МААЕ почнува со инспекции во Украина
1 ноември 2022Инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија би требало да ја завршат својата работа брзо, изјави шефот на МААЕ, Рафаел Гроси. Инспекциите, како што се вели, се вршат на покана на украинските власти. Би требало да се извршат проверки на две локации, на кои, според тврдењата на Русија, наводно се работи на „валкана бомба“. Гроси најавува извештај за инспекциите уште во текот на неделава.
Рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Украина дека работи на „валкана бомба“ и дека сака да ги „прикрие трагите од изградбата“ на ваква бомба. „Валканата бомба“ е конвенционално оружје кое при експлозија ослободува радиокативен, хемиски или биолошки материјал. За разлика од атомската бомба, притоа не доаѓа до нуклеарна верижна реакција.
Владата на Украина жестоко ги демантира руските обвинувања. Киев предупредува дека самата Русија би можела да планира да употреби такво оружје. За време на телефонскиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, германскиот канцелар Олаф Шолц ги опиша руските тврдења како неосновани. Сојузниот канцелар и украинскиот претседател се единствени во ставот дека независните истраги на МААЕ ќе ги отстранат сите сомнежи во врска со тоа, изјави портпаролот на германската влада Штефен Хебештрајт.