Кој ќе ме негува на старост? Па, робот!
Прегрнување, капење, движење: во старечките домови во Јапонија негувателите имаат сѐ поголема помош од роботи. Техниката е скапа, но кај старите лица добро прифатена.
Тренинг со Пепер
Општеството старее - особено во Јапонија. Според проценките, во 2035 година една третина од јапонското население ќе има над 65 години. За подобра нега на сениорите, во старечките домови веќе сега се користат роботи.
Прави како што ти покажува роботот
Во овој дом во Токио роботот „Пепер“ е спортски тренер. Со електронски глас тој на учесниците љубезно им дава упатства: „Десно, лево, добро е!“ Пепер работи веќе во околу 500 јапонски старечки домови. Тој не само што може да води спортски групи, туку може да води и едноставни разговори.
Играј си со Аибо!
Во старечкиот дом Шин-томи во Токио роботите се замена и за домашните миленичиња. На фотографијата жена си игра со кучето-робот „Аибо“. Во овој дом негувателите користат 20 различни модели за занимавање на старите лица. Владата се надева дека старечкиот дом ќе биде пример за останатите домови - дури и во странство.
Гушкање со Паро
Фоката-робот „Паро“ не само што има меко крзно, туку испушта и звуци кога некој ја милува. Развојот на овој робот траеше десет години, а во меѓувреме се произведени 5000 фоки-роботи ширум светот, од нов 3000 во Јапонија. Но, Паро е скапа: во Јапонија чини 3800 долари, додека во Европа чини дури 5000 евра.
Скапи играчки
Многу јапонски установи скапите играчки ги финансираат преку субвенции од Владата. Сениорите се радуваат што ги имаат. Паро реагира не само на допири, туку и на говор и на светло. Тогаш почнува да мрда со главата, трепка со очите или испушта крици како вистинска фока.
Посилни со роботски костум
Роботите служат не само за интеракција со сениорите, туку и како помош на негувателите при носење на старите лица, како што може да се види на фотографијата. Негувателот носи „мускулен костум“, благодарение на кого му е полесно да ги крева сениорите.
Олеснување во секојдневната работа
Роботските костуми ја зголемуваат силата на негувателите. Тоа е пријатно за сениорите кои така се чувствуваат побезбедни, а подобро е и за негувателите. Машините спречуваат болки во грбот кои се јавуваат поради кревање, носење или туркање пациенти.
Движење со помош на робот
Машините им помагаат на сениорите и за повторно да научат да одат - тие нудат баланс и покажуваат каде треба да се стави стапалото. Но, јапонската влада наспроти сите предности на роботите е сигурна - машините не можат да ги заменат луѓето! Сепак, тие можат со сила, мобилност и надзор да им пружат помош на негувателите и така да им создадат време за остварување на други обврски.