Шефот на ФБИ најави оставка
12 декември 2024Со оглед на претстојната инаугурација на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, шефот на американската федерална полиција ФБИ, Кристофер Вреј, најави оставка во јануари. 57-годишниот Вреј ги информирал вработените за својата одлука на состанок во Вашингтон.
„По неколку недели внимателно разгледување“, тој верува дека вистинска одлука е да остане на функцијата само до крајот на сегашниот мандат на претседателот Џо Бајден, а потоа да се повлече.
Вреј ја завршува својата работа на чело на ФБИ три години пред редовниот крај на 10-годишниот мандат, кој беше обележан со политички оптоварени истраги - вклучувајќи и такви кои што доведоа до две одделни обвиненија против Трамп минатата година.
Директорите на ФБИ се назначуваат за период од десет години. Долгиот мандат има за цел да се избегне партизација по промена на политиката во Белата куќа на секои четири години. Самиот Трамп го назначи Вреј за шеф на ФБИ во 2017 година.
Трамп, кој ја презема функцијата на 20 јануари, веќе го номинираше адвокатот Кеш Пател за функцијата директор на ФБИ. 44-годишниот Пател е остар критичар на ФБИ и изрази одредена почит кон движењето QAnon, кое на интернет со години шири десноекстремна идеологија на заговор.