Трамп во Ријад, дома продолжува истрагата за „руската врска“
20 мај 2017Американскиот претседател, како што тврдат медиумите, на својата контроверзна средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во минатата недела, отпуштањето на шефот на ФБИ, Џејмс Коми од претходниот ден, го опишал како големо олеснување. „Поради Русија, бев ставен под голем притисок. Сега тоа е завршено“, изјавил Трамп. Весникот „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на наводен интерен записник, пишува дека притоа Трамп за Коми го употребил изразот „луд човек“.
Ова дополнително ја вжештува дискусијата: дали Трамп со отказот на директорот на Федералното истражно биро извршил попречување на правдата, а кај критичарите се зацврстува сомневањето дека Трамп имал или има блиски контакти со руската влада.
Трамп и неговите соработници изминативе денови даваа различни и во голем дел противречни информации за причините за отстранување на Коми. Трамп самиот во едно интервју истакна дека со отпушатњето на екс-шефот на ФБИ ја имал во вид и „онаа работа со Русија“. Освен тоа, некои извештаи велат дека во февруари наводно Трамп го притискал Коми да ја прекине истрагата против бившиот советник за национална безбедност, Мајкл Флин поради неговите дубиозни контакти со Русија.
Коми во меѓувреме дал согласност да сведочи пред надлежниот комитет за разузнавaње во Сенатот околу истрагата за руските конекции на изборниот тим на Доналд Трамп и евентуаленото влијание на Москва врз претседателските избори во САД.
Портпаролот на Белата куќа Шон Спајсер не ги демантираше медиумските извештаи, упатувајќи критика кон Коми за „дигање прашина и политичко обременување на истрагата“, со што се создал „непотребен притисок“ врз владата на претседателот Трамп. Таа на овој начин била во значителна мерка ограничена во можноста да преговара со Москва за теми како конфликтот во Сирија и во Украина, како и борбата против терористичката милиција Исламска држава, а во овие прашања Трамп остапнува на својата цел - договор со Русија, изјави Спејсер.
Средбата на Трамп со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и рускиот амбасадор Сергеј Кисљак веќе претходно ги разбранува духовите. На неа наводно Трамп на руските претставници им предал строго доверливи тајни информации, кои се однесуваат на џихадистичката Исламска држава, а потекнуваат од пријателска тајна служба, која не дала дозвола за нивно проследување на Русите. Се претпоставува дека бризантните информации потекнуваат од Израел.
Трамп пак се наоѓа на својата прва меѓународна турнеја, која почнува во Саудиска Арабија. Во негова придружба се сопругата Меланија, ќерката Иванка и зетот Џаред Кушнер. Трамп ќе патува и во Израел, Ватикан, Брисел и Сицилија.