1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„За нација без дискриминација“ -декларативно или реално?

Костадин Делимитов21 ноември 2015

Новиот Протокол за пријавување дискриминација поради сексуална ориентација и родова еднаквост е мал но значаен чекор напред, иако допрва претстои потешката работа, вели за ДВ Драшко Костовски програмски директор во ХЕРА

https://p.dw.com/p/1H9vD
Фотографија: DW/K. Delimitov

Комисијата за заштита од дискриминација заедно со ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ за прв пат промовираа Протокол за заштита на жртвите на дискриминација поради различна сексуална ориентација и родова еднаквост. Станува збор за прв документ од ваков вид кој треба да ги охрабри жртвите да пријавуваат дискриминација од ваков вид. Активистите и граѓанските здруженија се задоволни што конечно е направен некаков исчекор, иако нагласуваат дека допрва претстои уште потешка битка, пред сѐ во институциите. Програмскиот директор во ХЕРА Драшко Костовски (насловна фотографија), еден од активно вклучените во изготвувањето на Протоколот, предупредува дека е конечно време во Македонија сите да сфатат дека насилството од кој било вид не смее да биде толерирано. Предизвикот е огромен, посебно ако се има предвид фактот дека за ниту еден од учесниците во досегашните насилства врз овие поединци, групи, активисти нема какви било санкции.

ДВ: Господине Костовски, за прв пат Комисијата за заштита од дискриминација јавно се занимава со овој тип дискриминација, што претставува ваквиот чекор за вас и на што се должи оваа активност?

Костовски: „По сите извештаи на Европската комисија, по упатствата на Комитетот за човекови права, сите препораки кои укажаа дека Македонија мора да преземе сериозни мерки за стопирање на насилството врз граѓаните со различна сексуална ориентација и родов идентитет, меѓутоа пред се она што го знаеме како граѓани на Република Македонија, практиките на директно брутално насилство врз овие луѓе, сметам дека правиме мал но многу значаен чекор во овој процес. Имено Комисијата за прв пат се занимава јавно со оваа тема, меѓутоа најзначајното е што иако сексуалната ориентација и родовиот идентитет се составен дел на законот за заштита од дискриминација сега постои Протокол, посебен документ за пријавување дискриминација по оваа основа. Тоа е главниот исчекор напред.

Што значи тој Протокол и како ќе функционира тоа?

Тоа значи дека практично лицата кои што се со различна сексуална ориентација и родов идентите жртви на дискриминација се охрабруваат и сега имаат посебен начин, посебен документ, посебен образец каде што можат да го заокружат посебниот тип на дискриминација, односно дискриминацијата на која биле изложени. Затоа тие сега дополнително охрабруваат самите да пријавуваат што е можно повеќе за овој тип на дискриминација.

Имаат можност да пријават, меѓутоа како тоа ќе се процесуира понатаму, како ќе се обезбеди нивна заштита од правен или некој друг аспект?

Комисијата и покрај тоа што законот не го преиспитуваше овој вид дискриминација, односно не го евидентираше, сепак работеше на ваков тип. Ние во текот на оваа година поминавме низ разни обуки заедно со Комисијата во соработка со надворешни партнери од Холандија и мислам дека сега постојат зголемени капацитети подобро да одговорат на овој тип дискриминација. Односно доколку има вакви пријави во Комисијата се надевам дека сега ќе имаат поголеми сознанија како да се справат со нив и да ја утврдат дискриминацијата, а потоа секако според законот и надлежности да преземат мерки без разлика дали станува збор за приватни лица или државни институции“.

Какви се вашите податоци, голем ли е бројот на лица кои треба да се охрабрат да почнат да пријавуваат и реално се загрозени како индивидуи?

Јас мислам дека бројот е голем. Но ако видите дека практично постојат снимки од тоа како одредени луѓе како се нападнати во невладина организација која што ги штити правата на тие лица и тие луѓе не се изведени пред суд со години, нема никакви поместувања, мислам дека воопшто не би ни им паднало на памет да пријават некаков тип на дискриминација бидејќи со тоа би се експонирале и би се изложиле на уште поголема опасност. Така што уште многу треба да се направи. Еве и од Комисијата слушнавме порака да престанеме со двојни пораки. Од една страна од државните институции слушаме дека ние сме земја која се демократизира која што се бори против дискриминацијата, а од друга страна немаме ниту една јавна изјава на функционер кој што ќе осуди ваков тип на насилство. Напротив, ние сме сведоци на изјави за кои сметам дека стимулираат дискриминација и хомофобија врз оваа група.

Зборувате генерално за политичките функционери, или за дел од нив што се во власта:

Да, зборувам за тие кои што се на извршни позиции во власста во изминативе повеќе години.

Што е со редицата случаи на напади што ги споменавте, демолирање на објекти, напади врз активисти, има ли одговорност кај некого?

Ние пред некој ден славевме годишнина од тие напади. Видете тие луѓе не се идентификувани, не се фатени, ниту пак се казнети и тоа е јасен сигнал на оваа држава дека ова прашање не е значајно, така што тука мора да се направи исчекор, мора да стане јасно дека во Македонија никој, без разлика на идентитет, националност, сексуална ориентација, родов идентитет не може да биде тепан, напаѓан, животот да му биде во опасност.

Верувате ли дека ова нема да биде само декларативно, туку и реално поместување напред, сепак засега сигналот е само од Комисијата. Што е со другите институции?

Ова е прв чекор, чекор напред во она тело кое досега нешто преземало на оваа тема. И се надевам дека во пракса ќе има голема промена на оваа тема. Инаку дека можеме денес да објавиме дека состојбата со дикриминацијата и правата на луѓето со различна сексуална ориентација и родов идентитет е постигнат напредок, мислам не! Сметам дека сме уште многу далеку и дека треба да работиме на таа тема. Затоа изработивме и еден спот заедно со комисијата која ќе повторам, за прв пат застана самостојно на овааа тема да испрати порака до јавноста бидејќи тоа и е обврска, да ја зголемува свеста да има ваква кампања. Спотот веќе им е достапен на медиумите и ќе треба да и укаже на целата јавност дека овој тип дискриминација е иста како дискриминацијата врз сите други граѓани и ние треба да ја сопреме. Но институционално треба да сториме уште многу, имаме уште многу работа пред нас.

Колку оваа состојба во која сме сега на политички план може да користи. Ангажирана е и меѓународната заедница, предизвик ли е тоа за Вас?

Мислам дека ова ние сами треба да го решиме како граѓанско, демократско општество. Напротив, дури сметам дека интензивните политички случувања, имајќи ги предвид искуствата од минатите години, најчесто беа користени за јавна дискриминација на овие лица. Можеме да се сетиме на изјави во Парламентот на пратениците, на министри. Значи најчесто ова прашање беше користено за дневно политички цели за да се дефокусира јавноста од некое друго политичко случување. Така што се плашам дека иако има надеж и овој пат на изборите нема да се случи истото, односно, сексуалната ориентација и различниот родов идентитет да се користат за стигмнатизирање, дискриминација и меѓупартиски навреди.