Заложници во Газа: Трамп му постави ултиматум на Хамас
3 декември 2024Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп им се закани на палестинските милитанти во Појасот Газа со огромни последици доколку израелските заложници што ги држат повеќе од една година не бидат ослободени до моментот кога тој ќе ја преземе функцијата.
Тој порача дека ќе биде платена „ужасна цена“ на Блискиот Исток доколку заложниците не бидат ослободени пред неговата инаугурација на 20 јануари 2025 година.
„Оние кои се одговорни ќе бидат погодени посилно од кој било...“ објави Трамп на веб-страницата Трут соушал и ја додаде пораката „Ослободете ги заложниците сега“, напишана со големи букви.
Со ужасна цена Трамп им се закани на оние кои, како што напиша, извршиле злосторства против човештвото.
Војната во Газа започна кога палестинските екстремисти предводени од Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел и убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, и киднапираа и одведоа повеќе од 250 заложници на палестинска територија.
Заканата на Трамп дојде откако израелската влада ја потврди смртта на Омер Неутра, Израелец кој имал и американско државјанство.
Се верува дека неговото тело сè уште е во Газа. Неколку дена претходно, Хамас објави видео снимка од Еден Александар, кој служел во израелската војска кога бил киднапиран.
На видеото се гледа како тој е под притисок додека го повикува Трамп да преговара за неговата слобода и за слободата на преостанатите заложници на Хамас.