1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаФранција

Ѝ се заканува ли на Франција финансиски оркан?

Луис Лиза
5 декември 2024

Турбуленциите околу владата може да ја втурнат Франција во економска криза. Каматите за рефинансирање на државното задолжување се веќе пораснати, а се множат и банкроти на фирми.

https://p.dw.com/p/4njYV
Франција бура
франција е соочена со бура на финансиски план? (фото: бура на брегот кај светилникот во Фор д'Аржентон, Франција)Фотографија: Fred TANNEAU/AFP

Дали поради политичките турбуленции Франција е соочена со економска криза? Според некои економисти, земјата треба да е подготвена на тоа. Притоа, работите за француската економија во последно време одеа релативно добро.

Се очекува таа годинава да порасне за 1,1 отсто - според прогнозата на германската влада, германскиот брутодомашен производ се очекува да падне за 0,2 отсто. Стапката на невработеност во Франција е 7,4 проценти - што , ако се направи историска споредба, не е лошо. Инфлацијата е исто така околу два процента - пред две години надмина пет проценти.

Но, овие релативно позитивни бројки не можат да ја сокријат фундаменталната слабост на француската економија, оценува Денис Феран, шеф на парискиот институт за економски истражувања Rexecode. „Француските и европските компании од 2019 година наваму загубија значителна конкурентност во споредба со Кина“, вели тој за ДВ. „Во Европа трошоците за производство се зголемија во просек за 25 отсто, во Кина само за три отсто.“ Ова е првенствено резултат на привремено високата инфлација, каматните стапки и цените на енергијата - особено по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Структурна криза

Владее „клима на воздржаност“, вели Феран: „Ние секој квартал испитуваме 1.000 шефови на француски мали и средни компании во врска со нивното инвестициско однесување. На крајот на октомври, само 36 отсто од нив рекоа дека сакаат да ги задржат своите инвестиции - 45 проценти сакаа да ги одложат, а 18 проценти воопшто не инвестираат. Ваквиот тренд веќе беше очигледен на почетокот на годината, но предвремените парламентарни избори го зголемија екстремно.“

Истражувањето на британската консултантска фирма Ернест и Јанг (EY) меѓу 200 шефови на меѓународни компании во средината на ноември, исто така покажа дека околу половина од нив ги намалиле или ги одложиле своите инвестициски планови во Франција. Притоа, според EY, Франција од 2019 година наваму е европската земја која привлече најмногу меѓународни инвестиции.

Франција Емануел Макрон
Претседателот Макрон: Владеењето не стана полесно по предвремените избориФотографија: Ludovic Marin/dpa/picture alliance

Филип Друон, адвокат за стечаи во париската адвокатска фирма Хоган Ловелс, исто така ја потврдува неподготвеноста за инвестиции. „Моментално е многу тешко да се најдат купувачи за компании во стечајни постапки. Во моментов, имам 60 отворени случаи, што е енормно многу“, вели тој за ДВ. „Бројот на банкроти се приближува кон оној од меѓународната финансиска криза од 2008 година.“ Според проценките, оваа година се очекува барање за стечај да поднесат околу 65.000 компании - во споредба со околу 56.000 минатата година.

„Ова е, исто така, ефект на фаќање чекор - компаниите сега треба да ги отплатат заемите дадени за време на епидемијата на коронавирусот, но не само тоа“, нагласува експертот. „Тоа е, исто така, структурна криза, на пример во автомобилскиот сектор со преминот кон електрични автомобили, но и во секторот за недвижности, каде што канцелариите се помалку барани по долг период на работење од дома. Дополнително, високите каматни стапки на пазарот на капитал би го отежнале финансирањето на инвестициите, бидејќи тоа би ги направило помалку привлечни.“

„Монументална грешка“

Но, Ан-Софи Алсиф, главен економист во париската консултантска компанија БДО, смета дека економската ситуација не е толку драматична - доколку го немаше политичкиот фактор. „Нашата макро-ситуација се подобрува, но при пад на владата и немање конкретен буџет за 2025 година, би можеле да зачекориме директно во економска криза - тоа би било катастрофа“, изјави таа за ДВ. „Тоа би им сигнализирало на инвеститорите дека Франција не е во состојба да спроведе план за намалување на долгот.“

еврозона евро
Тоа што и други држави во ЕУ имаат финансиски проблеми е мала утеха за ФранцузитеФотографија: Kai Pfaffenbach/REUTERS

Кристофер Дембик, инвестициски советник во париската филијала на швајцарската компанија за управување со средства Pictet Asset Management, го релативизира ова: „Претерано е да се каже дека Франција се соочува со финансиска криза“, вели тој за ДВ. „Тоа би значело дека Франција веќе нема да може да ги рефинансира своите долгови - како Грција од 2009 година.“

Според економистот, ваква тенденција сѐ уште не е забележана на финансиските пазари: „Менаџерите на американските инвестициски фондови ми велат дека одамна во пресметките го земале предвид политичкиот ризик, а распонот, т.е. разликата во каматните стапки на десетгодишни државни обврзници во споредба со Германија - е околу 80 поени. Франција сега плаќа само 0,8 процентни поени повеќе камата од Германија. Тоа е прифатливо.“

Сè уште „преголема за да пропадне“?

Каматните стапки на десетгодишните француски државни обврзници во моментов се околу три отсто. Но, тие неодамна, за првпат во историјата, ги надминаа оние на Грција. А до најавата за предвремените парламентарни избори, распонот сѐ уште беше околу 50 поени.

Затоа, економистот Феран не е толку уверен дека земјата нема да западне во финансиска криза. „Досега, Франција отсекогаш се потпираше на фактот дека е 'преголема за да пропадне', односно дека е преголема за другите европски земји да дозволат да банкротира“, вели тој. „Но, Брисел полека го губи трпението со неспособноста на Франција да ги намали своите долгови.“ Тие во меѓувреме се повисоки од францускиот брутодомашен производ.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик