ЕУ без „мотор“ пред враќањето на Трамп
9 јануари 2025Доналд Трамп им се закани на Европејците уште пред (повторно) да ги преземе должностите на американскиот претседател на 20 јануари. Трамп рече дека ќе воведе високи царини за европските производи, ќе ја намали американската помош за Украина и ќе започне дискусија за тоа како НАТО треба да се финансира во иднина.
Со оглед на претстојните турбуленции, би било важно 27-те земји-членки на Европската унија (ЕУ) во оваа ситуација да покажат единство и да зборуваат на ист јазик. Но, реалноста е поинаква: кога Трамп ќе се врати во Белата куќа, Германија и Франција ќе го пречекаат со нестабилни влади.
Двете земји често се нарекуваа „мотор на Европската унија“ - тие се членки на Унијата со најголемо население и најголеми национални економии на ЕУ.
Малцински влади
Во Германија, актуелната влада на сојузниот канцелар Олаф Шолц ја сочинуваат Социјалдемократите (СПД) и Партијата на зелените. Тоа е малцинска влада - повеќе нема свое мнозинство во Бундестагот. Кон крајот на февруари (23.02) се одржуваат предвремени избори и по нив, очекувано, би можело да се врати политичката стабилност.
Ако се суди според досегашните анкети, ниту една партија нема да освои апсолутно мнозинство на изборите и затоа е веројатно дека по изборите ќе се преговара за формирање на владејачка коалиција. Сè на сè, може да се каже дека откако Трамп ќе продолжи со претседателството, ќе поминат најмалку два месеци пред Германија да добие нова влада.
Во Франција, фазата на нестабилност ќе трае уште подолго: во согласност со Уставот, нови избори може да се одржат најрано во јули 2025 година, а потоа во Франција, динамиката на политичките настани ќе биде „диктирана“ од резултатите на последните избори во јули 2024 година - на кои не беше искристализирана опцијата јасно мнозинство, трите политички блока се приближно подеднакво силни, што го отежнува формирањето стабилна влада.
Тие се десничарскиот популистички Национален собир, левичарскиот Нов народен фронт, а во центарот партијата на државниот претседател Емануел Макрон,- Заедно за Републиката со нејзините сојузници.
„Ситуацијата е многу нестабилна. Никој нема мнозинство во парламентот. А трите блока не сакаат да соработуваат“, вели Клер Демесмеј за ДВ. Таа е професорка на Институтот за политички науки во Париз, односно експертка која истражува во Центарот Марк Блох, кој е германско-француски центар за општествени науки во Берлин.
Во Германија во таква ситуација би се обиделе да направат некаква коалиција, вели Демесмеј. „Но, во Франција не постои култура на компромис. Политичката култура на Франција е крајно конфронтирачка. Затоа е тешко да се најде владејачко мнозинство“.
Кавга за пари
Конзервативниот премиер Мишел Барние неодамна неуспешно се обиде да го „протурка“ нацрт-буџетот во парламентот во Париз. Поради тоа дојде крајот на неговата влада. Тоа беше на 4 декември, откако му беше изгласана недоверба во парламентот. На 13 декември, претседателот Макрон го назначи центристот Франсоа Бајру за нов премиер и му даде мандат да формира нова влада.
И во Германија владата се распадна поради спор околу буџетот. И така двете најголеми земји на Европската унија влегоа во новата година без усвоен буџет за 2025 година.
„Она што дополнително ја влошува ситуацијата: во однос на државните финансии, сите најголеми национални економии во ЕУ следат сосема спротивен курс“, вели Карстен Брзески, главен економист на ИНГ-банка за еврозоната, во интервју за ДВ.
Франција има голем долг и би морала да штеди, а Германија би требало да троши повеќе пари, на пример со инвестирање во дотраена инфраструктура, вели нашиот соговорник: „Франција би морала да стане малку погерманска, а Германија да биде малку повеќе француска".
Долговите и должничката кочница
По Грција и Италија, Франција има трет најголем национален долг меѓу членките на еврозоната. Германската задолженост е малку повисока од горната граница пропишана од ЕУ.
Големи разлики има и во однос на државните буџети. Во Германија дефицитот е под горната граница на ЕУ, што е три отсто од БДП.
Причината за тоа е таканаречената должничка кочница. Ова е правило кое е дефинирано во Основниот закон на СР Германија, во пракса значи многу строги правила во однос на новите задолжувања. Критичарите на сопирачката за долгот велат дека правилата се престроги, па затоа бараат тие да се олабават. А за тоа е потребно двотретинско мнозинство во следниот состав на Бундестагот.
Во Франција, новиот премиер Бајру се бори со истите проблеми со кои се бореше неговиот претходник Барние. Имено, тој сакаше да заштеди околу 60 милијарди евра со еден вид микс на зголемување на даночните стапки и кратење на државните расходи. Франција се бори со голема дупка во буџетот.
На крајот на 2024 година, таа дупка, според некои прогнози, достигна шест отсто од БДП. Тоа е два пати повеќе од дозволената горна граница пропишана од ЕУ. На Франција и се заканува казна за надминување на дефицитот, во тек е соодветната постапка на надлежните институции на ЕУ. Едноставно кажано: Франција сега мора редовно да ја информира Европската комисија за тоа како земјата има намера да ја „пополни“ буџетската дупка.
Дилемата на Бајру: тој мора да штеди за Франција повторно да може да ги почитува правилата на ЕУ. Но, за да може да „протурка“ низ парламентот буџет кој вклучува мерки за штедење, потребна му е влада со солидно мнозинство. А таква влада нема да има барем до летото 2025 година. „Тоа е квадратура на кругот“, смета Клер Демесмеј.
Реакцијата на финансиските пазари на настаните во Франција беше јасна: Франција беше „казнета“ – имено, во меѓувреме се зголеми премијата за ризик што Париз ја плаќа за своите државни долгови. И тоа на највисоко ниво од должничката криза во еврозоната, од 2010 година оваа криза ја доведе еврозоната на работ на колапс.
Премијата за ризик, едноставно кажано, го одразува мислењето што го имаат доверителите за една земја, односно за нејзината способност навреме да ги отплати долговите. Во овој поглед, Франција неодамна е полошо рангирана од Грција, земја која до пред само неколку години беше најголемата финансиска грижа на ЕУ.
Кредитен рејтинг
Во средината на декември следеше нов удар: рејтинг агенцијата Мудис го намали рејтингот во однос на кредитната способност на Франција. Тоа значи дека новите долгови (т.е. заеми) поскапеа за Франција. Француската „политичка фрагментација“, тврдеше тогаш Мудис, ја ослабува буџетската ситуација во таа земја и го спречува усвојувањето на сеопфатни реформи, со цел да се намали големиот дефицит.
Проблеми има и во француската економија. За минатата година Централната банка прогнозираше раст на БДП од 1,1 отсто. За 2025 година, таа мораше да ја намали својата прогноза на 0,9% - и тоа го објасни со „зголемената неизвесност“ во и надвор од Франција.
Во Германија би биле среќни доколку економијата расте со такви стапки. Во Сојузна Република Германија, Бундесбанк, (Централната банка во Германија) прогнозираше пад на БДП за 0,2% за минатата година. Тоа би значело дека зад Германија веќе стојат две последователни години рецесија.
Ниту прогнозите за 2025 година не изгледаат многу подобро. Со други зборови: германската економија стагнира. Најголемиот фактор на неизвесност е „можниот глобален раст на протекционизмот“, според Централната банка во Франкфурт на Мајна.
(Не)слободна трговија
Од германска гледна точка, мало олеснување за сегашната ситуација може да значи склучување на нов договор за слободна трговија - на пример меѓу Европската унија и јужноамериканските земји Аргентина, Бразил, Уругвај и Парагвај. Таканаречениот договор Меркосур би значел создавање на најголемата зона за слободна трговија во светот, со околу 700 милиони луѓе.
Во декември минатата година Европската комисија ги заврши преговорите за ова прашање, но засега не е јасно кога (и дали?) земјите-членки ќе го ратификуваат договорот.
Јасно е само дека Франција и Германија немаат ист став за Меркосур. Франција веќе јасно го сигнализираше своето противење на сеопфатен договор за слободна трговија.
„Прашањето на трговијата е класично прашање околу кое спорат Германија и Франција“, вели политикологот Демесмеј. „Во Франција генерално се многу покритични кон големите трговски договори отколку во Германија. Постои чувство дека иднината на сопствената земја повеќе не е во сопствени раце - и тоа е политички опасно“.
Како со Трамп?
Недостатокот на единство може да стане проблем и откако Доналд Трамп повторно ќе ја преземе претседателската функција во САД. Веќе за време на неговиот прв мандат (2017-2020), Европејците често оставаа впечаток дека само реагираат на неговите потези, како да не ни знаат како да се справат со бројните нови најави на Трамп кои тој ги „пласираше “ преку Твитер.
Европејците денес се навистина подобро подготвени за Трамп отколку пред осум години, според главниот економист на ИНГ-банка, Брзески. Но, тој ги советува дека би било добро да не реагираат само на она што го прави Трамп: „Наместо тоа, треба да се грижат за внатрешниот пазар на ЕУ, односно да инвестираат во нивната инфраструктура и да протуркаат структурни реформи“.
Истовремено, додава Брзески, од клучно значење е подоброто усогласување на партнерите: „Знаеме од минатото: кога двете најголеми национални економии нема да соработуваат и кога не го туркаат европскиот проект напред, тогаш напредокот во Европа ќе биде многу бавен".