1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Русија користи делфини за заштита на својата флота

ЖА / дпа
28 април 2022

Русите користат дресирани делфини во војната против Украина, тврдат извештаи базирани на сателитски снимки од пристаништето Севастопол. Делфините можат да помогнат на пример во детектирање мини.

https://p.dw.com/p/4AaDd
Bilderchronik des Krieges in der Ukraine | Odessa | Evakuierte Delfine aus Charkiw
Фотографија: Vladimir Shtanko/AA/picture alliance

Според британски и американски медиумски извештаи, заради заштита на својата флота, руската морнарица користи дресирани делфини во Црното Море.

Извештаите се базираат на сателитски снимки на независниот Американски поморски институт (УСНИ), според кои на строго обезбедуваниот влез во пристаништето во Севастопол се видливи два подводни базени. Сателитските снимки укажуваат дека базените се создадени во февруари, отприлика во време кога Русија го почна нападот врз  Украина.

Според УСНИ, делфините може да се користат за одбрана од непријателски нуркачи во обид да продрат во пристаништето заради саботажни акции врз руските воени бродови, со оглед што многу од нив моментно се надвор од дострелот на украинските ракети. Делфините се тренираат и за деактивирање на мини, благодарение на нивниот исклучителен слух, овие морски животни се во состојба да откријат опасни предмети. Делфините можат да преземат и шпионски мисии, опремени со мобилни радарски уреди.

Американската служба за сателитски снимки Максар ги споделува проценките на експертите од УСНИ, таа им ставила на располагање свои соодветни снимки.

Агентот бел кит"

Морските животни одамна се користат од страна на војската. Покрај Русија, и американската војска во време на Студената војна тренирала делфини и морски лавови, користејќи ги против заканите под вода. За време на кулминацијата на Студената војна, секоја од двете страни во акција имала по преку 100 делфини.

Пред неколку години се појавија фотографии на кои се гледа веројатно дресиран бел кит кај Норвешка, на кој е забележана инсталирана опрема - тој стана познат како руски шпион или „Агентот бел кит“.

Американскиот поморски институт со седиште во Анаполис, во сојузната држава Мериленд, тврди дека советската армија за време на Студената војна развила повеќе програми за користење морски животни, меѓу кои и една со дресирани делфини во воени цели во близина на  Севастопол.  По распадот на Советскиот Сојуз, програмата преминала кај украинската армија, а потоа повторно се нашла кај Русија: како последица на руската анексија на полуостровот Крим во 2014 година, трупите на Кремљ ја повратиле контролата врз црноморската „армија" на делфини.

Сателитски снимки уште во 2018 година укажувале на користење на делфините од страна на руската армија и во  сириската војна,  тие тогаш биле стационирани пред сириското воено пристаниште Тартус.