1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската влада усвои „Дигитална агенда“

ЖА/дпа/афп/ртре20 август 2014

Секое домаќинство во Германија до 2018 година треба да има брз интернет, па и во селските региони. Тоа го ветува германската влада во „Дигиталната агенда“, која беше претставена во Берлин.

https://p.dw.com/p/1CyCS
Фотографија: Fotolia/Calado

Германската влада сака да ја доведе земјата до водечка позиција при изградбата на брзи интернет врски, нивната безбедност и отворањето нови интернет-фирми.

Сојузната влада ја усвои „Дигиталната агенда“ со која, покрај другото, се предвидува до 2018 година со брз интернет да биде покриена целата површина на државата. Бројот на новоформирани фирми од ИТ-браншата од сегашните 10.000 треба да порасне на 15.000 годишно. Паралелно е предвидено зголемување на безбедноста на врските. За подобра заштита на стопанството од сајбер-напади владата уште вчера (19.08) предложи посебен закон.

Digitale Agenda der Bundesregierung PK 20.08.2014
Александер Добринт, Томас де Мезие и Зигмар ГабриелФотографија: picture-alliance/dpa

Плановите во Берлин ги претставија сојузниот министер за економија Зигмар Габриел, министерот за внатрешни работи Томас де Мезие и министерот за сообраќај и дигитална инфраструктура Александер Добринт.

Во изградбата на брз интернет во планот на владата приоритет имаат слабо покриените селски региони. Покриеноста во нив изнесува 20 проценти, додека во градот е 80 проценти.

Габриел призна, во концептот нема одговор на сите прашања.

„Дигиталната агенда треба да биде повик на дебата за стратешката програма, таа не е програма за субвенционирање“, истакна тој.