1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На зимските центри им е потребна сериозна модернизација

Костадин Делимитов29 ноември 2014

Зимските центри во Македонија ја губат битката со конкуренцијата во соседството. Инвестициите во инфраструктурата, но и обединување на туристичката понуда се решението, сметаат експертите.

https://p.dw.com/p/1Dww0
Фотографија: Gilly Norton

Зимските центри во Македонија добиваат сериозна конкуренција. По поевтината и поатрактивна понуда од Бугарија и Србија, сега и од Косово пристигнуваат најави за сериозни инвестиции во зимскиот туризам. Веста дека Брезовица на косовската страна на Шар Планина ќе прерасне во најмодерен зимски центар на Балканот, каде странски концесионер најавува инвестиција вредна речиси половина милијарда евра, е нова сериозна закана за домашните центри кои веќе со години „каскаат“ зад конкуренцијата. Бавната модернизација наспроти експресната изградба на луксузни центри во соседството, според експертите, е една од клучните причини што Македонија веќе со години регистрира намалување на бројот на ноќевања во домашните зимски центри:

„Бугарија изгради издржани зимски центри, нерасцепкани, концентрирани и тие веќе имаат полна репутација. Кај нас ние го изградивме Кожуф, меѓутоа комуникацијата до него ни е слаба. Поранешните центри, на пример Пелистер, исто така се соочува со проблемот на комуникативност и одржување на инфраструктурата. Имаше предлог за формирање на ски-центар на Галичица што е се‘ уште во фаза на физибилити студија, така што најзначајни центри остануваат Попова Шапка и Бистра. Нивото на квалитетот во хотелското сместување во Бистра се подобри и сега донекаде нивото е подобрено, но се‘ уште треба да се работи на обединување на туристичката понуда во Македонија, а не на расцепкување. Мора забрзано да се работи на реализација на најавените планови за модернизација на некои од центрите“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Науме Мариновски.

Конкуренција, но и можност за сорабтока

Модерни хотели, брзи жичарници, дваесетина ски-лифтови, ски-патеки во должина од 100 километри. Ова е само дел од планот на странскиот концесионер за модернизацијата на Брезовица, која според планот на странскиот концесионер треба да стартува на средината на наредната година. Експертите предупредуваат дека на ваквиот проект не треба да се гледа единствено како конкуренција пред се‘ за Маврово и Попова Шапка, туку и како можност за соработка која може да донесе и бенефит:

Sar Planina, Mazedonien
Шар Планина - Брезовица на косовската страна на планината, според најавите, треба да прерасне во најмодерен зимски центар на БалканотФотографија: picture-alliance/ dpa

„Тоа секако ќе се одрази на конкурентноста на Македонија, но од друга страна може и да се комбинира со Шар Планина како досега. Брезовица и досега соработуваше со Попова Шапка и немаше некој антагонизам. Но за да се искористи и кај нас оваа најава потребни се инвестиции во други содржини, да се надополни понудата. Така што мислам дека конкретно оваа најава за Брезовица има и конкурентни и комплементарни карактеристики“, вели Мариновски.

Инвестиции од 30 милиони евра

Она што се најавува за Брезовица веќе одамна е во фаза на проект и за Попова Шапка, или барем делумно. По крајот на претстојната зимска сезона се очекува конечно да стартува реализацијата на мастер планот вреден 30 милиони евра. Ова е само дел од проектот на АД Електрани на Македонија чија идеја е Попова Шапка исто така да прерасне во еден од водечките зимски центри во регионот:

„Планираните инвестиции за реализација на првата фаза кои АД ЕЛЕМ ќе ги инвестира, според оваа студија, изнесуваат околу 30 милиони евра. Во оваа фаза, покрај веќе наведените проекти за кои се предвидува реализација до 2017 година, се и изградба на систем за правење снег за со 30.000 m³ акумулација електронски систем за печатење и евиденција на ски-билети административно – услужен објект планински ресторан за зимска и летна употреба. Во овој момент наш конкретен приоритет претставува довршувањето на правните процедури кои овозможуваат непречен тек на зацртаните градежни работи и моите лични очекувања се дека до пролетта 2015 година процедурите за комплетирање на неопходната документација ќе бидат завршени, а градежните работи ќе се одвиваат во полн ек веднаш по завршување на годинашнава скијачка сезона, согласно зацртаната динамика за изградба на клучните инфраструктурни содржини“, вели за Дојче веле Јованка Стојанова од ЕЛЕМ Турс.

Schnee im Iran
Фотографија: ISNA

Нова жичарница и проширени ски-патеки

Еден од капиталните проекти што ќе ја одбележи реализацијата на првата фаза од Мастер планот за развој на Попова Шапка е изградбата на шестоседната жичарница која ќе ја гради италијанската групација Лајтнер. Дел од активностите за поставување и изградба на жичарницата веќе се започнати, а големите градежни зафати е планирано да почнат пролетта 2015 година, веднаш по завршувањето на претстојната скијачка сезона. Паралелно ќе се прошируваат и ски-патеките кои во прва фаза ќе достигнат 18 километри. Во рамки на првата фаза, чија реализација треба да заврши во 2017, се предвидува и изградба на новиот хотел Славија и паркинг простор за над 300 возила.

Ништо без здрава стратегија

Податоците од последните години покажуваат постојан пад на бројот на ноќевања во домашните зимски центри, што е резултат пред се‘ на многу поволните понуди што ги нудат центрите во соседството. Состојбите полека се менуваат, но се‘ уште зимските центри кај нас се користат главно за дневно или викенд скијање. Туристичките работници предупредуваат дека освен инвестициите во инфраструктурата и сместувачките капацитети, за заживување на зимските центри е потребна и поголема промоција не само надвор, туку и дома: „Популаризацијата е една страна од приказната, потребно е многу повеќе не само од нас како приватен сектор, туку и од страна на државата за да можеме целосно да ја заокружиме понудата. Само со соодветна и здрава стратегија можеме да се надеваме на враќање на поранешниот сјај на зимските центри во Македонија“, коментира туристички работник.