Во канџите на коцката
3 јули 2009„Во најинтензивните фази го забораваш останатиот дел од животот. Седиш пред автоматите, ги притискаш копчињата и се надеваш дека нешто ќе се случи, дека ќе сепак ќе освоиш нешто. Во тоа време што го поминуваш таму забораваш сѐ, проблемите што ги имаш на работа или во партнерството, во семејството или со другите луѓе. Едноставно потиснуваш сѐ!“
Франк седи во светлото биро во западниот дел на Берлин. Пред него се наоѓа голема работна маса, а од другата страна на големото биро и масата на неговиот колега и деловен партнер Томас. Тие често разговараат за маките што ги поминаа заедно. Цели седум години Франк беше зависник од автоматите во казината. На нив во тој период потроши меѓу 250 и 400 илјади евра! Точната сума не може никој да ја определи. Парите ги земаше главно од сметките на заедничкото претпријатие, што го води заедно со Томас, и за малку ќе предизвикаше комплетна катастрофа.
Година и половина се изминати од моментот кога Франк сфати дека тоа не оди така понатаму, побара помош и сега се придржува до програмата за враќање во нормалниот живот. Томас ги контролира секојдневно сметките на претпријатието, но и приватните сметки на Франк.
„И понатаму ги држам под надзор сметките и тоа сигурно нема да престанам да го правам. Недовербата е и понатаму огромна и се потпира врз конкретни искуства. Франк постојано негираше дека станал зависен од автоматите, постојано мислеше дека некако ќе излезе на крај со тој проблем - исто како што алкохоличарите мислат дека не се зависници и дека во секој момент можат да престанат со пиењето“, објаснува Томас.
Група за самопомош
Франк во меѓувреме оди редовно на состаноците на Групата за самопомош, што ја организира хуманитарната организација на Католичката црква, Каритас.
Во кафулето седат десетина мажи на возраст меѓу 20 и 60 години и потекнуваат од сите можни социјални слоеви. Групата ја води еден социјален педагог, а правилата се јасни: никој не мора да плати ништо за учеството во групата, не мора да го каже ни вистинското име, но затоа не смее да оди во казино.
По враќањето дома, Франк разговара по телефон со ќерка му. Таа живее сега со мајка и’ - веќе година и половина. Сопругата не можела повеќе да го издржи пеколот со зависноста на Франк и го напуштила. Шестгодишното девојче минува два дена во неделата кај таткото. Таа му е на Франк се’ во животот и сака да им одолее на сите искушенија поради неа:
„Откако ја совладав најстрашната фаза на зависност почнав сосема поинаку да ги доживувам односите со блиските. Порано бев само на половина со нив, а другата половина беше во казино“, појаснува Франк. Тој знае дека во секој момент може повторно да му подлегне на искушението и затоа има изградено систем: контролата на сметките што ја врши бизнис партнерот Томас, групата за самопомош и детето.
„Никогаш не си сигурен, но сметам дека сѐ на сѐ сум релативно добро обезбеден!“