1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пензија на 40 години: Животен концепт на штедливoст

Тагесшау
5 октомври 2024

Тие штедат и го инвестираат секој цент - таканаречените „фругалисти“ сакаат брзо да стекнат богатство и да станат финансиски независни. Дали овој концепт е само за оние кои добро заработуваат?

https://p.dw.com/p/4k2uH
велосипед
Заштеда и на билетот за јавен превоз - на работа со велосипедФотографија: Fotolia/Suprijono Suharjoto

Флоријан Вагнер сонува да биде финансиски независен. Тој е дел од растечкото движење на супер-штедачите, односно „фругалисти“ (frugalis - штедливост на латински). Вагнер има 37 години и моментално заштедува 4.500 евра месечно од неговиот нето приход од 6.000 евра. 

Пред неколку години дознал за трендот на „штедливост“, па ги преиспитал месечните трошоци и почнал да штеди: „До работа се возам со велосипед, а не со метро. Навечер готвам за себе и пазарувам за цела недела. И престанав да јадам донер и пица секој втор ден“.

И конечно, Вагнер ја напушти својата добро платена работа и започна сопствен бизнис. 

Вложуваат пари во фондови, обврзници, недвижнини 

Но, само штедење не е доволно. Фругалистите инвестираат голем дел од нивниот приход, на пример, во берзански фондови како што се ЕТФ. Тие често преземаат поголеми ризици и инвестираат во обврзници или недвижен имот.

Фругализмот е концепт на живот кој потекнува од САД. Канаѓанец кој има блог под името Mr. Money Mustache опиша пред неколку години како успеал да се пензионира на 30 години.

За време на финансиската криза од 2008 година, движењето FIRE (Финансиска независност, предвремено пензионирање) почна да добива сè повеќе следбеници, а се прошири и во Германија. И секој што ќе успее да заштеди 25 пати повеќе од своите годишни трошоци, се смета за финансиски независен. 

Стапка на заштеда до 70 проценти 

По правило, стапката на заштеда на штедачите е од 60 до 70 проценти. За споредба, луѓето во Германија во просек заштедуваат околу единаесет проценти од својот приход. А, има и многу кои не можат ништо да остават настрана.

Па дали фругализмот е само за оние кои заработуваат повеќе? „Ако заработите само 1.800 евра, нема да можете да заштедите половина, бидејќи огромен дел ќе оди за кирија“, вели финансискиот инфлуенсер Томас Кел од платформата  „Finanzflus“

Тој, исто така, предупредува дека животните околности често се менуваат пред „пензионирањето“ во 40-тите или 50-тите години. И секој треба да процени колку е реална целта. „За повеќето луѓе, трошоците неизбежно се зголемуваат“, вели Кел: деца, купување куќа или долготрајна болест... Стапката на заштеда може брзо да се промени. 

Дали и вие сакате да се откажете од вашиот одмор? 

Финансиските експерти укажуваат и на опасноста, на пример, цените на акциите да паднат непосредно пред планираното пензионирање, што го доведува во опасност предвременото пензионирање. Затоа е важно да имате добар план.

Флоријан Вагнер вели дека досега заштедил 480.000 евра. Сепак, тој малку отстапи од својата цел да се пензионира на 40 години. Ќе продолжи да работи, вели, но само онолку колку што сака. И нема да пропушти одмор или да ги заобиколува рестораните. „Никогаш не носам ограничувачки одлуки. Секогаш си мислам: што ако утре загинам во несреќа? Затоа не сакам да жалам за ништо“, вели Вагнер.  

Како да штедите електрична енергија во домот