1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Литванците стравуваат: „Ние би можеле да бидеме следни“

Јури Решето
20 април 2022

Во регионот сместен помеѓу Калининград и Белорусија, луѓето стравуваат и се подготвуваат за можен руски напад врз нивната земја.

https://p.dw.com/p/4A66t
Litauen Reportage von Juri Rescheto | Paulius Liškauskas
Паулиус Лишкаускас на тренинг за стрелањеФотографија: Killian Bayer/DW

Пукај! И пукањето почнува. Паулиус Лишкаускас веќе три години вежба за случај на нужда. Во изјава за ДВ, 39-годишникот вели дека верува оти таква една вонредна состојба никогаш не била полиску: „Сакав да се приклучам на Литванската стрелачка унија во 2014 година, кога Русија го анектираше Крим и ја поттикна војната против Украина. Руската државна проппаганда уште тогаш ја зеде Литванија во визир. Се велеше дека ние би можеле да бидеме следни.“

Заедно со Паулиус Лишкаускас уште десетина мажи и една жена земаат оружје и пукаат. Во затемнета просторија, на првиот кат од мала куќа, среде пешачката зона на Марјанполе, виси екран. На него оди анимација со наводни терористи кои се кријат некаде зад зграда. Тие се целта. Целата работа би можела да биде безопасна компјутерска игра ако не беше фактот дека при секој истрел од звучниците на застрашувачки реален начин се слуша врескање. Како да е потсетник на вистинската војна која моментално беснее среде Европа.

Litauen Reportage von Juri Rescheto | Paulius Liškauskas
Членови на Литванската стрелачка унија на тренингФотографија: Killian Bayer/DW

Единствената жена во собата е сопругата на Паулиус Лишкаускас. И двајцата носат маслинесто-зелена униформа на Литванската стрелачка унија, паравоено здружение кое има поддршка од државата. Литванската стрелачка унија е еден вид дополнителна војска. Се состои од Литванци кои редовно тренираат со оружје и се подготвени да се борат во итен случај.

Паравоено здружение со сомнителна традиција

Клубот има долга традиција и контроверзна репутација. Основана на почетокот на 20. век, во текот на борбата за независност на Литванија, Стрелачката унија соработуваше со нацистите за време на Втората светска војна. По приклучувањето на Литванија кон СССР, членовите на Унијата, водеа партизанска борба против Советите. Дел од нив станаа жртви на режимот на Сталин. По прогласувањето на независноста на Литванија во 1990-тите, Унијата доживеа повторно раѓање. По почетокот на војната во Украина, рекреативните стрелци имаат прилив на многу нови членови.

Паулиус Лишкаускас е среќен што е еден од 14.000 членови, пред сѐ затоа што неговото семејство живее во област која се смета за особено ранлива во случај на војна против Русија: во т.н. коридор Сувалки. Така се вика тесниот појас земја што ја поврзува Литванија со Полска и е „вклештен“ помеѓу руската ексклава Калининград на северозапад и сојузникот на Русија, Белорусија на југоисток. Вклештен, затоа што се работи за само 65 километри воздушна линија, затоа што е тоа единствената копнена врска меѓу балтичките држави и другите партнери на НАТО. Многумина овде, кои чувствуваат длабока аверзија кон Русија, стравуваат дека Москва би можела да ја затвори оваа копнена врска

Karte Suwalki Lücke Deutsch
Коридорот Сувалки е единствената копнена врска меѓу балтичките држави и другите партнери на НАТОФотографија: DW

Аверзија чувствува и Паулиус Лишкаускас, кој инаку, кога не ја носи униформата на Литванската стрелачка унија, работи како адвокат. Но, тој прави разлика помеѓу руската политика и обичните луѓе во Русија: „Имам руски клиенти со кои и натаму сум во контакт. Не чувствувам омраза кон нив лично, туку кон нивната држава и руската државна пропаганда.“

Омразата ја чувствуваат и Русите кои патуваат со воз на релација Москва-Калининград. Тие притоа минуваат низ литванскиот главен град Вилнус. Не смеат да се симнат на станицата во Вилнус, но од прозорците на возот гледаат крвави слики од војната. И, соочени се со прашањето - дали навистина сакаат да го поддржуваат рускиот претседател Путин.

Војната во Украина - страв за Литванија

Литванија и Русија околу 45 години припаѓаа на една држава: Советскиот Сојуз. По прогласувањето на независноста, Литванија влезе во НАТО во 2004 година. Тензиите со Русија се зголемија во последните години.

Војната во Украина е повик за будење, предупредува пратеникот на литванскиот парламент Лауринас Кашчиунас. Во интервју за ДВ тој вели дека Литванија мора да биде подобро подготвена за случај на можна агресија од Русија: „Имаме само неколку години да се подготвиме. Затоа ни треба поголемо присуство на НАТО како сигурно одвраќање“.

Litauen Reportage von Juri Rescheto
Слики од војната висат на железничката станица во ВилнусФотографија: Killian Bayer/DW

Предност на Литванците сега им обезбедија токму Украинците, оценува политикологот Томас Јанелиунас од Универзитетот Вилнус. Кога започна војната, во Литванија имаше луѓе кои од страв сакаа да ја напуштат земјата, вели тој за ДВ. Сега, сепак, многумина гледаат дека руската армија е послаба отколку што се мислеше, а волјата на Украинците е посилна, нагласува Јанелиунас: „Вакви работи, како војната во Украина, ни се добра лекција. Ни даваат време да се подготвиме. Украинците ни создаваат време. Мораме оптимално да го искористиме ова време и да се подготвиме.“

- повеќе: Финска и Шведска на пат кон НАТО

На пример - со вежби за стрелање, како што тоа го прават Паулиус Лишкаускас и Литванската стрелачка унија. Тој вели дека би се радувал доколку би имало повеќе НАТО-војници, но во случај на војна би се приклучиле и тој и сопругата: „Тешко е да се зборува за иднината. Живееме во тешки времиња и никој не знае што ќе се случи утре. Затоа е важно да се живее овде и денес, сопствената земја да се зајакнува со мали чекори, со патриотизам.“

Поради војната во Украина, луѓето во коридорот Сувалки загрижено гледаат кон иднината.