Трамп размислува да му даде одложување на рокот на ТикТок?
16 јануари 2025Претстојниот крај на „Тикток“ во САД би можел да трае кратко благодарение на Доналд Трамп. Идниот американски претседател размислува да ѝ додели на платформата со декрет одлагање на рокот за промена на сопственоста од два до три месеци, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на информирани извори. Но, и во таков случај, апликацијата сепак барем еден ден веројатно нема да биде достапна за повеќе од 170 милиони корисници во САД.
Рокот за промена на сопственоста на ТикТок истекува на 19 јануари. Според американскиот закон, апликацијата потоа ќе биде отстранета од американските продавници за апликации и ќе го загуби пристапот до инфраструктурата. Според веб-страницата „Информации“, ТикТок се подготвува сама да се исклучи во САД во недела.
Трамп ќе положи заклетва како претседател на 20 јануари. Според „Вашингтон пост“, неговиот табор размислува за суспендирање на спроведувањето на законот за 60 до 90 дена.
Сите очи се вперени во Трамп
Во САД, ТикТок се смета за безбедносен ризик, бидејќи апликацијата припаѓа на компанијата Бајтденс, која има седиште во Кина. Трамп тврди дека неговите преговарачки вештини ќе му овозможат да постигне договор за ТикТок кој ќе ги реши безбедносните проблеми и ќе го задржи пристапот до 170 милиони корисници во САД. За време на неговиот прв мандат, самиот Трамп се обиде да издејствува продажба на ТикТок со закана дека ќе ја забрани. Сепак, таквата намера не помина на суд.
За време на мандатот на неговиот наследник Џо Бајден, минатата година беше усвоен закон со кој се бара од сопственикот на ТикТок, Бајтденс, да се раздели од платформата во рок од 270 дена. Трамп, меѓутоа, во изборната кампања за Белата куќа беше успешен на ТикТок и сега се залага за задржување на платформата во САД. Тој го повика Врховниот суд да му даде повеќе време да преговара за договор за ТикТок. ТикТок, пак, пред судот тврдеше дека законот ја прекршил слободата на говорот загарантирана со Уставот на САД. Одлуката на судиите сѐ уште се чека.
Бајден, исто така, пред да ја напушти функцијата може да му даде на ТикТок време од три месеци - но тоа е предвидено само во случај да има сериозни разговори за продажба.
Законот е закон и за претседателот
Рацете на Трамп во врска со ТикТок се врзани на многу начини бидејќи постои закон. Тој би можел да се обиде да го промени тоа од страна на Конгресот, каде што неговата Републиканска партија има мнозинство. Сепак, законот беше донесен со ретка едногласност и од Републиканците и од Демократите, па шансите тоа да се случи изгледаат мали.
Во исто време, не е јасно колку е ефективен претседателски декрет во случај на закон усвоен од Конгресот. Правниот експерт Ален Розенштајн за „Вашингтон пост“ тврди дека декретите „не се магични документи“ и дека на Епл и Гугл сепак ќе им биде забрането да имаат деловни односи со платформата.
За спроведување на законот е одговорно американското Министерство за правда. Кандидатката на Трамп за функцијата министр за правда, Пем Бонди, при сослушувањето во Сенатот одби да каже дали ќе го спроведе законот, укажувајќи на тековните судски постапки.
Страв од кинеска шпионажа
Во САД се предупредува дека кинеската влада би можела да добие пристап до податоците на американските корисници преку ТикТок и да ја злоупотреби платформата за своја пропаганда. ТикТок и Бајтденс го негираат тоа.