компании или за поскапување. Штефан Зајдлер, кој ја претставува данската малцинска партија Јужношлезиски изборен сојуз во Бундестагот, во интервју за ДВ вели: „Тоа го чувствуваме овде, на северот од земјата. Луѓето остануваат со празни џебови, цените растат. Честопати ние повеќе не можеме да си дозволиме секојдневни работи како порано, тоа е нашиот најголем предизвик“.

Така мислат и останатите парламентарни партии. Дури четворица од нив - владејачките Социјалдемократи (СПД), нивниот помал коалициски партнер Зелените, конзервативните опозициски демохристијански партии (ЦДУ/ЦСУ) и ФДП - ги претставија своите изборни програми и во нив ставија акцент на приходите, економијата и работните места.

ЦДУ за намалување на даноците за претпријатијата

Партиите на Унијата ЦДУ  и ЦСУ планираат своевидно „ослободување на економијата“. Сакаат да го намалат данокот на доход и постепено да го намалат данокот за претпријатијата  на 25 проценти. Како и СПД, Унијата ветува дека нема да се намалат пензиите и предлага пензионерите кои сакаат да работат, дополнително да заработуваат и до 2.000 евра - и без оданочување.

Кандидатот за канцелар од ЦДУ, Фридрих Мерц
Кандидатот за канцелар од ЦДУ, Фридрих Мерц, пледира за даночни олеснувања за стопанствотоФотографија: Frederic Kern/Geisler-Fotopress/picture alliance

Проблемот е што за имплементација на идеите на кандидатот за канцелар од ЦДУ, Фридрих Мерц, би биле потребни милијарди евра, па тоа ќе биде тешко да се постигне доколку Унијата, како што планира, не ја олабави кочницата за задолжување.

Мерц моментално води во анкетите и има добри шанси да стане нов канцелар на Германија по изборите на 23 февруари.

Социјалдемократите сакаат да ја реформираат забраната за задолжување

Но, Социјалдемократите,  предводени од канцеларот  Олаф Шолц,  сѐ уште се на власт. СПД е за даночни олеснувања за компаниите за поттикнување на инвестициите. СПД исто така, сака да ја реформира кочницата за задолжување за да обезбеди милијарди евра за итно потребни инвестиции, на пример во дотраената инфраструктура. Посебен данок на имот треба да платат и богаташите со имот над 100 милиони евра.

Во Бундестагот оваа недела, Шолц најави уште едно зголемување на законската минимална плата за работен час: „Во последната кампања ветив минимална плата од 12 евра на час и тоа ветување го исполнив. Затоа се борам за минимална плата од 15 евра на следните избори.

Зелените повеќе не сакаат да бидат само партија за заштита на климата

За време на трите години од коалицијата со СПД и либералната ФДП, Зелените често беа обвинувани за преоптоварување на народот со нивните амбициозни планови за заштита на климата. Тие сега ставаат многу помалку акцент на намалување на емисиите на стакленички гасови отколку што правеа за време на кампањата во 2021 година.  Зелените, исто така,  сакаат да ја реформираат сопирачката за долгот, се залагаат за субвенции за електрични автомобили и предлагаат нов „граѓански фонд“ за обезбедување пензии, кои исто така би се финансирале и од државни фондови.

Тие предлагаат и воведување „данок за милијардерите“, како што изјави вицепремиерот и кандидат за канцелар на Зелените, Роберт Хабек, во интервју за весникот „Билд“. Според проценките на експертите, моментално во Германија има 249 милијардери. „Доколку оданочувавме само мал дел од нивниот имот, би можеле да добиеме околу пет до шест милијарди евра“, процени Хабек. Предлага овие пари, меѓу другото, да се вложат во образованието.

Кандидатот за канцелар на Зелените, Роберт Хабек
Кандидатот за канцелар на Зелените, Роберт Хабек предлага и воведување „данок за милијардерите“Фотографија: Kira Hofmann/photothek.de/picture alliance

ФДП: Залагање за нова економска политика

Слично на Зелените,  и ФДП  бара реформа на пензискиот систем. Претседателот на ФДП, Кристијан Линднер, се залага за воведување на пензиски систем заснован на акции. Драстичните барања на Либералите за суштински поинаква економска политика беа главната причина за колапсот на т.н. „семафор коалиција“ составена од СПД, Зелените и ФДП.

Многу од овие барања сега повторно се дел од нивната изборна програма. ФДП се залага за намалување на даночното оптоварување на претприемачите, намалување на високите трошоци за енергија и помала бирократија.

Страв од војна и противење на поголема миграција

Покрај економската криза, голема улога во предизборната кампања сигурно ќе има и загриженоста за мир, поради рускиот напад на Украина и прашањето за миграцијата. Кандидатот за канцелар на ЦДУ, Мерц не сака уште повеќе луѓе од Сирија да доаѓаат во Германија по падот на сирискиот владетел Асад. „Во секој случај, сега е исправно да не се прифаќаат дополнителни бегалци од Сирија“, изјави тој за јавниот телевизиски сервис АРД. Во својата изборна програма Унијата се залага за враќање на бегалците веднаш на германските граници. Како и другите партии, ЦДУ и ЦСУ бараат поконзистентна депортација на барателите на азил кои извршиле кривично дело.

Канцеларот Шолц, пак, во изборната кампања сака да го намали стравот на Германците од вклучување во војната во Украина. СПД сака да продолжи да ја поддржува Украина, но без да испорачува ракети со долг дострел кои би можеле да се користат за гаѓање цели во Русија.  Токму за тоа Мерц се залага  во последните месеци.

Другите партии во Бундестагот, како што е делумно екстремно десничарската Алтернатива за Германија, веќе порано ги претставија своите изборни програми. Во својата програма,   АфД се залага за речиси целосно запирање на целата имиграција.

Сите партии ќе ги потврдат своите програми на вонредните партиски конгреси на почетокот на следната година, пред почетокот на изборната кампања. Се очекува кратка, но жестока борба до предвремените парламентарни избори закажани за 23 февруари.