Мицкоски во Вашингтон со политичкиот „крем де ла крем“
16 јануари 2025Набиена агенда со бројни средби со претставници на идната американска администрација ќе има македонскиот премиер Христијан Мицкоски, како и присуство на многу формални, но и неформални активности кои се составен дел од процесот на инаугурација на новиот американски претседател Доналд Трамп на 20-ти јануари, на свеченоста насловена „Гласови на слободата“.
Според владини извори, очекувањата се дека за време на престојот македонскиот премиер ќе одржи повеќе билатерални средби - со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и иден министер за трговија, Девин Нунес, номиниран за претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на „Trump Media & Technology Group", извршниот директор на Рамбл (Rumble), Крис Павловски, Линда Мекмахон, предложена за министерка за образование, Каш Пател предложен за директор на ФБИ, идниот амбасадор на САД во НАТО, Мет Витакер, Себастијан Горка, предложен за асистент на претседателот Трамп и виш директор за контратероризам, како и со сенатори и конгресмени.
„За време на посетата ќе се афирмираат македонските позиции и интереси во поглед на надворешната политика и европската интеграција на земјата, како и соработката со САД на повеќе значајни полиња. Ова е прва ваква можност во историјата на самостојна Македонија, премиерот на Владата на вака високо ниво во американската политика да оствари контакти значајни за државата“, велат владини извори.
Се разбира, можностите за средби и контакти се уште поголеми ако се има предвид дел од листата на присутни на самата свеченост - Ричард Гренел, номиниран пратеник за специјални мисии на претседателот на САД, координаторот на Групата на конгресмени на Републиканците во Конгресот, Том Емер, идниот државен секретар Марко Рубио, Илон Маск, прв човек на Тесла - корпорацијата, кој е номиниран за шеф на Министерството за владина ефикасност, повеќе од 30 сенатори и конгресмени, како и непосредните соработници на новиот американски претседател.
Да го привлечеме вниманието
Премиерот Мицкоски посетата на САД на 18-ти јануари ја најави на почетокот на годината во интервју за МИА.
„Покрај Брисел, Вашингтон е исклучително значајно место за нас како држава и за нас како Влада. Навистина ќе имам квалитетни средби од тоа што е досега договорено со водечките луѓе од администрацијата во Вашингтон и очекувам да го привлечам вниманието и со поинаква оптика да гледаат кон Балканот. Мораме прво регионално да го привлечеме вниманието, односно оптиката на Вашингтон да гледа кај нас како регион, не како единка во тој регион. Да, важна единка, природна раскрсница, срцето на Балканот, но сепак ако го гледаме Балканот како целина, како регион, тогаш низ оптиката на Вашингтон поубаво можеме да ги гледаме работите и сакам сето тоа да го презентирам таму, кои се предностите коишто ние како мала, убава земја во срцето на Балканот ги нудиме, но и кои се предизвиците за регионот", изјави Мицкоски на стартот од 2025 година.
Дел од функционерите во идната администрација на САД, во јули минатата година како бизнисмени беа гости на владиниот врв. Еден од нив беше Хауард Лутник, основачот и извршен директор на една од водечките финансиски корпорации во САД - „Кантор Фицџералд“ (Cantor Fitzgerald). Тој стана копретседавач на транзицискиот тим на Трамп, а потоа и номиниран за државен секретар за трговија. Владин гостин лани во јули беше и Девин Нунес, потоа номиниран за претседавач со претседателскиот Консултативен совет за разузнавање, а кој истовремено ќе продолжи да раководи како извршен директор со „Trump Media & Technology Group". Претходно Мицкоски во два наврата имаше средба и со Ричард Гренел, поранешниот шеф на Националната разузнавачка служба, номиниран за претседателски пратеник за специјални мисии.
Стратегиско, но и лично пријателство
Воспоставените релации на македонска Влада со поединци кои ќе бидат на високи позиции во новата администрација на САД, според министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се одлична „стартна позиција и предност".
„Јас дури би рекол - како држава имаме историска стартна позиција со една администрацијата во доаѓање - но умешноста е да знаете да го привлечете вниманието, за да се добие тој заслужен фокус што ние како држава, но и како еден поширок регион го заслужуваме од новата ассминстрација во доаѓање“, рече Муцунски, кој ќе го придружува премиерот во Вашингтон.
Во фокусот на средбите и разговорите би биле прашања кои се од сериозен политички и безбедносен, но и од економски карактер, особено за потребата од засилување на меѓусебните односи со САД не само во делот на инвестициите, туку и во делот на увозно-извозното портфолио на државата.
Позицијата на Лутник во новата администрација, личните контакти на членови на македонската влада со него, ги зголемуваат очекувањата на тој план. Кон крајот на ноември, кога беше објавено дека Лутник е номиниран за една од неколкуте најзначајни позиции, Мицкоски на новинарско прашање даде оценка за неговите очекувања.
„Се сеќавате кога господинот Хауард Лутник беше овде во Скопје, во Владата. Разговараме за многу теми. Имаме лично пријателство. Очекувам, секако, само позитивни моменти од нашата идна меѓудржавна соработка како стратешки партнери. Јас сум убеден дека тој ќе донесе додадена вредност не само во американската економија туку и во светската, а тоа ќе значи позитива и за македонската економија. Се сеќавате, кога беа гости тука во Владата, имаше и такви коишто тоа не баш позитивно го коментираа. Добро е што како Влада имаме пријатели во најмоќната економија во светот, тоа е американската економија, го имаме првиот човек кој ја води најмоќната економија во светот со повеќе од 28, 29 трилиони брутодомашен производ и како што кажав - убеден сум дека тоа само може да донесе позитивни вести за македонските претприемачи, но и за македонските граѓани", изјави премиерот.
Тогаш потсети дека има голем број американски компании кои се веќе присутни со свои инвестиции во Македонија, кои вработуваат македонски граѓани и произведуваат македонски производи кои се пласираат на американскиот пазар, но и дека има разговори за нови инвестиции. За време на престојот во САД, предвидено е премиерот Мицкоски да има средба и со бизнисмени со македонско потекло, на кои ќе стане збор за економска соработка и можни домашни инвестиции.
Позитивен интерес кон нас
На средбите се очекува да бидат афирмирани македонските позиции и да продолжат да се негуваат добрите и лични односи кои премиерот и други чинители во Владата ги имаат со новата администрација.
„Но, исто така и да го потврдиме и континуитетот којшто го очекуваме од американската надворешна политика, во однос на прашања поврзани со регионот, посветеноста кон европските интеграции, кон НАТО алијансата, и сето она што за нас е значајно од гледна точка на европска и регионална безбедност и прашања кои како земја нас најмногу нѐ засегаат", изјави Муцунски за ТВ Телма.
Тој и претходно остварил средби со лица кои ќе извршуваат одредени позиции во администрацијата во доаѓање.
„Она што можам да го потврдам во однос на нашиот регион, во однос на нашата држава - гледам сериозен позитивен интерес од страна на администрацијата во доаѓање и најголема потврда на тоа е присуството на премиерот Мицкоски на сите настани кои следат идната недела“, изјави шефот на македонската дипломатија.
Претходно и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, на ТВ Алфа даде оценка што значи поканата до премиерот Мицкоски да присуствува на инаугурацијата на Трамп.
„Тоа е огромна чест, огромна привилегија и нешто што многу говори, покрај за државата, и за него лично, како е доживеан и како е ценет во најсилната држава во светот“, рече Николоски.