1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пет интерпелации на собраниското „мени“

ДТЗ
8 јануари 2025

На првата собраниска седница во новата година на дневен ред ќе се најдат петте интерпелации коишто беа поднесени од пратеничката група на опозицискиот „Европски фронт“ и од Левица.

https://p.dw.com/p/4owXb
Собрание, Мицкоски, ВМРО
Пет интерпелации на собраниското „мени“ - Мицкоски не очекува да поминатФотографија: Petr Stojanovski/DW

На првата собраниска седница во новата година, којашто ќе се одржи в петок (10 јануари) на дневен ред ќе се најдат петте интерпелации коишто беа поднесени од пратеничката група на опозицискиот „Европски фронт“ и од Левица. Станува збор за интерпелацијата за вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, која што е поднесена поради „лошо управување со состојбите кои се случуваат во Северна Македонија, вклучително и меѓуетничките односи“. 

Втората интерпелација се однесува на заменик-претседателот на Владата и министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, поради „непостапување и неизјаснување во врска со настаните од декември во Куманово, кога изгореа неколку возила и продавница на Албанци“. Стоилковиќ, како вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, според Европскиот фронт не успеал да ја почитува и спроведе официјалната употреба на албанскиот јазик. 

Со интерпелации се соочуваат и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени кои на Денот на празнувањето на албанското знаме, „како одговорни лица и наредиле на полицијата на невиден и неоправдан начин да интервенира, спречувајќи мирна и традиционална манифестација на Албанците“. 

Пратениците од Левица, пак, поднесоа интерпелација за претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади – Илире Даути, поради блокада на законот за бранителите. 

Премиерот Христијан Мицкоски очекува интерпелациите да не поминат. Од опозицискиот СДСМ по поднесувањето на интерпелациите најавија дека нема да дадат поддршка, бидејќи сметаат дека тие во овој момент не претставуваат решение за кризата и може да значат нови поделби по етничка основа. 

Македонија Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски очекува интерпелациите да не поминат.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

 

„Неосновани критики и напади“ 

„Очекувам неосновани критики и обид што ќе заврши како неуспешен“, изјави Мицкоски во средата (08.01) при посетата на Штип. Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот рече дека очекува од опозицијата „напади коишто ќе поларизираат и ќе поттикнат чувства на меѓуетничка нетолеранција“.

„Но, мислам дека тоа ќе биде јалово и неуспешно и овој обид ќе заврши како неуспешен. Очекувам критики кои се неосновани и критики кои немаат никаква врска со реалноста. Но, таква ни е опозицијата во овој момент. Се надевам дека ќе извлече поука, многу скоро програмски ќе се реструктурираат, но и кадровски ќе се освежат, бидејќи таму гледаме некредибилни луѓе. Имаме ние институционална меморија и знаеме што сѐ правеа во минатото“, рече Мицкоски. 

Африм Гаши
Секоја интерпелација ќе се разгледува посебно и може да се дискутира цел ден во зависност од тоа колку пријавени пратеници има за зборФотографија: Petr Stojanovski/DW

Секоја интерпелација ќе се разгледува посебно 

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на 26 декември информираше дека секоја интерпелација ќе се разгледува посебно и дека може да се дискутира цел ден во зависност од тоа колку пријавени пратеници има за збор. Сепак, на крајот на денот мора да се гласа. 

„За секоја интерпелација се дискутира цел ден, всушност колку пријавени има за збор. Седницата може да трае, но до крајот на денот мора да се гласа по одредената интерпелација. За секоја интерпелација се дискутира по еден ден и на крајот се гласа посебно за секоја“, рече Гаши. Според него, интерпелацијата како инструмент нема правна последица и нема егзекутивна моќ. Тоа е повеќе демократска алатка за политичка дискусија околу една тема, околу еден носител на должност или избрано и именувано лице од Собранието.

Девет пратеници на „Европски фронт“ во декември во Собранието ги доставија предлозите за отповикување од функцијата на Меџити, Стоилковиќ, Тошковски и Исени. Интерпелација за работата на пратеничката Илире Даути беше поднесена од пратениците на Левица во ноември 2024 година.