1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КултураГерманија

Кемниц и Нова Горица - европски културни престолнини 2025

Рајна Бројер
11 јануари 2025

Што бара статуа на Карл Маркс во Кемниц, иако тој никогаш не бил во градот? А, зошто Нова Горица со Гориција се смета за последен поделен град во Европа? Интересни факти за престолнините на културата во 2025 година.

https://p.dw.com/p/4on9S
Статуа на Карл Маркс во Кемниц
Статуа на Карл Маркс во КемницФотографија: Michael Nitzschke/picture alliance

Се работи за една од најголемите портрет-бисти во светот и веројатно најпозната знаменитост во градот Кемниц - споменикот на Карл Маркс. Огромна глава на филозофот и социјалниот теоретичар од 1971 година го краси центарот на градот. Првично била планирана скулптура од цело тело висока единаесет метри, но идејата брзо била отфрлена. „На Карл Маркс не му требаат ни нозе, ни раце, неговата глава кажува сè", наводно рекол советскиот скулптор Лев Кербел - и излеал череп тежок 40 тони. Народот од Кемниц од тогаш го нарекувал местото околу џиновската глава на Маркс „место на черепот“.

Но, каква врска има Карл Маркс со Кемниц? Тој лично, речиси никаква. Роден е во Трир, а починал во Лондон, значи прилично на запад и никогаш не го посетил градот Кемниц, кој се наоѓал во источниот дел на поделената Германија. Но, за владата биографската поврзаност на големиот мислител со градот не била релевантен предуслов за именувањето според него, па комунистичкото раководство го преименуваше Кемниц во Карл-Маркс-град. Ото Гротевол, премиерот на ГДР, ова го оправда со силната традиција на работничкото движење. Во очите на режимот во тоа време, градот беше модел на социјализам.

На Кемниц порано му било променето името во Карл Маркс - град
На Кемниц порано му било променето името во Карл Маркс - градФотографија: Hendrik Schmidt/dpa-Zentralbild/dpa/picture alliance

И де факто Кемниц, кој се наоѓа во источна Германија на границата со Чешка, беше водечки индустриски и работнички град - долго пред основањето на Источна Германија. Текстилната, машинската, железничката и автомобилската индустрија беа силно развиени гранки уште во 18 и 19 век. Рударството исто така придонело регионот да стане економски центар. Има зошто народот Кемниц го нарекувал „Саксонски Манчестер“ според англиската индустриска метропола.

Со распадот на комунистичките режими во Источна Европа, Карл Маркс-град претрпе не само структурна, туку и промена на името. Во гласањето 76 проценти од жителите се одлучиле за старото име. Кемниц значи нешто како „камен“ и е алузија на рударскиот регион околу градот.

За разлика од Лајпциг, Дрезден и (Источен) Берлин, Кемниц по падот на комунизмот постоеше во сенка во однос на славата и популарноста. Сепак, во 2018 година градот се најде во националниот печат. По насилната смрт на Германец по потекло од Куба, граѓаните спонтано се организираа во протести против расизам и насилството од една страна и ксенофобични маршеви на Педига и други десничарски радикални граѓански иницијативи од друга страна.

Карл Маркс - роденденот и статуата

Историјата на градот се карактеризира со многу политички и социјални пресврти и нови почетоци - и токму заради тоа особено вреди да се види и доживее.

Откријте ја различноста на Кемниц

Во 2025 година, Кемниц во Саксонија заедно со околните општини ќе стане  европска престолнина на културата.  „C the Unseen" е мотото на организаторите: до сега невиденото и неоткриеното да се направи видливо. Програмата вклучува повеќе аспекти, меѓу кои „источноевропски менталитет“, „соседство, почит, толеранција“ и „демократија, партиципација, социјална кохезија“.

Кулминација е проектот 3 илјади гаражи. Имено, за време на ерата на Источна Германија насекаде низ градот се правеле гаражи кои биле не само за автомобили, туку и места за социјален живот, или за повлекување во приватност. Приказните на индивидуалните сопственици на гаражи, кои се гледаат на изложбата на портрети #3000гаражи, раскажуваат за животот во некогашниот град Карл Маркс и за пресвртите по 1989 година.

Нова Горица, Гориција, Горица - три имиња за едно место

Тоа е новина во долгата традиција на европските престолнини на културата: две места заедно се културни престолнини – а, сепак секое за себе. Зад ова се крие приказната за последниот поделен град во Европа, Нова Горица во Словенија и Гориција во Италија.

Но, да почнеме од почеток. Местото е основано околу 1000-та година и било дом на грофовите од Горица, владејачка династија која се вбројува меѓу најважните благороднички семејства во јужниот алпски регион. Подоцна монархијата Хабсбург владеела со градот, кој во тоа време се викал Горица. Се работело за жив, космополитски град - на улиците се зборувало словенечки, италијански и германски. По Првата светска војна и падот на Хабсбуршката монархија, Горица станал италијански град и добил ново име, Гориција. Словенечкото население било асимилирано, а културната разновидност на градот била минато.

На плоштадот Трансалпина поминувала границата меѓу словенечкиот град Нова Горица и италијанскиот - Гориција
На плоштадот Трансалпина поминувала границата меѓу словенечкиот град Нова Горица и италијанскиот - Гориција, а денес ова ја симболизира поранешната поделба Фотографија: Leopold Brix/Zoonar.com/IMAGO

По Втората светска војна, победничките сили повлекоа нови национални граници токму низ градот. Иако поголемиот дел од градот остана италијански, Јосип Броз Тито, претседателот на СФР Југославија, на која тогаш ѝ припаѓаше денешна Словенија, си го бараше својот дел од градот и на соседната ливада ја изгради Нова Горица. Тоа е планиран град - обмислен на таблата за цртање, модерен и функционален.

Границата меѓу словенечка Нова Горица и италијанската Гориција  со тоа беше цементирана – семејства беа разделувани, земјиштето на ново распределувано, а недовербата растеше на двете страни. Студената војна меѓу Истокот и Западот во мал град - меѓу наводни фашисти и наводни комунисти.

Дури и по падот на челичната завеса, границата постоеше уште 16 години. Дури откако Словенија стана членка на ЕУ во 2004 година и се приклучи на Шенген зоната во 2007 година, двете места конечно можеа да работат на градење на заедничка историја која ќе достигне нова кулминација во 2025 година. Последниот поделен град во Европа може да се закити со титулата престолнина на културата.

„Без граница“ меѓу Истокот и Западот

Границата е веќе надмината, но архитектурата сè уште открива многу за историјата на ова возбудливо место - италијанскиот стар град со украсени фасади од едната страна и монтажни згради од социјалистичката ера на другата страна. Природата што го одзема здивот, од друга страна, не е под влијание на заедничкото минато - таа е единствена и во Нова Горица и во Гориција. Тиркизно сината река Соча, зелената долина Випава, мостот Солкан - најголемиот железнички мост од цигли во светот – канат на восхит и пешачење.

Мостот Солкан - најголемиот железнички мост од цигли во светот
Мостот Солкан - најголемиот железнички мост од цигли во светотФотографија: Depositphotos/IMAGO

Плоштадот што ја зацементира разделбата во меѓувреме ја симболизира поврзаноста меѓу збратимените градови. Мотото на културната програма за 2025 година „Без граници“ е повеќе од само објаснување - еден град симболично се обединува. Заеднички Нова Горица и Гориција се претставуваат како „европска престолнина на културата за 2025 година без граници“. Ова е новина во историјата на главните градови на културата.

Откривање на Европа

2025 година ќе биде година на две места кои доживеале и надминале многу пресврти низ историјата. Тие се уникатни, иновативни, разновидни и заслужуваат да бидат видени. И токму тоа е целта на  програмата Европски престолнини на културата:  да се поттикнува  културната разноликост во Европа  и во исто време  заедништвото на европските култури и чувството на европска припадност. Програмата започна во 1985 година на иницијатива на тогашната грчка министерка за култура Мелина Меркури. Кемниц е четвртиот град во Германија на кој му е доделена титулата  Европска престолнина на културата.  Отворањето е планирано за 18 јануари. Програмската книга, која беше претставена во октомври минатата година, е долга повеќе од 400 страници и содржи околу 150 проекти и 1.000 настани. Отворањето во Нова Горица/Гориција е планирано за 8 февруари 2025 година. Програмата започнува со шарена парада од железничката станица во Горица до онаа во Нова Горица.