СЕК го тужи Маск за прекршоци при купувањето акции на Твитер
15 јануари 2025Комисијата за хартии од вредност и берза (СЕК) во САД го тужи милијардерот Илон Маск поради прекршувања на законот поврзани со купувањето акции на плтаформата Твитер во 2022 година.
Маск „не успеа навремено да ѝ го открие на СЕК (...) неговото стекнување на повеќе од пет отсто од обичните акции на Твитер во март 2022 година“, наведува Комисијата во судските документи објавени во вторник (14.01). Ова, според СЕК, претставува „прекршување на федералните закони за хартии од вредност“. Тоа, како што се вели, му овозможило на Маск да плати „вештачки ниска цена“. Претприемачот заштедил „најмалку 150 милиони“ долари купувајќи акции на Твитер. Според правилата на СЕК, инвеститорите како Маск мора во рок од десет календарски денови да пријават доколку го преминале прагот од пет проценти. Според СЕК, Маск го пријавил својот удел единаесет дена по истекување на рокот. Во тој момент веќе поседувал девет проценти од акциите на Твитер. Курсот на акциите, по објавата, се зголемила за 27%, објави СЕК.
Во октомври 2022 година, по повеќемесечно „повлечи-потегни“, Маск ја презеде интернет платформата Твитер, која сега се нарекува X. Тој почна да купува акции на Твитер уште на почетокот на 2021 година.