1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Примирје во сила, но војната во Украина не е завршена

Бернд Јохан; Превод: Симе Недевски6 септември 2014

Проруските сепаратисти ги обвинија украинските сили дека го прекршиле договореното примирје. Мир во Украина нема да има сѐ додека Русија и натаму сака да ги менува границите, смета Бернд Јохан, во следниов коментар.

https://p.dw.com/p/1D84p
Фотографија: Reuters/Vasily Fedosenko

Дури и додека во главниот град на Белорусија - Минск, спротивставените страни преговараа за примирје, во источна Украина и понатаму траеа борбите. Со силна руска поддршка бунтовниците во изминатите денови го ширеа фронтот кон стратешки важниот град Мариопол јужно од Доњецк. Под таков силен воен притисок Киев се согласи на примирје. За луѓето кои и натаму се во таа област тоа е добра вест, но и за војниците на украинската војска која се брани.

Украина нема избор. Таа всушност капитулираше пред руската надмоќ. Премногу е моќно учеството на Русија со тенкови, ракети, и се’ поголем број војници. Цинично и лажно Кремљ и понатаму негира вмешаност. Но, дека води војна против Украина, тоа е во меѓувреме и документирано. Заробени се руски војници, а загинатите се закопани на руски гробишта. Храбрите руски медиуми и Здружението на мајки на војници во меѓувреме известуваа за тоа дури и во Русија.

Порошенко преговара правилно и од нужда

Украинскиот претседател Петро Порошенко за примирје донесе одлука во нужда. Но, таа е разумна и нема алтернатива. Војната по воен пат не може да се добие. Порошенко го знае тоа и поради тоа тој сака да престане убивањето. Но, Русија за тоа има и цена: Областите Доњецк и Луганск остануваат во рацете на бунтовниците. Според желбата на Кремљ треба да биде воспоставена „безбездносна зона“ од која мора да се повлече украинската војска. На тој начин Русија би била поблиску до својата цел. Конфликтот би можел да биде замрзнат, а областите долгорочно би биле одземени од контрола на Киев.

Порошенко во земјата сега трпи критики, па и од сопствената влада. Со извештаите за успесите военото раководство некое време се хранеше со надеж за воено решение. А, против одлуката на Порошенко не протестираат само националистичките групи. Многу Украинци се разочарани. Некои од нив дури Порошенко и неговата проевропска влада ги гледаат како губитници - и тоа треба да биде од полза за Кремљ, бидејќи таму веруваат дека неколку недели пред планираните парламентарни избори внатрешнополитичката клима во Украина ќе биде се’ повеќе загреана и оти демократските реформски процеси ќе пропаднат.

Deutsche Welle REGIONEN Osteuropa Ukrainisch Bernd Johann
Бернд Јохан, уредник на редакцијата на украински јазик во ДВФотографија: DW/P. Henriksen

Само пауза за одмор

За бунтовниците и руските специјални сили примирјето пред се’ значи „одмор“. Тие можат да ги зацврстат своите позиции. И можат да се прегрупираат, можеби дури и за нови воени напади на други области на истокот на Украина. Во тој смисол постои голема опасност доколку примирјето не успее да се претвори во долгорочен прекин на огнот.

Шефот на Кремљ Владимир Путин може со почетен истрел да означи почеток на нова агресија. Неодамна повторно ја доведе во прашање украинската државност. При тоа зборуваше за Новорусија, област која би можела да се протега од Доњецк и Луганск до Дњепропетровск и Одеса. Оваа област во 18. век по војната со Османлиското царство стана дел од руската империја. Посебни држави никогаш немало. А, Путин сега би можел да тежнее кон еден копнен појас, со кој би го поврзал припоениот полустров Крим, до кој сега од Русија може да се стигне само по воден и по воздушен пат.

Во ваква положба на Украина итно и’ е потребна понатамошна меѓународна поддршка. Веќе сега некои Украинци зборуваат за предавство и договор на Запад со Москва, бидејќи Европа и САД во воен смисол ги оставиле сами. Па дури и одбранбено вооружување, комуникациски сретсва и заштитна облека на Украина ќе и’ бидат доставени со колебање. Воената воздржаност од Запад е оправдана, бидејќи никој не сака војна со Русија. Но, Украина веќе нема право на таков избор, бидејќи таа е веќе во војна со Русија. А, примирјето не и’ стави крај на воената состојба.