Меѓународна осуда на пресудата за Кара-Мурза
17 април 2023Европската унија денеска ја оцени како „скандалозно тешка“ казната од 25 години затвор изречена на Владимир Кара-Мурза по судскиот процес што го смета за политички.
„Шокантно острата судска пресуда уште еднаш ја покажува злоупотребата на судството за вршење притисок врз активистите, бранителите на човековите права и на сите гласови кои се противат на нелегитимната руска агресивна војна против Украина“, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Московскиот суд денеска го осуди Кара-Мурза на 25 години затвор по неколку обвиненија, вклучувајќи и велепредавство.
По судењето затворено за јавноста, судот објави дека го прогласил Кара-Мурза за виновен за велепредавство, ширење лажни информации за руската војска и илегално работење за непожелна организација.
Кара-Мурза е во притвор од април 2022 година и е долгогодишен противник на рускиот претседател Владимир Путин.
Високиот комесар на ОН за човекови права Фолкер Тирк повика на „итно“ ослободување на рускиот опозициски активист Владимир Кара-Мурза, кој денеска беше осуден на 25 години затвор.
„Никој не треба да биде лишен од слобода за остварување на човековите права и ги повикувам руските власти да го ослободат без одлагање. Додека е во притвор, мора да се однесуваат кон него хумано“, рече Тирк.
На пресудата реагираа и германските и британските власти. Германската влада ја осуди пресудата на рускиот суд, оценувајќи дека целта на таа и на другите пресуди е да се исклучат и да се спречат критичките гласови во Русија.
Британските власти побараа Кара-Мурза веднаш да биде ослободен и додадоа дека ќе го повикаат рускиот амбасадор во Лондон, Андреј Келин, да му пренесат дека пресудата „се коси со меѓународните обврски на Русија за почитување на човековите права“.
Организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч ја опиша пресудата како „травестија на правдата“.