Многу чоколадо за малку пари
Сигурно знаете колку чини Вашето омилено чоколадо. А, знаете ли колку од тие пари добиваат производителите на какао? Многу малку! Многу од тие луѓе живеат во сиромаштија. Притоа, сѐ би можело да биде многу едноставно.
Од каде доаѓа какаото?
Индонезија, Еквадор и Нигерија се меѓу важните земји производители на какао. Гана и Брегот на Слоновата коска се најголемите земји производители - околу две третини од какаото потекнува од овде. Двете западноафрикански држави се обидуваат заедно да постигнат најниска цена од 2600 американски долари за тон какао.
Не е сѐ злато
Додека ние грицкаме чоколадо, производителите на какао често работат во многу лоши услови. На многу места работат и деца. Едно просечно семејство на производители на какао во Брегот на Слоновата коска или во Гана заработува помалку од парите кои овде би ги дале за еден чоколаден Дедо Мраз - помалку од едно евро на ден.
Големи осцилации на цените
Лошите жетви поради суши или штетници, политичките немири во земјите каде се произведува какаото, но и шпекулантите, се причина за постојани осцилации на цените. Во 1980-те какаото беше многу исплатливо, а до почетокот на новиот милениум цените паднаа вртоглаво. Во изминатите години цената на светските пазари е повторно двојно зголемена.
„Дебел“ бизнис
Но, дури и зголемените цени не се автоматски гаранција за поголема заработка на производителите. Ситните селани добиваат само околу 6% од цената што се плаќа во Германија за една табла чоколадо. Во 1980-те добиваа 16%.
Стари луѓе, стари стебла
Селаните во западна Африка имаат во просек по околу 50 години. Многу млади луѓе сметаат дека нема перспектива во земјоделството поради слабите приходи. Само секој петти селанец во Гана е на мислење дека неговите деца ќе продолжат да ја водат неговата какао-плантажа. Помалку селани значат помала жетва, помала понуда, зголемени цени. Најмногу заработува трговијата на мало и државата.
Четири центи за табла
Притоа, работите би можеле да бидат многу едноставни. Ако чоколадото стане само малку поскапо, проблемот со сиромаштијата ќе се реши. Ако сега од цената за една табла чоколадо селаните добиваат по четири центи, тоа значи дека зголемување на цената за само 4 центи нив ќе им ги дуплира приходите.
Малку помага многу
До ваков заклучок доаѓа и студијата на Универзитетот Арканзас: Ако какао-производителите во Гана добијат само 50% повеќе пари, тогаш во земјата би можел да биде комплетно запрен детскиот труд. Дури и само мало зголемување на продажната цена би донесло полза, зашто детскиот труд би можел да биде спречен барем за работи кои се опасни, како на пример работење со мачети.
Борба со цени
Сѐ ќе беше поедноставно, да немаше борба со цени на компаниите - супермаркетите ја следат секоја промена на цената кај конкурентите, дури и од еден цент, и реагираат со пониска цена секогаш кога тоа е можно. Тука многу не менува дури ни чоколадото со печат „фертрејд“, за кое тон какао се плаќа по најмалку 2400 американски долари.
Крајно време е!
Но, фер трговијата барем гарантира дека се произведува во социјално подносливи услови, значи се добива соодветна плата, нема ропски услови, нема илегален детски труд, нема методи на работа штетни по здравјето. Значи, оној кој купува чоколадо со печат „фертрејд“ може да ужива во него со нешто помирна совест.