1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Африканските лидери се уплашија

Кажмиерчак/Енгелхарт5 март 2009

Меѓународниот кривичен суд издаде наредба за апсење на претседателот на Судан, Омар Хасан Ал Башир. Другите африкански лидери сега стравуваат дека и тие можат да се најдат пред лицето на правдата.

https://p.dw.com/p/H63B
Не е исклучена можноста да биде обвинет и за геноцид - Ал БаширФотографија: dpa

Тоа што судиите се согласија да издадат налог за апсење на Омар Ал Башир е, несомнено, голем успех за обвинителството во Хаг. Сепак, успехот е само делумен, бидејќи претседателот, кој по потекло е од Гана, се спаси од најтешкото обвинување за геноцид. Во секој случај, остануваат уште седум точки по кои ќе му се суди, кои во случај на пресуда, со сигурност би му донеле на Ал Башир висока казна. Портпаролот на Судот, Лоренс Блерон вели: „Омар Ал Башир е осомничен за напади врз широки маси цивилно население во Дарфур и со тоа за убиство, насилство, злоупотреба и протерување на цивили и уништување на нивниот имот“, изјави Блерон и потенцира дека ова е првпат Меѓународниот кривичен суд да обвини претседател кој се` уште е на функција.

Во немирите во западен Судан загинаа повеќе од триста илјади лица, а повеќе од два милиони цивили беа протерани. Но, според Судот, засега нема доволно докази, според кои Ал Башир и неговите приврзаници би се товареле за геноцид врз населението во Дарфур.

Африканските лидери поделени

Zwölfter Gipfel Afrikanische Union
Либанскиот лидер Гадафи на последниот самит на Африканската унија, одржан на втори февруариФотографија: picture-alliance/ dpa

Налогот за апсење на Ал Башир го подели африканскиот контитент. Многу африкански политичари со скепса гледаат на Меѓународниот кривичен суд. Не е фер тоа што Ден Хаг во последно време тужи само Африканци, критикуваше претседателот на комисијата на Африканската унија, Жан Пинг, на самитот на Унијата пред еден месец. Човек ќе помисли дека Судот, на некој начин, се испробува во Африка, смета Пинг.

Веднаш по неговиот говор, 53 африкански држави се согласија да го отфрлат налогот за апсење на Ал Башир. Министерот за надворешни работи на Танзанија вака го образложи овој чекор: „Не гледаме шанси за долгорочен мировен процес, ако од една страна испраќаме седумнаесет илјади војници во Дарфур, а од друга страна го поддржуваме апсењето на претседателот Башир“.

Африка нема функционални институции на ова поле

Darfur Flüchtlinge in Sudan Flüchtlingslager
Бегалски камп во ДарфурФотографија: AP

Но, критичарите сметаат дека вистинската причина за одбивањето на африканските држави да го поддржат апсењето на Башир лежи во нешто сосема друго: многу од африканските претседатели кои со години, ако не и децении владеат со некои африкански држави, оправдано стравуваат дека можат да се најдат пред лицето на правдата. Според неофицијални информации, околу триесетина африкански држави, кои досега го признаваа Меѓународниот кривичен суд, размислуваат да се откажат од тоа.

Мосес Адрико од Уганда, генерален секретар на панафриканскиот сојуз на адвокати, не се согласува со ваквата намера. Тој смета дека се` уште не е дојдено времето за африканските проблеми да се бараат африкански решенија: „Сосема е јасно дека африканските лидери се плашат дека и тие можат да се најдат пред судот во Ден Хаг. Но, во Африка нема функционална институција, која би можела да се справи со прекрошоци од овој вид“, изјави Адрико и додаде дека не гледа причина зошто некој шеф на држава треба да се плаши, ако неговото работење било во согласност со човековите и граѓански права.