1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Америка го дели Западот, а Русија- Европа

Бернд Ригерт/превод: З.Јордановски11 февруари 2015

ЕУ е во исчекување на резултатите од самитот на „четворката“ во Минск. Ако изостане компромис за конфликтот во Украина, ќе биде загубена и досега најголемата сила на Западот - неговата сплотеност, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1EZNE
Фотографија: Fotolia/Stefan Körber

Во Украинската криза за ЕУ станува се’ помачно да ги одржува сплотени своите редови. Мислењата на министрите за надворешни работи се’ повеќе се разијдуваат - како кај санкциите против Русија, така и кај можните испораки на оружје за Украина. Во меѓувреме повеќе главно источноевропски земји се подготвени да го следат патот што го трасираат САД и можат да си претпостават да и’ се испорачува модерно оружје на украинската армија, за да може таа да се брани против бунтовниците и платениците опремувани од Русија. Се’ уште мнозинството од членките на ЕУ е против испорака на оружје следејќи ја германската мантра дека дополнително оружје само може да ја заостри војната.

Меѓу малкуте работи со кои Западот досега може да му се спротивставува на империјалистичкото дејствување на претседателот Путин е сплотеноста во политиката кон Украина. Но, САД се на најдобар пат неа да ја загрозат, ако успеат да убедат само дел од Европејците да подржат испораки на оружје и поцврсто постапување кон Москва.

Испораки на оружје ќе придвижат спирала на ескалација

Ако посредничкиот самит денеска (среда, 11.02.2015) доживее неуспех и САД донесат решение за испорака на оружје на Киев, Москва со задоволство би можела да констатира дека е разнишан западниот дипломатски фронт. Освен тоа, Кремљ тогаш би имал добредојден изговор и официјално да интервенира во војната на истокот на Украина и уште повеќе да ги опреми бунтовниците. Веројатно не би можела да биде спречена натамошна ескалација. Би се влегло во индиректна војна меѓу Западот и Русија, а врз грбот на Украина.

Кој испорачува оружје, мора да е начисто со тоа дека најчесто мора истовремено да прати и советници и екипи што го опслужуваат тоа оружје - за да може ефикасно да биде употребено. На крајот тоа може да значи дека на истокот на Украина едни спроти други ќе стојат копнени трупи од Исток и Запад. Тоа не може сериозно да го посакува никој ни во Европа, ниту во САД.

Deutsche Welle Bernd Riegert
Бернд Ригерт

Такво нешто, како чисто дефанзивно оружје, не постои. На испораки на оружје за Украина од страна на држави од НАТО, Русија во секој случај би одговорила со натамошно вооружување. И потоа? Не, ЕУ би требала да остане кај отфрлањето каква и да е натамошна ескалација. Можеби истокот на Украина веќе не може да се задржи во нејзиното денешно државно уредување, туку само во некаква лабава федерација. Ова би можело да биде резултатот од самитот во Минск. Тоа би била веќе половична победа на рускиот претседател. Не би било пријатно - но која би била алтернативата? Натамошни борби, уште повеќе загинати? Опасноста од некоја вистинска војна меѓу Русија и Западот?

Со оружје да се спречи поделба на Европа?

Русија намерно го разори досегашниот поредок во Европа. ЕУ, а и САД, мораат да согледаат дека недоволно можат да се борат против тоа - ако не сакаат да влегуваат во непресметливи ризици. Црвената линија останува надворешната граница на НАТО. Русија неа не смее да ја пречекори. Инаку, јасно е дека (источна-) Украина, Грузија, Молдавија и Белорусија повторно западнаа во сферата на влијание на Москва. Западот не може и не би требало нив да ги брани со оружје, туку во најдобар случај со зборови. Нова поделба на Европа речиси непосредно претстои.