1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стара приказна во пресрет на Нова Година во парламентот

Костадин Делимитов
28 декември 2020

Народните избраници се како на копче, но само за лидерите. Тоа што се случува во законодавниот дом среде сериозна здравствена и економска криза, е недозволиво и мора да се менува, предупредуваат упатените.

https://p.dw.com/p/3nGqb
Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

Многу блокади и кавги, малку конструктивност и единство. И со нов пратенички состав, македонскиот парламент продолжи да пее стара песна. Исто како и минатата, и крајот на оваа година е во знакот на бесконечни расправи и блокади за суштински закони и проекти.

Ако лани беа проблем законите во функција на изборите, годинава, среде пандемија и тешка здравствена и економска криза, се проблематизираа парите, мерките за помош на граѓаните и стопанството за преживување на најлошото. Проблем се и пописот, деловникот, изборниот законик, проектот за решавање на спорот околу гасификацијата на државата...

Стартегијата на опозицијата со илјадници амандмани да блокира сѐ што не е по нејзин ќеиф кулминираше во текот на викендот со маратонската целодневна расправа за решение на спорот за ГА-МА. Циркусот продолжува денеска попладне и е неизвесно како ќе заврши. Притисната од тенкото мнозинство, власта апелира на сериозност и одговорност, опозицијата пак критикува за криминал и некадарност. Експертите се загрижени што наместо конструктивност, законодавниот дом се претвора во генератор на сериозна криза:

„Ние немаме избрани пратеници, туку партиски платеници, кои под закрила на партијата не ги следат интересите на граѓаните, туку на лидерите, и кај едните и кај другите. Како ќе дојде наредбата од горе, таа мора да се испочитува. Дали е тоа оправдана или неоправдана, дали е во интерес или не е во интерес на граѓаните, нив не ги интересира. И затоа имаме најполаризиран парламент. Ние не видовме ниеден пратеник да размисли со своја глава. Срамота е за нив како персони, како индивидуи. Имаме закони кои се потребни да се донесат, а тие, гледаме, се блокираат", предупредува универзитетскиот професор Јове Кекеновски.

 Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
И со нов пратенички состав, македонскиот парламент продолжи да пее стара песнаФотографија: Regierung Mazedonien

Во услови на постојани блокади и кочења на закони, кои среде криза ја ставаа под прашање и помошта за граѓаните и стопанството, за експертите е лицемерно за одредени не толку суштински прашања да се демонстрираат мускули, па дури и да не се спие:

„Како можеа кога се работи за партиите, за нивниот интерес, за да добијат пари од буџетот, да гласаат сите и да покажат единство. А кога се работи за државен интерес, ако тоа не одговара на лидерот и на раководството, да не се оди да се гласа, или упорно да се гласа иако е во спротивно на интересите на граѓаните. Ова е брука и срамотилак! И крајно време е да им се даде поголема слобода на пратениците, односно да се смени изборниот систем. Да имаме мнозински изборен систем, каде граѓаните ќе го бираат пратеникот, а не да го поставува лидерот. Да се знае кој од каде доаѓа, кој го избрал, зошто го избрале и пред кого да одговара. Вака, кого ќе повикате од листата на одговорност?“, реагира Кекеновски.

Собранискиот циркус доживува кулминација, додуша не како истиот период во 2012 година, кога пратеници се исфрлаа на раце од собраниската сала за да се обезбеди носење на буџет по мерка на тогашната власт. Тоа што сега амбиентот е малку поинаков, според експертите, не значи ништо посебно, оти јавноста и натаму е сведок на неодговорност која не носи ништо добро за граѓаните и државата:

„Ако имаме неодговорен парламент со условно кажано неодговорни пратеници, тоа значи по автоматизам дека мора да имаме и неодговорна влада, исто така и неодговорни институции, јавни служби и сервиси. Затоа ситуацијата во државата ни е таква. Токму поради тоа и надворешни, независни експерти и познавачи ни укажуваат дека 90% не сме свесни какви ресурси поседуваме и како треба да ги испланираме и управуваме. А ние што правиме, водиме политика од денеска за утре, на лидерите им даваме сила, а барем да беа некакви лидери, но за жал тие се под просекот“, предупредува политичкиот аналитичар Мерсел Биљали.

Parlament in Skopje Mazedonien Umbenennung zu Republik Nordmazedonien
На дневен ред на денешната седница се над четириесетина закони, од кои неколку и со европско знаменцеФотографија: Reuters/T. Georgiev

Во услови на здравствена и тешка економска криза излезот од оваа мрежа, според него, нема да биде ни малку лесен. И тој, како и Кекеновски, смета дека е крајно време за промена на изборниот модел:

„Нашиот политички амбиент не дава можност на луѓето со идеали, тие не се посакувани на ова ниво на политичка култура. И затоа цело време се вртиме во круг. Реално мора да признаеме дека имаме системска грешка од моментот кога беше воведен пропорционалниот изборен модел. Со мнозинскиот модел сепак пратеникот мора да биде во контакт со граѓаните, а се соочува и со реална конкуренција на кандидати. Тој знае дека само граѓаните каде што живее може да го назначат за пратенички мандат и никој друг. Со овој модел само им се дава сила на лидерите на политичките партии, нивните и интересите на групите околу нив“, реагира Биљали. 

Колку и што сѐ чека на дебата и усвојување во Собранието до крајот на годинава покажува списокот од денешната собраниска седница. На дневен ред се над четириесетина закони, од кои неколку и со европско знаменце. Меѓу нив и законот за попис, кој уште недонесен од страна на опозицијата беше оценет како вовед во фалсификат. Премиерот Зоран Заев викендов во телевизиско интервју ја повика опозицијата на конструктивност и единство за навреме да се донесат законските проекти во интерес на граѓаните.