1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСеверна Кореја

Ким: Нуклеарно оружје доколку се наруши суверенитетот

ЕМФ | агенции
4 октомври 2024

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун изјави дека земјата нема да се двоуми да ги искористи сите расположливи сили, вклучително и нуклеарно оружје, доколку „непријателот“ се обиде насилно да го наруши нејзиниот суверенитет

https://p.dw.com/p/4lO8N
Ким Јонг Ун камп за обука на специјални сили
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун во камп за обука на специјалните сили на севернокорејската армијаФотографија: KCNA/YONHAP/picture alliance

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун се закани дека ќе употреби нуклеарно оружје доколку непријателски сили го нарушат суверенитетот на земјата. Тој, исто така, го опиша јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол како „ненормална личност“ која ја загрозува регионалната безбедност и мир, објави севернокорејската државна новинска агенција КЦНА. Ким ги дал своите изјави во средата (2.10) во камп за обука на специјалните сили на севернокорејската армија.

Ким Јонг Ун во камп за обука на специјалните сили на севернокорејската армија
Ким Јонг Ун среде припадниците на специјалните сили Фотографија: KCNA/YONHAP/picture alliance

На почетокот на неделава, јужнокорејскиот претседател Јун се закани дека севернокорејска употреба на нуклеарно оружје ќе значи крај на режимот. „Ако Северна Кореја се обиде да користи нуклеарно оружје, ќе се соочи со решителен и огромен одговор од нашата војска и јужнокорејско-американскиот сојуз. Овој ден ќе биде крај на севернокорејскиот режим“, рече Јун во својот говор на Денот на националните вооружени сили во вторникот.

Во септември, севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун за првпат претстави постројка за облагородување ураниум и зборуваше дека сака „експоненцијално“ да ги зголеми залихите на нуклеарно оружје. Стокхолмскиот мировен институт Сипри проценува дека Северна Кореја има околу 50 нуклеарни боеви глави. Сепак, ова е само груба проценка, точната бројка не е позната. Земјата, поради нејзината нуклеарна програма, е под санкции и забрани за увоз. Последната позната нуклеарна проба се случи во 2017 година.