Оптимизмот како „дежа ви“ за македонската економија
30 декември 2024Почна со битка против инфлацијата, завршува со фронт против ценовното дивеење. Гаснењето социјални пожари наместо економски развој остави белег и на 2024 година. Веројатно и очекувано, во годината која донесе двојни избори, претседателски и парламентарни, две политички и една техничка влада со тројца премиери. Бремето од политичката битка за власт се покажа претешко за да може да се реализира уште едно ветување за подобар стандард и подобра економска иднина. Сепак, стабилноста се зачува, а цената која мораше да се плати изнесува 5,8 милијарди евра, или 300 милиони евра повеќе од првично предвидените 5,5 милијарди евра.
(Не) задоволни граѓани
Со какви перформанси ќе заврши 2024 година ќе се знае на крајот од јануари, кога статистиката ќе ги обелодени клучните параметри. Очекувањата се тие да бидат скромни, или на ниво од претходната година. Далеку од причина за задоволство, посебно кај граѓаните кои и годинава се во редот на оние во регионот со најнизок стандард.
За задоволство ретко кој од нив сака да зборува:
„Ветуваа пет илјадарки повисоки пензии, ама добивме половина од тоа и сега еве чекаме вториот дел да биде во март мислам. Но што фајде кога гледате до каде отидоа цениве. Се е поскапено. Тешко се издржува, да се платат сметки, да се прехраниме, а каде се лекови, За друго душо нема“... „Тешко нас ако нешто не се промени. Слушаме политичариве како ветуваат, ќе се градело, ќе се инвестирало, ќе имало повеќе пари. Чекајќи тоа да се случи ми помина младоста, а еве помина и четвртина од 21 век и каде сме како држава? До никаде“...„Овде е најубаво да живееш како функционер, а за нас обичните смртници има само по некоја трошка повеќе секоја година колку да не биде без ич. Но ајде еве и шанса на новата власт нека покаже дека е подобра од претходните. Ако не за мене, барем за децава да има подобра иднина“, реагираат граѓаните со кои разговаравме пред еден од пазарите во скопската општина Карпош.
Можеше ли подобро?
Во шесте месеци мандат, Владата тврдеше дека главно гаснела пожари, пополнувала дупки, прераспределувала пари за да има за плати, пензии, поддршка за бизнисите, трошоци и неплатени обврски. Со таканаречената „Есенска кошничка“ се ограничуваа маржите на трговците, а се`уште на сила е и „Новогодишната кошничка“ која има над 1000 производи. Дел од експертите, сметаат дека можело да биде и подобро:
„Ајде да зборуваме со факти. Да ги погледнеме економските резултати откако е дојдена оваа власт. Растот на БДП во третиот квартал е 3%, во вториот беше 2.8%, што е практично исто. Инфлацијата во ноември е 4.3%, во јуни беше 3.2%, што значи дека тука има дури и влошување. Реалниот раст на просечната плата во октомври е 4.8%, во јуни беше 11.2%, што значи дека тука има значајно влошување. Странските инвестиции во третиот квартал изнесуваат 280 милиони евра, во вториот беа 240, што е тука некаде. Државните капитални вложувања од јули до ноември се околу 25 милиони евра месечно, во првата половина на годината беа 35 милиони, што значи дека тука повторно има влошување. Дури и да ги гледате бројкиве со розови очила, пак не можете да кажете дека резултатите се успешни. Затоа мислам дека премиерот, и целата влада, треба реално да ја согледаат состојбата, да прифатат дека резултатите досега не беа добри, и дека треба да работат многу подобро во наредниот период“, изјави за Дојче веле Бранимир Јовановиќ од Виенскиот економски институт.
На што и колку да се троши?
Колку ќе биде подобро во 2025 останува да се види. Владата е задоволна што досегашните политики обезбедиле стабилност и допрва се загрева за крупните зафати кои позначително ќе ги придвижат состојбите. Во таа насока велат дека бил креиран и буџетот во кој се предвидува позначителен развој, покрупни инвестиции, повеќе пари за плати и пензии.
Тоа сепак има цена и тоа многу поскапа од 2024. Станува збор за 6,5 милијарди евра, што е 700 милиони повеќе од ребалансот, односно 1 милијарда евра од првичниот буџет за 2024 година. Амбициозниот план почива пред се на инвестициите поддржани со пари од унгарскиот кредит тежок една милијарда евра. Половината од нив се веќе обезбедени и допрва ќе се распределуваат за инвестиции во општините и проекти на стопанството. Втората половина треба да стане оперативна на стартот од годината и ќе се употреби за раздолжување на еврообврзницата од 2018 година. Дел од експертите не се уверени дека оваа стратегија е соодветно поставена:
„Илузија е дека проблемите во Македонија потекнуваат од немањето пари и дека ќе се решат со задолжување. Во последните 5 години, ние се задолживме за повеќе од 3 милијарди евра, па гледаме дека ништо не се смени. Ние имаме државен буџет од 6,5 милијарди евра, депозити кај банките од 8 милијарди евра, не е дека немаме пари. Прашањето е како се користат парите, и тука е мојата втора критика на унгарскиот заем, што ни тука тој не носи ништо ново. Кај делот што е за општините, гледаме дека уште нема проекти и дека неподобните општини не добиваат поддршка. Кај делот што е за фирмите, гледаме дека парите ќе можат да се користат и за градење згради и шопинг молови, што не само што не е корисно, туку може да се каже дека е и штетно“, коментира економистот Бранимир Јовановиќ.
Фалат инвестиции, но и реформи
Дел од експертите сепак сметаат дека владиниот план за поддршка на инвестициите во општините ќе ја раздвижи економијата и ќе даде одреден ефект. Паралелно и со растот на странските инвестиции, кои годинава се чини дека се главна економска вест со оглед дека во финишот од годината надминаа 800 милиони евра и според најавите со тенденција да ја заокружат со рекордни 1 милијарда евра. Сепак, во годината на локални избори, дел од експертите сугерираат дека мора и да се внимава и крајно сериозно да се зафати решавањето на домашните болни точки кои го кочат економскиот развој на државата:
„2025 година е година на избори и секогаш кога имаме избори се случува стагнација на економијата, а владата ќе биде фокусирана кон остварување на подобра резултат и користење на бранот на екстремно слаба опозиција во победа во повеќе општини. За добар економски резултат треба да бидат силни производствените и извозните компании, а не маркетите и банките кои остваруваат енормни резултати и баснословни профити на грбот на граѓаните. Фокусот на економската политика треба да биде во привлекување на технолошки компании кои ќе вработуваат висококвалитетен и стручен кадар и поддршка на старт ап компании кои ќе креираат продукти и услуги кон надворешниот пазар, а не на компании кои вработуваат само голем број на луѓе со ниско образование. За да се случи тоа треба да имаме владеење на право, нула толеранција на корупција и поставување на квалитетни а не партиски кадри на чело на институциите. Без реформи во судскиот систем и почитување на правото, резултатите ќе бидат просечни и луѓето посебно младите ќе се иселуваат. Потребна е национална стратегија и план одобрен од сите политички и интелектуални институции за да се запре бранот на иселување и одлив на кадри, и враќање на оние кои студираат и работат во странство“, изјави за Дојче веле економскиот аналитичар Синиша Пекевски.
Додадена вредност
Потребата од реформи во клучните области, но и засилување на поддршката во креирањето додадена вредност се вечните теми кои постојано ги заговара и бизнис заедницата. Првичните потези на Владата која демонстрира посветеност и сериозност во активностите за дел од бизнисмените делува охрабрувачки. Поддршката за нив е важен сегмент, но клучни се реформите кои мора да се спроведат не само за да се поттикнат домашните, туку и странските:
„Нашиот фокус во соработката со Владата и поттикнувањето на економски реформи е главно фокусиран во областа на дигитализацијата, подобрување на деловното опкружување и искористување на потенцијалот на дијаспората, меѓутоа и воопшто на странците за развој на македонската економија. И тука морам да ја пофалам Владата во областа на дигиталната трансформација. Сепак мислам дека ни недостасуваат големи реформи како што паметиме од минатото, дали од типот на воведувањето на Катастарот, или реформата на поранешен СОК, односно Завод за платен промет. Особено е важно да се зајакнат институциите и мора да се стави крај на корупцијата и сивата економија кои се рака под рака. Сметам дека треба да се засили економскиот тим кој што ќе работи на она што порано го нарекувавме регулаторна гилотина, но би рекла генерално подобрување на законодавството кое го оптоварува бизнисот. Добро е што има сигнали за реформи во образованието. Потребни се инвестиции и во инфраструктурата за мобилност на бизнисот. Сигналите се позитивни и мислам дека одиме во вистинска насока, но без квалитетни и млади таленти државата не може да оди напред. Не сакам да звучи песимистички, има доста работа меѓутоа јас секогаш сметам дека со јасна визија план и храброст можеме да постигнеме многу“, изјави за Дојче веле Никица Мојсоска Блажевски, извршна директорка на „Македонија 2025“.
Претпазлив оптимизам
Оптимизмот е присутен кај добар дел од стопанствениците. За нив е клучно она што се заговара да не остане само декларативно. Клучно е велат да се демонстрира сериозна, вистинска посветеност во реализација на реформите:
„Ни треба многу работа, многу структурни реформи, особено во делот на образованието, државната администрација, владеење на правото оти од тие реформи резултатите се мали да не кажеме никакви. Очекувам дека во иднина тоа ќе биде главната заложба на владата, да се создадат добри услови за стопанисување или добро владение. Посакувам надежта што ја имаме со новата Влада, со политичката стабилност, особено со бројот на пратениците со кои што таа располага дека ќе вроди со плод, дека ќе се зафати со тешките реформи кои поранешните влади не беа подготвени да ги направат. Тие се можеби болни и ќе предизвикаат кај одредени граѓани разочараност, но од друга страна ќе ни даде шанса за натамошен развој на државата“, коментира за Дојче веле стопанственикот Ангел Димитров.
Според него, сепак се ќе биде „џабе“ ако реформите не дадат ефект, а инвестициите кои се планираат бидат со краток здив:
„Кога сме кај инвестициите, ме загрижува и нивото на задолжување и затоа е многу важно какви ќе бидат перформансите кои ќе ги испорачаме. Би ги потенцирал каматните плаќања, за оваа година тие се 330 милиони евра и многу е едноставна математиката, ако земете кредити што треба да ги вратиме плус каматата ако е помалку од вредноста што ја создаваме, односно растот на БДП, тогаш ние автоматски создаваме нови дефицити и задолжувања. Затоа велам не може вечно да ја развиваме економијата на база на странска акумулација која ќе ја користиме, на странски кредити. Мораме да создаваме услови за развој на нашата економија, да создаваме додадена вредност, само така можеме напред“, предупредува Димитров.
Битка за платите и минималецот
Паралелно со инвестициите, потрошувачката на домаќинствата треба да биде исто така еден од двигателите на економскиот раст. Во таа насока многу е важно да се задржи трендот на реален раст на платите. Ова е една од клучните заложби и на синдикатите чија активност во изминатиот период наиде на слух кај надлежните. Сепак синдикалната битка е далеку од завршена, односно таа допрва треба да се извојува во делот на минималецот, но и работата во недела:
„Радува фактот што Владата има слух за социјален дијалог, за краток период одржавме два економско социјални совета и самиот премиер кажа дека тоа ќе биде почесто, затоа што има наталожени проблеми што треба да се решаваат. Факт е дека Владата начека хаос и башибозук и некои работи почнаа да се решаваат, како на пример хаосот со колективните договори. До март се надевам дека уште најмалку на двапати ќе седнеме на маса за да се утврди минималната плата. Сега има нов буџет, слушаме дека расте наплатата на даноците и приходите, да видиме со што ќе располага државата и с е надевам дека ќе имаме солидно покачување, нешто поголемо од законското. Ако се оди само според законот тоа ќе биде зголемување некаде по околу 1700 денари, но се надевам дека ќе најдеме решение да биде повеќе.
Што се однесува за недела неработен ден е важно е што тоа се плаќа, оти порано тоа не беше случај. Има работници кои навистина сакаат да работат, но треба да се плати. Убаво е да се најде решение, да се работи, но да се плати. Но не може никој да не работи, оти има дејности што мора да функционираат. Најважно е да има социјален дијалог, работите се решаваат и мора да се најде заеднички јазик за решенија секако во интерес пред се на работниците“, изјави за Дојче Веле Маријан Ристевски од Конфедерацијата на синдикални организации.
Надворешни ризици
Многу нешта во делот на економијата ќе зависат и од глобалните случувања. Војната во Украина која се очекува да се решава со помош на новата американска администрација важи за клучна. Но исто така и економските текови во Германија чија економија е тесно поврзана со македонската. Колку, доволно покажува фактот дека Германија со години е главен трговски партнер на Северна Македонија со дефицит на македонска страна:
„На глобален план, клучниот предизвик ќе биде доаѓањето на власт на Доналд Трамп, кое може да доведе до огромно цунами, доколку тој остане на главното ветување од предизборието и воведе царини на целиот увоз во Америка. Тоа би довело до глобална трговска војна, што несомнено ќе ја погоди Европа, а преку тоа и нас. Другиот клучен предизвик е кризата во Германија, иако тука не сум толку песимист, затоа што Германија веќе две години се наоѓа во рецесија, и моменталните очекувања се дека наредната година веројатно ќе излезат од неа“, смета економистот Бранимир Јовановиќ.
Со сличен став е и извршната директорка на „Македонија 2025“:
„За мене иницијативата Отворен Балкан е позитивно за регионот, но е под голем геополитички притисок како иницијатива. Главен предизвик за мене е геополитиката бидејќи како мала и отворена економија Македонија најчесто е под удар на она што се случува меѓународно дали е тоа забавувањето на растот на Германија, или војната во Украина и тоа не можете да го менаџирате, но треба да се научиме да работиме во услови на неизвесност и најдобро што можеме да се снаоѓаме и тоа да го навигираме. Би сакала премиерот Христијан Мицкоски да има повеќе време за економија , а не за геополитика. Дали е тоа за напредок во преговорите за членство или за нешто друго, но се надевам дека тоа време ќе дојде многу скоро“, коментира Никица Мојсоска Блажевски.
Разделбата со 2024 година не значи и збогум на сериозните предизвици. Напротив, тие допрва ќе и тежат како обврска на Владата и економските ресори кои се соочени со сериозен предизвик да ги испорачаат ветувањата пред граѓаните и стопанствениците. Списокот е долг, од повисоки плати и пензии, повеќе работа за компаниите, подобра инфраструктура за сите. Стартот на 2025 носи расчистување на долгови, менџирање на трошоците заради минималното поскапување на струјата, засилување на активностите за реализација на крупните инфраструктурни проекти во делот на патиштата, железницата, енергетиката, за што се предвидени досега рекордни 800 милиони евра.
Резултатите ќе зависат пред се од сериозноста на реформите, но и домаќинското трошење на парите од буџетот кој е тежок рекордни 6,5 милијарди евра и почива на економски раст од 3.7% со буџетски дефицит од 4%. Ова е нешто повисоко од проекциите на Народната банка која прогнозира растот на македонската економија во 2025 да достигне 3,3%.