Македонија како неоткриена зимска дестинација
26 декември 2024„Без оглед дали станува збор за почетник или за искусен скијач – Македонија нуди по нешто за секого и е инсајдерска тајна која привлекува сѐ повеќе љубители на зимски спортови“, пишува германскиот весник „Манхајмер морген“, кој посебно се осврнува на скијачките центри Кожув и Попова Шапка. Еве што пишува весникот:
„Кожув: Најголемиот скијачки центар во Македонија
Скијачкиот центар Кожув се наоѓа на југоистокот на Македонија, во близина на границата кон Грција. Оваа област во последните години се разви во вистински 'хотспот' за љубителите на зимските спортови. На само околу час и половина оддалеченост од Скопје и Солун, центарот е лесно достапна локација. Скијалиштето се протега на надморска височина од 1.500 до 2.200 метри и импресионира со фантастичната локација на планината Кожув, која остана главно недопрена од политичките предизвици во минатото.
Кожув располага со импресивна инфраструктура со осум лифтови, вклучувајќи два за влечење и писти од 140 километри. Особено се истакнува големиот простор за слободен спуст, кој е многу популарен кај искусните скијачи. Поради поволните временски услови со медитерански, но и континентални влијанија, снежните падежи се идеални. На Кожув и почетници и напредни скијачи ќе најдат различни скијачки патеки, што го прави регионот популарна дестинација за љубителите на зимски спортови.
Висока технологија и врвен квалитет - рецепт за успех на Кожув
Друго обележје на Кожув е што располага со најсовремената технологија која се користела за развојот на скијачкиот центар. Системот за правење снег го поставил специјалист од Алпите, кој ги опремувал и познатите скијачки центри како Винтерберг (Германија) и Ст. Мориц (Швајцарија). Лифтовите се производство на познатата австриска фирма Допелмајер. Во 2009 година, Кожув беше домаќин на ФИС-Купот за сноубординг, што ја потцрта неговата важност во сцената за зимски спортови.
Попова Шапка – за слободен спуст и за љубителите на длабок снег
Скијачкиот центар Попова Шапка, сместен во Полошкиот регион, е меѓу најстарите и најпознати скијачки центри во Македонија. Со 20 километри писти и девет лифтови, Попова Шапка е 'хотспот' за скијачи кои сакаат слободен спуст. Особено недопрената природа околу центарот, во комбинација со тешките црни и црвени писти, ја прави Попова Шапка вистински рај за љубителите на длабок снег и слободен спуст.
Она што треба да се нагласи за Попова Шапка е фактот што скијачи се носат на оддалечени планински локации за да скијаат на свеж, недопрен снег. Тоа е уникатно искуство за лицата кои копнеат за авантура и невообичаении искуства. Затоа Попова Шапка е првокласен избор не само за класични скијачи, туку и за љубителите на длабок снег и 'фрирајдинг'.
Достапност и помалку масовен туризам
Една од најголемите предности на скијањето во Македонија се достапните цени. Во споредба со поголемите европски скијачки центри, цените на билетите, сместувањето и оброците се значително пониски поради што земјата е особено привлечна за патници кои бараат добар сооднос на цената и услугата. Близината до поголемите градови во околината, како Тетово и Битола, го олеснува доаѓањето до скијачките центри.
Покрај тоа, македонските скијачки региони во голема мера се поштедени од масовен туризам, па оние кои сакаат да го избегнат метежот и вревата од добро познатите скијачки региони на Алпите или Пиринеите, тука ќе најдат мирна алтернатива која сепак нуди одлично скијачко искуство. Недопрената природа, големите шуми и планинските предели го прават скијањето во Македонија посебно искуство.
Други активности во зима
Покрај скијањето, во Македонија има и многу други зимски активности кои ја прават посетата исплатлива. Регионот е идеален за пешачење по снег, скијачко трчање и зимско планинарење. Високата надморска височина на планините исто така нуди совршени услови за фотографирање и доживувања во природата.
Во Тетово и Битола посетителите може да ја доживеат и локалната култура, да уживаат во вкусните македонски јадења и да ја откријат историската архитектура. Посетата на охридските бањи или на планинското езеро Преспа е одлична завршница на зимскиот одмор“, пишува германскиот весник „Манхајмер морген“.