1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

„Нова ера“ на Фејсбук и Инстаграм

ЖА /ДВ
8 јануари 2025

Мета воведува т.н „белешки на заедницата“, слични на оние на X на Илон Маск. Овој потег доаѓа бидејќи сопственикот на Мета, Марк Закерберг, сака да се помири со новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп.

https://p.dw.com/p/4ow6K
Извршниот директор на Мета, Марк Закерберг
Извршниот директор на Мета, Марк ЗакербергФотографија: David Zalubowski/AP/picture alliance

Извршниот директор на Мета, Марк Закерберг, во вторникот (7-ми јануари) објави дека гигантот на социјалните медиуми ја прекинува употребата на независна проверка на фактите на своите платформи, почнувајќи од САД.

Закерберг тврди дека „проверката на фактите била премногу политички пристрасна и уништила повеќе доверба отколку што создала, особено во САД“.

Многу конзервативци долго време ги критикуваа програмите за проверка на фактите како цензура. Социјалната мрежа X на Илон Маск, за која Закерберг рече дека новиот Мета-систем ја зема како добар пример, исто така ја отфрли проверката на фактите и ја замени со „Забелешки на заедницата“ (Community Notes).

Што рече Закерберг?

Во видеото објавено на Фејсбук,  Закерберг изјави дека компанијата Мета е фокусирана на „враќање на слободното изразување“ на своите платформи, како што се Инстаграм,  Тредс и Ватсап.

„Време е да се вратиме на нашите корени во однос на слободата на изразување. Ја заменуваме проверката на фактите со прибелешки на заедницата, ги поедноставуваме нашите политики и се фокусираме на намалување на грешките“, рече Закерберг во друга изјава. 40-годишниот тајкун оцени дека „неодамнешните избори се чини дека се културна пресвртница кон повторно давање приоритет на говорот“.

Марк Закерберг, Мета, проверка на факти
Марк Закерберг изјави дека компанијата Мета ја прекинува употребата на независна проверка на фактите на своите платформиФотографија: Andre M. Chang/ZUMA Press Wire/Imago Images

Тој додаде дека платформите на Мета ќе ја „поедностават“ својата политика за содржина и „ќе се ослободат од еден куп ограничувања за теми како имиграцијата и полот кои едноставно  не се усогласени со мејнстрим дискурсот“.

Мета, исто така, ќе ги премести своите тимови за доверба и безбедност и модерација на содржината од Калифорнија во Тексас. Закерберг посочи дека јужната американска држава е место каде што „има помала загриженост поради пристрасноста на нашите тимови“.

Мета-платформите, исто така, ќе им овозможат на корисниците поголема контрола врз количината на политичка содржина што сакаат да ја гледаат, менувајќи ги упатствата од 2021 година според кои се намалуваат политичките содржини на тие платформи.

„Се чувствувам како да сме во нова ера сега“, рече Закерберг. „Ние почнуваме да добиваме повратни информации дека луѓето сакаат повторно да ги видат тие содржини."

Подобра врска со Трамп

Овој потег доаѓа во моментот кога Закерберг се обидува  да ги поправи односите  со новоизбраниот претседател на САД,  Доналд Трамп,  кој претходно ја обвини Мета дека поддржува либерални политики и дека е пристрасна кон конзервативците.

Мета на Закерберг донираше 1 милион долари во инаугуративниот фонд на Трамп. По немирите во Капитол на 6 јануари 2021 година,  Фејсбук  го суспендираше профилот на Трамп, но  неговиот профил подоцна беше вратен.

Закерберг вечерал со Трамп во неговата резиденција Мар-а-Лаго на Флорида во ноември, што се сметало за обид да ги поправи односите на неговата компанија со новиот претседател. 

Во своето видео во вторникот, Закерберг рече дека Мета „ќе соработува со претседателот Трамп за да им се спротивстави на владите ширум светот кои ги прогонуваат американските компании и настојуваат да воведат поголема цензура“.

Тој укажа на европските закони, кои ги нарекува „институционализирана цензура“, на латиноамериканските „тајни судови“, како и на широко распространетата практика на цензура во Кина, барајќи поддршка од американската влада во спротивставувањето на „тој глобален тренд“.

Трамп: Мета „измина долг пат“

Во вторникот, Трамп ја коментираше објавата на Закерберг, велејќи дека тоа е „веројатно“ одговор на неговите закани кон Закерберг. „Поминаа долг пат – Мета. Тој човек (Закерберг) беше многу импресивен“, рече Трамп.

Во меѓувреме, германскиот вицеканцелар Роберт Хабек ги критикуваше најавените промени во Мета. Говорејќи на предизборниот митинг во Хамбург, кандидатот за канцелар на Зелените рече дека не го поздравува потегот на Закерберг. „Слободата не значи недостаток на правила“, истакна Хабек.