Се заканува нова ескалација во Украина
6 јуни 2015Во последните недели човек барем малку можеше да се убедува дека состојбата во источна Украина некако се смирува. Додуша, таму стационираните набљудувачи на ОБСЕ секој ден јавуваа за инциденти долж линијата на прекин на огнот, но тешко оружје се употребуваше само ретко. Сега, привидниот мир е минато. Борците на т.н. „Народна Република“ Доњецк, кои имаат поддршка од Русија, со тенкови и ракетни фрлачи тргнаа во голем напад долж еден од најважните патишта кон запад. Големиот напад би можел да служи за подготовка на нова голема офанзива од која веќе подолго време се стравува во регионот.
Се‘ уште никој не сака да зборува за пропаст на договорот од Минск, постигнат пред четири месеци. Се зборува за кршење на договорот. Западните политичари изразуваат загриженост и предупредуваат од нова спирала на насилство. Тоа го прават од почетокот на конфликтот. И постојано, како што се чини, си ја претставуваат состојбата подобра отколку што е. Дали договорот од Минск воопшто може да функционира? Дали мировен план е реален ако дури и само една од страните во конфликтот нема интерес да се држи до договорените цели?
Нема простор за согласност
Единствените две работи од договореното во Минск до кои страните до извесен степен се држеа во изминатите месеци се кршливо примирје и делумно повлекување на тешкото оружје. Досега ни бунтовниците, ниту Киев, не направија сериозен обид за подлабок дијалог. Украинската влада не сака да ги признае како партнер за разговори самопрогласените претставници на „народните републики“. Тие луѓе можеа да ја преземат власта само со насилство и политичка и воена поддршка од Русија. Борците бараат „Новорусија“ на украинско тло. Како може да има простор за согласност, кога дури и во Минск е договорено зачувување на државниот интегритет на Украина?
Русија до денес негира дека е страна во конфликтот. Но де факто има руска инвазија во Украина. Таму се заробени војници од Русија, многумина веќе ги загубија животите во Украина. Темата е толку бризантна што во Русија неодамна беше донесен нов закон. Според него, веќе не смее да се известува за условите под кои припадниците на армијата го загубиле животот. Значи, држење во тајност како Русија навистина да се наоѓа во војна. И така и е. Неодамна долги колони руски тенкови стигнаа на украинската граница. Новинарите можеа да ги фотографираат.
Мора да се подготват нови санкции
Многу индиции зборуваат во прилог на тоа дека во источна Украина се подготвува голема офанзива. Ако дојде до такво нешто, тогаш договорот од Минск навистина би бил само хартија. Во Украина нема напредок ако работите се разубавуваат. Ништо не укажува на тоа дека Москва или проруските бутновници се откажале од својот воен курс. Така не може да се стигне до мир. Украина може само да предупредува и да се вооружува со оглед на „колосалната закана“ како што ја нарече претседателот Петро Порошенко во огнениот говор во парламентот во Киев.
Очите сега се насочени кон претстојниот самит на Г7 во Германија. Грешка ли е што Русија не учествува на овој самит? Дури и некои германски политичари застапуваат ваков став. Но во тоа грешат. Во баварскиот замок Елмау не може да се разговара со шефот на Кремљ - Путин, без притоа да се има согласност од Украинците. Едноставно, Г7 не е соодветен формат за решение на конфликтот.
Но средбата мора да се искористи за да се договори натамошната стратегија на Западот. Би било исправно и натаму да се задржи дипломатски дијалог со Москва. За такво нешто е неопходно продолжување на процесот од Минск, иако тој одвај дека функционира. Зашто, за него нема алтернатива, освен - војна. Истовремено, на Русија мора јасно да и‘ се стави до знаење дека секаква натамошна ескалација неизбежно ќе доведе до заострувањена западните санкции. Разубавување на работите не помага!