1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пропагандна војна во Украина

Маркус Литике/Б. Георгиевски29 април 2014

Украинскиот премиер Јацењук ја обвинува Москва дека провоцира Трета светска војна. Рускиот претседател Путин, пак, него го нарекува фашист. Пропагандната војна во украинската криза е во полн ек

https://p.dw.com/p/1BpIS
Фотографија: Getty Images/Scott Olson

„Вистината е првата жртва на војната“- за тоа знаеле уште старите Грци пред повеќе од 2.500 години. Но, тоа сѐ уште важи и во светло на актуелната украинска криза: секоја од страните тврди дека се залага за избегнување на војната, но со сите сили настојува да ја контролира интерпретацијата на настаните. Дури и набљудувачите експерти имаат проблем да ја раздвојат пропагандата од фактите.

Во изминатите денови и недели има многу контрадикторни извештаи за активностите на руските војници и разузнавачи во источна Украина. Пред неколку дена, украинската влада на претставници на ОБСЕ им покажа фотографии од вооружени борци во регионот кои наводно им припаѓаат на руската армија и разузнавачки служби. На една од фотографиите беше човек со долга брада кој наводно бил препознаен како руски борец и во војната во Грузија во 2008. година. Украинската влада им ги испрати фотографиите на медиумите преку Фејсбук и Твитер.

Портпаролката на Стејт Департментот, Џен Псаки, ги нарече фотографиите „натамошна индикација за врската меѓу Русија и вооружените милиции во источна Украина“. Фотографиите секако ја потврдуваат западната верзија на настаните, а таа е дека вооружените групи на теренот се всушност руски војници. Официјална Москва ги демантира ваквите обвинувања.

Jen Psaki Sprecherin US Außenministerium
Џен ПсакиФотографија: SAUL LOEB/AFP/Getty Images

Фабрикувани докази

Новинар на магазинот Тајм успеа да го пронајде забрадениот борец, Александер Мосхаев, во градот Славјанск. Тој веднаш се согласи на разговор, а обвинувања дека е руски агент ги прими со потсмев. Тој потврдува дека е Русин, но никогаш не бил во Грузија, а во Украина пристигнал поради сопствениот национализам и желбата за авантура. Дури на новинарот му го покажа и својот пасош.

Кога изворите - без разлика дали владини, аналитички или од очевидци - се неточни, од клучна значење е истражувачката функција на медиумите, иако тоа е многу тешка задача во воен конфликт. „Големиот предизвик за медиумите е да фрлат светлина на маглата од пропагандата“, вели Хано Гундерт, раководител на мрежата Н-ост, која нуди независно известување за случувањата во источна Европа. Но, за граѓаните на Русија тоа е недостапно.

Војна на малите зборови

Многу медиуми намерно заземаат страна преку изборот на зборовите. За разлика од западните и украинските медиуми кои говорат за „преодна влада“ во Киев, провладините руски медиуми ја нарекуваат „пуч влада“. Градоначалникот кој едната страна го нарекува „градоначалник на народот“, за другата страна е „самопрогласен“. Ваквите разлики предизвикуваат различни мислења, слично како и изборот на субјекти и на експертски ставови. „Приемот на различни извори е најважен“, вели Гундерт. Тој тврди дека украинската медиумска состојба е поразновидна во однос на руската, меѓу другото и поради влијанието на движењето од Мајдан.

Alexander Mozhaev
Александер МосхаевФотографија: Reuters

Но руското јазично население во Украина се информира од руските медиуми. А тие, со ретки исклучоци, се на иста линија со Кремљ. „Руската телевизија одамна не се занимава со професионално новинарство“, вели Татјана Фелгенгауер, заменик главен уредник на радиото Ехо во Москва, кое, според многумина, е последниот бастион на слободното информирање во Русија. Таа вели дека Кремљ се обидува да наметне еднострано гледиште преку државните медиуми: „Фашистите се во Киев, а нашите пријатели се во источна Украина“.

Стратегијата на Москва се покажува успешна во Русија, Крим и делови од источна Украина. Од таа причина Гундерт не е изненаден од големата поддршка за Путин во Русија. „Важно е да се појасни колку е тешко таму да се излезе од медиумскиот мрак“, вели тој.