1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои „риби“ биле во мрежата испумпувачи на фиктивен ДДВ?

15 јануари 2024

Денеска во УЈП на брифинг со новинарите ќе биде презентиран органограм за компании кои во дослух со бензиски пумпи сакале да го изиграат системот

https://p.dw.com/p/4bExB
Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска
Директорката на Управата за јавни приходи Сања ЛукаревскаФотографија: Petr Stojanovski

УЈП открила, постапила и ги алармирала надлежните институции за деловни субјекти во нафтениот бизнис кои се обиделе да испумпаат од буџетот фиктивен ДДВ, а деталната анализа на физичките лица кои стојат зад тие бензиски пумпи ќе биде презентирана денеска. Ваквиот чекор директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска го најави пред два дена.

„Ќе ја испрезентираме таа мрежа на нафтени компании којашто е во соодветен дослух со бензиски пумпи, и врз основа на тоа ќе видиме како всушност сакале да го изиграат системот. На некој начин сакале да испумпаат од буџетот фиктивен ДДВ, за што ние навремено сме алармирале, сме постапиле. Опсежна анализа имаме направено, и опсежна процедура имаме направено, вклучувајќи и попис, вклучувајќи и детална анализа на сите фактури коишто биле дел од тие деловни односи меѓу нив, детална анализа на физичките лица кои стојат зад сите тие бензиски пумпи, бидејќи тука станува збор за многу специфичен момент. Тој органограм ќе го испрезентираме. Истовремено ги известивме самите институции за да продолжат понатаму да постапуваат и да ги преземат сите потребни дејствија", изјави Лукаревска во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.

Колкави суми денари требало да бидат „испумпани“ од буџетот?
Колкави суми денари требало да бидат „испумпани“ од буџетот?Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

ВМРО-ДПМНЕ: Од каде ќе се наплати долгот?

Oпозициската ВМРО -ДПМНЕ вчера обвини дека челници на УЈП или знаеле и молчеле за целиот случај, или целосно го девастирале системот.

„Во мрежата од компании кои испумпале милиони често се менувале одговорни лица и сопственици. Во поголем број од случаите истите се лица кои што се од наши соседни земји и кои тешко се лоцираат. Буџетот е оштетен, а државата тешко без кривично гонење ќе може да ги поврати исплатените милиони, бидејќи компаниите преку кои се штанцани фиктивните фактури и се испупмани пари немаат имот за од истиот да се наплати долгот", посочија од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму обвинуваат дека државните институции кои се задолжени да го контролираат тоа, изминатите години не презеле никакви мерки.

„Симптоматично е и тоа што досега не се преземени дејствија со кои ваквите случаи ќе бидат спречени и условите за вакви криминални дејства ќе се доведат на минимум, а не сега кога веќе се испумпани милиони по основ на поврат на данок од Буџетот, со контролите да се покаже слика дека институциите делуваат на сузбивање на криминалните мрежи“, реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Управата за јавни приходи преку соопштени остро ги демантираше наводите од страна на ВМРО ДПМНЕ, наведувајќи дека се изнесуваат невистини за работата на УЈП и постапката која што ја водат надлежните институции за злоупотреба на даночниот систем.

Седиштето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Скопје
Седиштето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во СкопјеФотографија: DW/Petr Stojanovski

„Изнесувањето неточни и лажни информации од страна на ВМРО-ДПМНЕ со кои се манипулира и доведува во заблуда јавноста, нанесува штета на работењето на УЈП. Институциите како и досега за сите случаи постапуваат согласно своите надлежности, и тоа го прават во интерес на граѓаните“ соопшти УЈП.

Оттаму апелираа јавноста да не потпаѓа на манипулации и да ги следи официјалните информациите кои доаѓаат директно од институциите.

СДСМ: Загрозување на постапката

Вчера реагираше и владејачката СДСМ, каде Лукаревска е заменик претседателка на партијата.

„ДПМНЕ е или толку очајно или сакаат да ја загрозат постапката која што е во тек а ја спроведуваат надлежни институции по налог на УЈП. Дека постои мрежа на нафтени компании кои сакале да го изиграат системот и да испумпаат пари од буџетот заменик претседателката на СДСМ и директорка на УЈП јавно соопшти, најавувајќи детали за в понеделник. Случајот е откриен токму од УЈП, целата постапка на разоткривање и процедура за расчистување е веќе завршена и јавноста ќе биде запознаена со сите информации. 

Предвремено изнесување паушални, неточни и непроверени работи како што прави ДПМНЕ ја загрозува постапката и опозициската партија треба да престане со дезинформации да прави штета", се наведува во соопштението од СДСМ.  

Седиштето на владејачката СДСМ
Седиштето на владејачката СДСМФотографија: Petr Stojanovski

„Секогаш кога се открива криминал или злоупотреба, СДС се вадат дека се загрозува истрагата или дека се злоупотребува настанот“, реплицираше опозициската партија.

Во однос нафтените компании кои затајувале данок, Лукаревска претходно посочи дека неможе да објави конкретни имиња, бидејќи се работи за даночна тајна регулирана со Законот за даночна постапка.