1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп го сака Гренланд, па и со сила

Давид Ел
8 јануари 2025

Гренланѓаните, но и Доналд Трамп и Данска, повторно дискутираат кој ќе го контролира островот во иднина. Идниот американски претседател повеќе не исклучува воен притисок за да го добие овој арктички остров.

https://p.dw.com/p/4ovok
Доналд Трамп Јуниор во посета на Гренланд
Доналд Трамп Јуниор во посета на ГренландФотографија: Emila Stach/Ritzau Scanpix/IMAGO

Спектакуларни ледени пејсажи, планини и тундра, уникатен див свет – Гренланд несомнено нуди безброј мотиви за импресивни фотографии и видеа, особено во ерата на социјалните мрежи. Меѓутоа, дали е оправдано да се оди на кратко туристичко патување на Арктикот, регион силно погоден од глобалното затоплување, е прашање за друга дискусија.

Јавната полемика околу патувањето на американскиот претприемач Доналд Трамп Јуниор има и други причини: неговиот татко ќе го преземе претседателството со САД за неколку дена и е јасно решен Гренланд да го претвори во 51-ва американска држава.

Трамп Јуниор се обиде да го претстави своето патување како невина екскурзија: „Како некој кој ја сака природата и има посетено многу фасцинантни места низ светот, со нетрпение ја очекувам кратката посета на Гренланд оваа недела за да се забавувам“, изјави тој за американската телевизија Фокс њуз пред поаѓање. Во меѓувреме, авионот на Трамп слета на меѓународниот аеродром во Нуук.

Доналд Трамп Јуниор во посета на Гренланд
Приватна посета: Доналд Трамп Јуниор (во средината) и неговата придружба пред статуата на норвешкиот мисионер Ханс Егеде, еден од првите актери во колонизацијата на ГренландФотографија: Email Stach/Ritzau Scanpix/AFP/Getty Images

Според извештајот на Ројтерс, повикувајќи се на извори блиски до Трамп Јуниор, тој планирал да снима видео содржини за подкаст за време на неговата еднодневна посета и немал намера да се сретне со политичари. Шефот на Министерството за надворешни работи на Гренланд, Мингуак Клајст, за Ројтерс изјави дека Трамп ќе остане четири до пет часа: „Не сме информирани за неговата програма, што укажува дека станува збор за приватна посета“.

Гренланд како клуч за политичката агенда на Трамп

Профилот на Инстаграм на самопрогласениот љубител на природата, Доналд Трамп Јуниор е полн со политички објави кои се усогласени со политиката на неговиот татко. Затоа, тешко е да се замисли дека ова патување може да се одвои од агендата на новиот американски претседател, кој повторно ќе ја преземе функцијата за неполни две недели.

Откако победи на изборите во ноември,  Доналд Трамп  веќе побара контрола врз неколку места надвор од САД. На пример, тој изрази желба Панамскиот канал повторно да биде под американска управа. Откако ѝ се закани на Канада со царини, Трамп дури и предложи идеја за  спојување на двете северноамерикански земји.

Доналд Трамп
Доналд Трамп сака Канада и Гренланд да се приклучат на САД Фотографија: Cheney Orr/REUTERS

Сепак, неговите барања кон Гренланд се најсилни. Уште во 2019 година, за време на неговиот прв мандат, Трамп покажа интерес за купување на оваа данска територија. Кога данската премиерка Мете Фредериксен ја отфрли идејата,  Трамп ја откажа официјалната посета на Данска.

Во последните недели Трамп ги повтори своите желби. Пред заминувањето на неговиот син, тој објави видео во кое човек во МАГА капа го повикува Трамп да го купи Гренланд и да го „ослободи од данската колонијална власт“.

Трамп им ветува заштита на Гренланд и неговите 56.000 жители, но не ги наведе причините за своите аспирации. Економски и геополитички, контролата врз богатите ресурси на Арктикот би го зголемила американското влијание во регионот, каде поради топењето на ледените маси и Русија и Кина сè поагресивно ги истакнуваат своите барања. САД веќе имаат арктичко крајбрежје благодарение на Алјаска и од 1951 година одржуваат воздухопловна база во северозападниот дел на Гренланд.

На прес-конференцијата во неговата резиденција Мар-а-Лаго во вторникот (7-ми јануари), на запрепастување на присутните, на прашањето од новинар дали може да ја исклучи можноста за воена сила во неговиот стремеж кон „земање“ на Панамскиот канал и Гренланд ,  Трамп јасно рече дека „не може“.

Гренланд и прашањето за независноста

Гренланд, сепак, станува средство во поголема игра,  привлекувајќи критики од политичарите како Аја Кемниц, претставничка на Гренланд во данскиот парламент: „Не сакам да бидам пион во дивите соништа на Трамп за проширување на неговата империја“, напиша таа на Фејсбук.

Муте Егеде, премиер на Гренланд
37-годишниот премиер на Гренланд Муте Егеде неодамна го заостри својот тон кон ДанскаФотографија: LEIFF JOSEFSEN/Ritzau Scanpix/AFP/Getty Images

Во меѓувреме, во внатрешната политика на Гренланд, се води поинаква дебата околу идната власт над островот. Во своето новогодишно обраќање, премиерот Егеде повика на „важен чекор кон независноста“. „Иднината и државата ни припаѓаат нам!"

Гренланд, населен со Инуити, бил колонизиран од Данска и Норвешка во 18 век, а подоцна преминал под данска управа. По Втората светска војна, формално беше деколонизиран, но сепак со брутални потези на данските власти, како што е присилната стерилизација на жените и принудното преселување на децата во Данска. Овие дела дури сега систематски се истражуваат, што дополнително ја зајакнува желбата на многу Гренланѓани за целосно одвојување од Данска.

Кога во април ќе бидат одржани изборите за нов парламент во автономниот регион, поборниците за независност очекуваат дополнителен ветер во грбот. Егеде во својот говор истакна дека парламентот веќе работи на нацрт-устав за суверен Гренланд.

Данска не сака да го загуби Гренланд

Меѓутоа, прашањето е дали Гренланд може да опстане како економски независна земја. Копенхаген годишно испраќа околу 550 милиони евра на Гренланд, што сочинува една третина од вкупниот буџет на регионот.

Гренланд
Многу мраз и малку луѓе: Гренланд моментално е во фокусот на геополитиката Фотографија: Olivier Morin/AFP

Поради богатството на природни ресурси и геостратешкото значење, Данска тешко би се откажала од Гренланд. По понудата на Трамп, данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен најави нови инвестиции во воената инфраструктура на Гренланд.

Кралството Данска, исто така, го редизајнираше националниот грб, давајќи му на Гренланд повеќе простор на него. „Ние припаѓаме заедно“, изјави кралот Фредерик во своето новогодишно обраќање.

Дали Гренланѓаните ќе прифатат таков став останува тема на изборната кампања. Без разлика на исходот - независност, приклучување кон САД или останување со Данска со повисоки субвенции - геополитичката важност на Арктикот оди во прилог на Гренланд.