1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалГерманија

Сѐ што треба да знаете за новата сезона во Бундеслигата

Хардинг Џонатан
23 август 2024

Од клучни датуми до ѕвезди во подем и трансфери - ова се најновите информации поврзани со новата сезона во фудбалската Бундеслига.

https://p.dw.com/p/4jpR6
Роберт Андрих Џамал ​​Мусиала
Дали Баер Леверкузен на Роберт Андрих оваа сезона повторно ќе има предност пред Бајерн Минхен на Џамал ​​Мусиала?Фотографија: Cathrin Müller/MIS/IMAGO

Кога почнува новата сезона во Бундеслигата?

Сезоната 2024/25 започнува денеска, 23 август, со шампионот Бајер Леверкузен кој гостува кај Борусија Менхенгладбах. Првиот натпревар на Бајерн Минхен е во гости против Волфсбург, додека Борусија Дортмунд е домаќин на Ајнтрахт Франкфурт. 

Женската лига, каде ќе има само еден испаднат тим, започнува на 30 август. 14 екипи ќе се борат за пехарот во наредната сезона.

Како што во Германија е вообичаено, домашната фудбалска сезона всушност започнува со првото коло на Германскиот куп, одиграно на 16 август. И Бајер Леверкузен и Штутгарт ќе мора да почекаат подолго на својот прв натпревар бидејќи тие се соочија на 17 август во рамки на Германскиот супер куп, односно мечот меѓу минатогодишните победници на лигата и купот.

Зимската пауза започнува на 23 декември.

Што е ново оваа сезона?

Во Бундеслигата има два нови тима - Холштајн Кил и Ст. Паули, кои дојдоа од втората лига (Келн и Дармштат испаднаа). Кил дебитира во Бундеслигата, а Ст. Паули се враќа по 13 години отсуство, но со нов тренер (Александер Блесин), откако многу фалениот Фабијан Хирцелер замина да го тренира англискиот Брајтон.

Бајерн Минхен има нов главен тренер, поранешниот капитен на Манчестер Сити, Венсан Компани. Белгиецот во Минхен доаѓа од Барнли од Премиер Лигата и веднаш е под енормен притисок да испорача резултати, бидејќи Бајерн Минхен минатата сезона ја заврши без титула - за првпат од 2012 година.

И Борусија Дортмунд стартува со нов тренер - поранешната клупска легенда Нури Шахин го прзема местото на Един Терзиќ, кој минатата година го водеше клубот низ подеми и падови и проблеми на домашен терен, но затоа пак обезбеди финале во Лигата на шампионите.

Навивачите ќе треба да се навикнат и на отсуството на Кристијан Штрајх, тренерот кој 12 години го водеше Фрајбург и стана една од иконите на Бундеслигата. На негово место доаѓа поранешниот играч на Фрајбург, Јулијан Шустер.

Нови тренери имаат и Бохум (Петер Цајдлер) и Унион Берлин (Бо Свенсон).

Годинава нема да ги гледаме ни легендите на Бундеслигата, Марко Ројс и Матс Хумелс. Си заминува и Ерик Максим Чупо Мотинг, исто како и Чави Симонс, кој се враќа во ПСЖ. На теренот попусто ќе ги барате и Себастијан Роде, Макото Хасебе, Патрик Херман и Тони Јанчке.

Бундеслига Марко Ројс
По 15 години во Бундеслигата, Марко Ројс замина, потпишувајќи со ЛА Галакси Фотографија: Bernd Thissen/dpa/picture alliance

Имаше ли големи трансфери?

Бајерн Минхен летово бркна длабоко во џебот и ги купи јапонскиот одбранбен играч Хироки Ито од Штутгарт, како и крилото на Кристал Палас, Мајкл Олисе и играчот од среден ред на Фулхам, Жоао Палиња. И Борусија Дортмунд се поднови со Валдемар Антон и Серу Гираси од Штутгарт. Гираси даде 28 гола во 28 натпревари за Штутгарт и Борусија се надева дека ќе биде успешен и за жолто-црните. Шампионот Бајер Леверкузен го донесе крилото Мартин Терие, додека минатогодишното изненадување Хајденхајм се прости од двете ѕвезди Јан Никлас Бесте, кој замина во Бенфика и Тим Клајндинст, кој ќе игра за Менхенгладбах.

Ќе може ли Леверкузен да ја одбрани титулата?

Со двајцата генијалци, Чаби Алонсо и Флоријан Вирц, за Леверкузен сѐ е можно. Иако ќе биде предизвик од ловец на титулата да се влезе во улога на гонет, Алонсо и тимот имаат доволно добри причини да веруваат дека ќе може да се изборат за втора последователна титула. Можеби ќе биде доволна мотивација тоа што Алонсо и Вирц ќе си одат на крајот на сезоната, но почетокот навестува возбудлива и непредвидлива сезона во Бундеслигата.

Кои се новите играчи на кои треба да се обрне внимание?

Бундеслигата долго време е лига во која млади играчи ги развиваат своите способности пред да се префрлат во поголеми клубови. И оваа сезона се појавија неколку нови млади имиња. Неодамна Ајнтрахт Франкфурт потпиша договор со 18-годишниот напаѓач Чан Узун, кој веќе има играно за турската репрезентација. Минатата сезона тој играше за Нирнберг и се чини како да е предодреден да заблеска во Бундеслигата.

Брајан Груда од Мајнц го привлече вниманието на селекторот на германската репрезентација Јулијан Нагелсман и затоа беше повикан на тренинг кампот пред Европското првенство. Овој 19-годишник минатата сезона играше клучна улога за опстанокот на Мајнц во првата лига и сега е уште помотивиран да се покаже. Многумина сметаат дека со добар настап сезонава ќе си го зацементира местото во репрезентацијата за светското првенство во 2026 година.

За Паул Ванер од Бајерн Минхен се пишуваше многу уште додека дебитираше во клубот со само 16 години. Сега, две години подоцна, и по успешното позајмување второлигашот Елверсберг, Ванер е на нова позиција во Хајденхајм, каде ќе добие прилика да игра редовно.

Овој текст првично е објавен на ДВ на аглиски јазик