Идејата за пензионирање на 67 години на стенд-бај
3 декември 2024Предлогот за поместување на старосната граница за пензионирање во Северна Македонија предизвика лавина реакции во јавноста. Синдикатите се загрижени, но Владата смирува дека во овој момент не размислува да ја зголеми старосната граница за одење во пензија на 67 години од 2026 година. Во меѓувреме се прават анализи како да се обезбеди стабилен пензиски фонд. Темата стана актуелна по предлогот на Фискалниот совет за надминување на проблемите со коишто се соочува ПИОМ, но и за заштита на државниот буџет.
Како да се обезбеди стабилен пензиски систем?
Владината портпаролка Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека Владата размислува како да ја пополни дупката во Фондот за пензиско осигурување. Таа не прецизираше дали се разгледува и другата мерка, предложена од Фискалниот совет, за постепено зголемување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување.
„Во овој момент она што направивме е усогласувањето на пензиите од 5.000 денари. Имаме активна методологија и закон по којшто се работи. Гледаме како да ги стабилизираме сите состојби, така остануваме посветени и на состојбата во Фондот за ПИОМ и ќе ги разгледаме сите состојби како да имаме еден стабилен систем. Во овој момент не се размислува за предлогот на Фискалниот совет“, вели Митева.
Фискалниот совет, државна институција основана од Собранието, предлага зголемување на старосната граница за пензија на 67 години како дел од мислењето за Фискалната стратегија (2025-2029). Овој предлог, којшто е доставен до Собранието на Северна Македонија, предвидува измената да стапи на сила во 2026 година и важи за мажите и жените. Во документот е наведено дека се предлага намалување на дефицитот во ПИОМ, преку зголемување на границата за пензионирање на мажите и жените на 67 години, како и зголемување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување за 0,7 процентни поени во 2026 година, а потоа доколку состојбите се влошени и во 2027 година да се зголеми на 21%.
Синдикатите се сериозно загрижени
Сериозна загриженост има и кај Сојузот на синдикатите. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов во изјава за МИА вели дека без волјата и потребата на работниците, нивниот работен век не може да се продолжува и да се одложува заслуженото пензионирање како покритие за лошите политики долг период наназад.
Според него, пензиските реформи во сериозни држави се прават врз основа на сеопфатни анализи за целокупната општествено –економска состојба со сите предности и клучни предизвици во насока на социјално згрижување и сигурност за најголем број од населението.
Трендафилов вели дека се потребни сериозни политики и мерки за зголемување на бројот на вработување на младите по пат на реални и одржливи работни места кои ќе бидат резултат на нови домашни или странски инвестиции и зголемување на платите, а со тоа и зголемување на средствата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и намалување на сиромаштијата. Потребни и политики и мерки за пристојна работа за сите со почитување на правата од работен однос според меѓународните трудови стандарди со цел да се задржат младите луѓе да работат и живеат во сопствената држава.
Повеќе услови за пензионирање
„Потребно е воведување на повеќе услови за пензионирање, како пензионирање со навршени 40 години работен стаж за мажи и 35 години работен стаж за жени, предвремено пензионирање, воведување на бенефициран стаж за градежните работници како и во други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се однесуваат на животот и здравјето на работниците, старосна пензија - по возраст или работен стаж - по дејности, предвремена старосна пензија по возраст, неполна старосна пензија по возраст обезбедување на можност за докуп на стаж“, посочува Трендафилов.
Синдикатот бара и сеопфатни ангажмани за трансформација на непријавената работа во пријавена и целосен ангажман на инспекциските и други државни органи за наплата на социјалните придонеси во целост.
Според Фискалниот совет, ваквите мерки се потребни за одржување на Фондот на ПИОМ, намалување на фискалните ризици и за консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период.
„По Косово, ние имаме најниска стапка за пензиско осигирување во Западен Балкан. Поместувањето на старосната граница на некој начин еден ден ќе биде побарано како услов за усогласување во фискалната конвергенција со земјите членки на ЕУ, каде што не сме конвергентни се уште. Таа што кога-тогаш тоа ќе дојде. Ние сме должни експертски да ги дадеме овие предлози до Собранието - кога и дали ќе ги прифатат и дали ќе има волја за тоа - зависи од нив. На крајот на краиштата тоа е нивен избор“, изјави академик Абдулменаф Беџети за ДВ.
Неправеден предлог за работниците
Професорот на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Бранимир Јовановиќ за ДВ вели дека е категорично против овој предлог, бидејќи смета дека тој е неправеден за работниците, а и нема да ги реши проблемите со кои се соочува Пензискиот фонд во моментот.
„Главното прашање е колку долго живеат луѓето откако ќе се пензионираат, и тоа во Македонија сега изнесува околу 10 години, што е меѓу најкратките во Европа - границата за пензионирање е 63 години, а животниот век е 73 години. Ако се зголеми границата за пензионирање на 67 години, луѓето би живееле во просек само 6 години во пензија – веројатно најкратко на цел свет“, вели Јовановиќ.
За споредба, во Австрија животниот век по пензионирање е 18 години - границата за пензионирање е исто 63 години, но животниот век е 81 година. Слично е и во другите земји од ЕУ. „Кога животниот век во Македонија ќе се доближи до 80 години, тогаш треба да се размислува за вакви промени, а не сега“, вели аналитичарот.
Дополнително, според него, мерката нема да има скоро никаков ефект на краток рок, бидејќи резултатите од зголемување на границата за пензионирање се гледаат дури по десетина години. „Дотогаш, дел од сегашните проблеми со дефицитот на пензискиот фонд ќе почнат да се решаваат природно, кога ќе почнат да се исплаќаат пензиите од вториот пензиски столб“, дециден е професорот.