1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поголем ангажман против руските дезинформации

11 април 2023

Специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман на Стејт департментот, Џејмс Рубин, доаѓа во Скопје на разговори за борбата против руските дезинформации

https://p.dw.com/p/4PtFu
Русија ја користи темната страна на дигиталната револуција, порачува американскиот Стејт Департмент
Русија ја користи темната страна на дигиталната револуција, порачува американскиот Стејт ДепартментФотографија: McPHOTO/C. Ohde/picture alliance

Во Западен Балкан тешко ќе биде остварен напредок, ако руските дезинформации доминираат на тој простор, порача вчера од Подгорица специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин. Со посетата на Црна Гора, Рубин ја почна мини турнејата во чии рамки до 14-ти април ќе ги посети и Албанија и Северна Македонија, каде ќе разговара за борбата против руските дезинформации. Рубин, кој беше помошник на американската државна секретарка Медлин Олбрајт во периодот од 1997 до 2000 година, за првпат доаѓа во регионот по 23 години.

Во Скопје тој ќе се состане со владини претставници за да ја зацврсти поддршката за иницијативите против дезинформациите.

„Тој ќе разговара за напорите на Русија, Народна Република Кина и други злонамерни актери кои користат дезинформации за да ја поткопаат демократијата и националната безбедност низ целиот свет, и за тоа како нашите нации можат колективно да се спротивстават на заканите во информативниот простор“, најави Стејт департментот.

„Успешната иднина мора да вклучи силна, стопроцентна борба против дезинформациите“, рече вчера Рубин.

„Toа e нова дисциплина, нов проблем во светот, бидејќи тоа е темната страна на дигиталната револуција која ја користат авторитарните режими како оние во Москва и Кина. Мора да го запреме тоа најдобро што можеме, тоа нема да биде совршено, но мора да биде посветено“, порача Рубин од првата станица на неговата посета.

Седиштето на Стејт департментот во Вашингтон: Џејмс Рубин е координатор на Центарот за глобален ангажман на американското министерство за надворешни работи
Седиштето на Стејт департментот во Вашингтон: Џејмс Рубин е координатор на Центарот за глобален ангажман на американското министерство за надворешни работиФотографија: Mark Wilson/Getty Images

Нов пробив на дезинформации

Дезинформациите живеат не заради авторите, туку благодарение на мултипликаторите, кои без размислување ги шират лажните вести. Праксата покажа дека мултипликатори на дезинформациите се и научници, и професори, и политичари, и медиуми, и корисници на социјалните мрежи.

Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) од Скопје, во јануари годинава објави анализа на пропагандни наративи и студии на случај за руски и проруски дезинформации во Северна Македонија. Авторот на анализата, Жарко Трајаноски, наведува дека блокадата на Грција за приемот на Македонија во НАТО во 2008 година и овозможи на Русија да го засили своето влијание во Македонија, вклучително и со „разузнавачко-пропагандно делување преку организирано пласирање на информации и дезинформации“.

„Руските кампањи со дезинформации во земјата, неретко се перципираа како дел од регионалното пропагандно руско влијание на Балканот, кое имаше за цел да го запре проширувањето на НАТО. Може да се каже дека руското пропагандно дејствување во Македонија излезе од сенка по разгорувањето на политичката криза во почетокот на 2015 година. Кампањите со дезинформации против Западот, оцрнуван како загрозувач на унитарноста и стабилноста на Македонија, беа со години ширени пред зачленувањето на земјата во НАТО, најмногу за време на македонската политичка криза 2015-2017, за време на Договорот од Преспа и референдумот во 2018, како и за време на уставните измени. Руската пропаганда со дезинформации не запре ни по зачленувањето на Република Северна Македонија во НАТО. Блокирањето на почетокот на долгоочекуваните преговори со ЕУ, прво од страна на Франција во 2019, а потоа и од страна на Бугарија во 2020 година, и овозможи на руската пропаганда нов комуникациски пробив во Северна Македонија“, наведува Трајаноски.

По воената инвазија на Руската федерација во Украина во 2022 година, според авторот, забележливо е уште позасилено влијание на руската пропагандна мрежа во РСМ, како и на Балканот.

„Условот што го доби Република Северна Македонија по започнување на преговорите со ЕУ - уставни измени за кое е потребно двотретинско мнозинство - ѝ овозможува на руската пропаганда повторно да се мобилизира и да шири дезинформации и теории на заговори во Северна Македонија. Речиси истите пропагандни мрежи, канали на комуникација и дезинформациски наративи за загрозеност на македонскиот идентитет, јазик и народ, кои беа користени во 2018 година за време на Договорот од Преспа и референдумот, се активни и во 2022 и 2023 година. Целта на руското пропагандно влијание во Македонија не е само сеење на конфузија, туку спречување на продолжувањето на преговорите со ЕУ, натамошно поткопување на довербата во ЕУ, НАТО, Западот, и демократските институции, како и засилување на руското влијание во Северна Македонија“, пишува Трајaноски во анализата, каде се опфатени над 30 примери на дезинформации.

По руската инвазија врз Украина забележливо е уште позасилено влијание на руската пропагандна мрежа во РСМ, како и на Балканот
По руската инвазија врз Украина забележливо е уште позасилено влијание на руската пропагандна мрежа во РСМ, како и на БалканотФотографија: Andre M. Chang/ZUMAPRESS.com/picture alliance

Успешни и неупешни интеракции

Внимание во изминатите денови привлече и извештајот на бугарскиот Центар за истражување на демократијата (ЦИД), кој на 30-ти март беше претставен во Брисел на конференцијата „Демократија која дава резултати - нов стратешки ангажман со Западен Балкан“.

Според извештајот, руските амбасади во балканските земји активно шират пропаганда на Фејсбук, но најголемо влијание врз општеството има руската амбасада во Софија. Во извештајот е анализирана бројката на објави на Фејсбук од руски амбасади во неколку земји, меѓу кои и во Северна Македонија, како и вниманието и реакциите што тие ги предизвикале.

Според податоците, руската амбасада во Букурешт имала 7.193 објави на Фејсбук во 2021 и 2022 година, на второ место е руската амбасада во Скопје која во истиот период имала 3.943 објави, во Подгорица 1.827, во Атина со 1.698, во Софија 1.572, во Тирана со 902, во Сараево 511, во Белград 270 и во Загреб само 90.

Иако руските амбасади во Романија, Северна Македонија, Црна Гора и Грција имале многу поголем број на објави на Фајсбук отколку руската амбасада во Бугарија, сепак, онаа во Софија се покажала како „шампион“ во однос на реакциите предизвикани кај корисниците: амбасадата добила 2.333.550 кориснички реакции како допаѓања и коментари. На второ место по успешна интеракција со населението била руската амбасада во Атина, но со далеку помал број реакции - 769.760, а на трето место е руската амбасада во Романија, со добиени 516.678 реакции. Интеракцијата на руските амбасади со корисниците на мрежата во другите балкански земји, меѓу кои и РСМ, била на многу пониски нивоа.

Во контекст на инстражувањето, ЦИД забележува дека Фејсбук секаде на Балканот има речиси монополска позиција, како преферирана социјална мрежа на населението. 

Руските амбасади во балканските земји активно шират пропаганда на Фејсбук, покажуваат последните истражувања
Руските амбасади во балканските земји активно шират пропаганда на Фејсбук, покажуваат последните истражувањаФотографија: picture-alliance/L. Huter

Повик за акција

На крајот од март, Украина и седум земји од Централна и Источна Европа ги повикаа водечките технолошки компании да преземат акција за борба против дезинформациите што ги шират непријателските сили на нивните социјални мрежи. Писмото, потпишано од премиерите на Украина, Молдавија, Полска, Чешка, Словачка, Естонија, Летонија и Литванија, беше дистрибуирано од кабинетот на чешкиот премиер Петар Фиала. Во писмото во кое се спомнува компанијата Мета, се вели дека големите технолошки компании треба да преземат чекори за да гарантираат дека нивните платформи не се користат за ширење пропаганда или дезинформации кои поттикнуваат војна, оправдуваат воени злосторства, злосторства против човештвото или други форми на насилство.

„Ова е повик за акција, бидејќи странската манипулација со информациите, вклучително и кампањи за дезинформација, се закана за демократијата, стабилноста и националната безбедност. Големите технолошки компании имаат моќ да бидат витални сојузници во нашите колективни напори да се справиме со непријателските информациски напади против демократиите и меѓународниот поредок заснован на правила“, се вели во писмото на осумте држави.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи