1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски на средба со новиот претседател на Советот на ЕУ

3 декември 2024

Македонскиот премиер ќе присуствува и на неформалната вечера што ја организира претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за лидерите на земјите од Западен Балкан

https://p.dw.com/p/4nfjj
Новиот претседател на Европскиот Совет, Антонио Кошта
Новиот претседател на Европскиот Совет, Антонио КоштаФотографија: Wiktor Dabkowski/picture alliance

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во Брисел ќе присуствува на неформална работна вечера што за лидерите од земјите од регионот на Западен Балкан ја организира новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, чиј мандат почна на први декември. Претходно Мицкоски ќе има и одвоена средба со Кошта.

Од прес службата на Кошта претходно за медиуми изјавија дека целта на неформалната вечера е претседателот на Европскиот совет да се сретне со лидерите од земјите на Западен Балкан на почетокот на неговиот мандат, затоа што планира „да даде нов замав на односите со регионот“, односно да испрати сигнал дека во својата работа Западен Балкан ќе го смета како еден од приоритетите и сака да има редовни односи со лидерите од регионот.

На вечерата се поканети претседателите на Косово, Србија и Црна Гора - Вјоса Османи, Александар Вучиќ и Јаков Милатовиќ, претседавачката на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ и премиерите на Албанија и на Косово, Еди Рама и Албин Курти.

Пред неформалната вечера, Кошта ќе има билатерални средби со Рама, Мицкоски, Цвијановиќ, Вучиќ и Курти, а утре претпладне ќе се сретне и со Османи и Милатовиќ.

И за регионалните тензии

За утре беше најавувана и средба на лидерите на земјите од Западниот Балкан со високи претставници на ЕУ, на која главна тема требаше да биде имплементацијата на Планот на Европската комисија за раст на регионот, но таа е откажана.

Македонскиот премиер Мицкоски во октомври во Скопје ја пречека старо-новата претседателка на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен
Македонскиот премиер Мицкоски во октомври во Скопје ја пречека старо-новата претседателка на Еврокомисијата, Урсула фон дер ЛајенФотографија: Petr Stojanovski/DW

Според новиот портпарол на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие, одложувањето на средбата нема да влијае на процесот на исплата на првите средства во рамките на Планот за раст на Западниот Балкан. 

Неформалната вчера кај новиот претседател на ЕС, денеска ќе биде можност и за подготвка на самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи на 18-ти декември, но се проценува дека во фокусот ќе бидат и други прашања. Особено што денешната средба се случува во време на тензии меѓу Србија и Косово, предизвикани по нападот врз каналот за вода во Зубин Поток во северно Косово минатиот петок, но и стравувања дека тие би можеле да поттикнат пошороки импликации. Вучиќ и Курти денеска ќе имаат одвоени средби и со претставничката на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, а како што најави главната портпаролката Анита Хипер, средбите сами по себе не се дел од процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина кој се води со посредство на ЕУ. Вучиќ, како што е најавено од неговиот кабинет, ќе има одвоени средби и со генералниот директор на Директоратот на ЕК за проширување и соседска политика, Герт Јан Копман, и со еврокомесарката за проширување Марта Кос. Се очекува Калас и Кос да бидат присутни и на неформалната вечера со лидерите од Западен Балкан.

ДУИ со апел до меѓународниот фактор

Додека Мицкоски престојува во Брисел, од ДУИ денеска преку соопштение упатија апел до меѓународниот фактор внимателно да ги следи случувањата во Македонија и да интервенира за да спречи дестабилизирачките агенди да предизвикаат непоправлива штета на земјата и регионот.

„Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за опасните политики на Владата, кои не само што ја поткопуваат стабилноста на Северна Македонија, туку и се совпаѓаат со дестабилизирачка агенда која им служи на геополитичките интереси на Русија. Последните потези на владата, вклучително и обвинувањата против Албанците за кризи кои самата ги создава, покажуваат јасна стратегија која има две цели: да ги уништи темелите на Охридскиот рамковен договор, и да го одвлече вниманието од неуспехот да ги реализира неопходните уставни измени за интегративниот пат кон ЕУ“, се вели во соопштението.

ДУИ преку соопштение упатија апел до меѓународниот фактор внимателно да ги следи случувањата во Македонија
ДУИ преку соопштение упатија апел до меѓународниот фактор внимателно да ги следи случувањата во МакедонијаФотографија: DW/S. Toevski

Од ДУИ нагласуваат дека Албанците отсекогаш биле гаранти за стабилноста и промотори на евроатлантските процеси во земјата, а руското влијание го лоцираа преку еден член на Владата. 

„Присуството на личности како заменик-претседателот на владата Стоилковиќ и неговата координација со дестабилизирачката агенда на политичари како Вулин, познат по своите блиски врски со Кремљ и обидите за поткопување на регионалната стабилност, е јасен доказ за директното влијание на Русија во овие процеси“, наведуваат од ДУИ.

Од партијата упатија апел до Владата веднаш да го прекине тој неодговорен курс и да даде јавна отчетност за мотивите и последиците на тие политики, наведувајќи дека Албанците нема да подлегнат на намерни провокации и ќе продолжат да ја штитат стабилноста, мирот и евроатлантскиот пат на земјата.

Една партија не може да прифати дека е во опозиција

Прашање за последните случувања во земјава вчера беше поставено и во Комисијата за надворешни работи на Евопскиот парламент (ЕП), а одговор даде министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски

„Конкретните случаи во изминатите денови се изолирани и се прашања што произлегуваат од фактот дека конкретна политичка партија не може да прифати дека е во опозиција и во позадина ќе направи сè што може за да провоцира“, рече меѓудругото Муцунски пред европратениците, на прашање за заднината на последните случувања во земјата во контекст на меѓуетничките односи.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски порача дека ДУИ не сака да прифати дека е во опозиција
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски порача дека ДУИ не сака да прифати дека е во опозицијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој потенцира дека улогата на Владата во вакви случаи не е да политизира, туку да ги реши.

„Институциите ќе дејствуваат во согласност со домашното законодавство, во согласност со нашиот Устав и нема да дозволиме поединци кои сакаат само да ја зачуваат својата политичка кариера, да ја поткопаат одличната меѓуетничка атмосфера што постои во нашето општество“, изјави Муцунски.

Тој денеска и утре во Брисел ќе учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО, каде ќе се разговара за актуелните безбедносни предизвици на НАТО, за случувањата во јужното соседство на Алијансата, за актуелните состојби поврзани со руската агресија врз Украина, како и за досегашната имплементација на одлуките донесени на Самитот во Вашингтон во јули годинава. На маргините на состанокот предвидено е Муцунски да оствари и повеќе билатерални средби со негови колеги.