Креативни куќички на дрвја во Берлин
Не само децата, туку и возрасните некогаш сакаат куќа на дрво, каде одвреме-навреме ќе можат да се повлечат - за да се сокријат, живеат или да сонуваат. Ви нудиме примери од Берлин и околината за урбана куќа на дрво.
НЛО среде дрвјата
Нов тренд во Берлин: куќа на дрво. А таа не мора секогаш да биде од дрво. Ова дело на архитектот Андреас Венинг е кабина обложена со плочи од метал. На прв поглед изгледа како неидентификуван летечки објект меѓу гранките.
Куќа на дрво со бели ѕидови
Оваа куќа на дрво се наоѓа во малото пристаниште на реката Шпреја во Берлин. Нејзините сопственици уживаат не само во глетката кон дрвјата, туку и кон реката. И обратно - куќата на дрво на љубителите на вода од бродовите кои поминуваат покрај неа им докажува дека и на копно може да се издржи на мал простор. Се разбира, ако одговараат глетката и ентериерот.
Овде дрвото е во центарот
Оваа куќа на дрво, која навечер наликува на светлосна инсталација, беше отворена во 2012 година на берлинскиот Рибарски остров. Секоја од трите платформи е поврзана со скали, кои кружат околу стеблото. Тоа може да расте и натаму и покрај градбата. Архитектите Флоријан Кнер и Бернита Ле Герете на идејата дошле по детски цртеж на воркшоп.
Куќа на дрво со многу помошници
Буџетот од пет илјади евра е мал, но за изградбата на трикатната куќа на дрвото биле потребни многу доборволни помошници. Но, бидејќи куќичката се наоѓа во градината на Креативхаус Берлин, зграда во која живеат повеќе генерации заедно, немало проблем за помошници. Тоа било причина тие тесно да се поврзат со дрвото.
Куќичка на дрво во парк, отворена за сите
И оваа куќичка на дрво во Градскиот парк во Потсдам не е наменета за приватно уживање. Порачката која ја добиле Емануел Шталман и неговиот тим била - треба да направат куќичка достапна за сите во паркот. Таа не е само игралиште за деца, туку и простор за одмор на висина, среде дрвјата.
Лесна подвижност
Куќичката на двата даба е прицврстена само со челични сајли. Така се постигнува лесна подвижност, чувство кај човекот дека е изложен на силите на природата, а притоа мора да има доверба во силата на дрвјата. За градителите и статичарите во нивната соработка бил посебен предизвик токму фактот дека покрај се‘ не треба да постои страв во стабилноста на дрвјата.
Куќичка од 80 триаголници
Оваа кугла во берлинскиот кварт Кројцберг со своите четири метри радиус има корисна површина од 12 метри квадратни.Таа виси на околу триипол метри над тлото, прицврстена на три дрвја. Три скали водат од куглата кон влезната врата и кон терасата. Целиот објект е составен од 80 триаголници.
Висинска куќичка во куќа
Оваа висинска куќичка, која засега постои само како 3Д проект, е дело на соседите и уметниците во берлинскиот кварт Вединг. Идејата е куќичката да биде сместена на голем носечки столб во средината на една голема просторија од 140 метри квадратни со висок таван. Тоа треба да е мешавина од Гауди, Господарот на прстените, Аватар и тренд кон природата.
Куќичка во ничија земја
Берлин, уште во времето кога беше поделен на Источен и Западен, беше место за креативни куќички. „Куќичката на Ѕидот“ е сместена меѓу две дрвја. Кога Осман Кали, Турчин по потекло, во 1983 година го уредуваше плацот, тој се наоѓаше на ничија земја, директно на границата. Но, тој имаше среќа што смееше да остане тука. Сега има многумина кои градат слични куќички во неговото соседство.